Бог не нѐ остава без утеха

Loading

Г. Хризостом, Митрополит на Патра

hrizostom patraКако што одиме кон големиот празник на Рождеството Христово и се подготвуваме да го воспееме вочовечениот Бог, да размислиме колку нѐ засака Бог, и колку нѐ сака, и покрај нашите многу гревови и нашето отпаѓање од Него. Фактот дека Бог стана човек, е уверување на Неговата обилна љубов кон нас. Светиот Јован Златоуст ги става во устата на нашиот Господ овие трогателни зборови:

„За тебе бев плукан, бев удиран, се одреков од својата слава, Отецот Го оставив и дојдов при тебе, што ме мразиш и се одвраќаш од Мене и не сакаш ниту да го слушнеш моето име. Се трудев и успеав да те придобијам, да те соединам, да те врзам со Себе. Јади ме, реков, пиј ме. И горе те имам и долу сум врзан со тебе… Не само што се соединувам со тебе, но се врзувам, бивам јаден, се истенчувам до најмалку, за растворањето, мешањето и соединувањето да биде совршено“ (15та беседа на 1.Тим.)

Трогателни зборови, кои го изразуваат крајното снисходење на Бога и крстнопожртвуваната љубов Негова кон Неговите творби.

Но, додека Самиот „се смалува и меша со нас“, ни има дадено и друга можност за утеха. Ја имаме Неговата Пресвета Мајка, мајката на сите нас, која што е охрабрување и покров наш. Ги имаме светителите, коишто за нас се утешители, после Утешителот. Светителите во секоја епоха се светила на светот и сол на земјата. Не само што трогнуваат и вдахновуваат со нивните подвизи и со нивните свети животи или мачеништва, но го поддржуваат измачениот човек со нивните молитви и молби.

Ниту една епоха не остана без светители. Па според тоа ниту еден човек не остана некогаш без утеха. Близу до древните Божји исцелители, нови се додаваат, близу до првите и до средните и оние од последните времиња.

Се радуваме на веста за неодамнешната канонизација на преподобниот Порфириј Капсокаливит. Ден на радост и нова веселба е празникот, првиот официјален на свештениот и светлоносен негов спомен.

Многумина го знаеја одблизу. Мноштво добија полза од неговите совети. Беа помилувани од неговите молитви. Додека живееше даваше надеж, оптимизам, утеха од неговите очи полни со светлина и неговото светло лице, коешто зрачеше со Божјата благодат.

Болката на ближниот стануваше негова болка, и солзата на секој тажен беше пренесувана од преподобниот Порфириј молитвено кон Бога.

Немаше материјални богатства. Беше слободен од врските на овој свет. Беше едноставен, полн со добрина, полн со љубов.

Доби од Бога дар на прозорливост. Тоа беше неговиот дар, не само за него, туку за охрабрување на луѓето. Во времето кога се излади љубовта на мнозина, кога еден со друг не сакаат да се видат, кога не си ги знаат имињата, и дури и не сакаат да го изговорат името на другиот, тој, триблажениот, ги знаеше луѓето уште пред да ги види. Поради тоа и кога го посетуваа, им посакуваше добредојде со нивното име. „Добредојде, Јорго… Јани… Марија… Седни до мене“.

Како што ми раскажуваше еден благочестив човек, кога го посетил со своето семејство отецот Порфириј, тој зборувал со децата по име. Малечката ќерка, сега веќе голема, беше зачудена и му посведочи на татка си, велејќи: „Тато, од каде ме знае ова попче, кога не ме има видено никогаш досега?“

Во овој тежок век, со многу проблеми, во овој свет кој сака да ги пресече крилјата на оптимизмот и на надежта, Бог не нѐ оставил. Среде мракот блескаат светила, и древните и современите светители. Среде мракот на безнадежноста, доаѓа надежта и го прогонува стравот и болката на душата.

Среде многуслојната криза и недостатокот од љубов, доаѓа топлината на Божјата благодат, доаѓа топлината од молитата на светителите. Доаѓа освежувањето од Светиот Дух среде благодатните мошти нивни, за да нѐ утеши. Доаѓаат молитвите на нашите светители, коишто се инструменти на Божјата благодат. Нека биде благословено името Господово, од сега па до вековите.

Превод од грчки јазик:

Свештеник Јани Мулев

Изворник:

http://www.agioritikovima.gr/eipan/34419-de-mas-afinei-a

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *