Праведниот Авраам

Loading

(1.Мојс. 12-23)

Авраам е повикан од Бога да оди во ветената земја, заедно со Сара, неговата неплодна жена и неговиот внук од брат – Лот. Постојано е искушувана неговата вера, и сите кои имаат таква вера, се негови чеда.

Авраам штом влегол во земјата Ханан најпрво му ја посветил земјата на Бога, со тоа што изградил жртвеник на тоа место.

Поради големиот глад заминуваат во Египет, каде што излагал дека Сара му е сестра, за да не го убијат, а Бог го казнува фараонот, оти сакал да му ја преземе неговата жена. Го ослободуваат со многу подароци и богатство.

Авраам и Лот се делат помеѓу себе, Лот ја одбира подобрата и поплодна земја, избира полесен живот, каде што луѓето многу грешат (во Содом и Гомор), а Авраам карпестата земја, суровиот живот, но Бог го благословил Авраама повеќе.

Бог му се јавува во вид на три ангели-патници, и му ветува дека ќе имаат пород, а Авраам со цврста вера го прима ветувањето, иако биле веќе во години.

Сара не верува дека ќе роди дете, па кога го чула ветувањето се насмеала, затоа му ја дава слугинката Агара на Авраам, и таа забременила од него. Од неа се раѓа Исмаил, предокот на денешните Исмаилќани (Агарјани) – муслимани.

Бог му се јавува пак, и му дава завет, дека ќе го умножи неговото семејство, но бара од Авраама да му биде верен и тој и неговите потомци; како знак на овој завет е обрезанието, кое трае сѐ до доаѓањето на Господ. Обрезувањето на делче од машкиот полов орган е знак дека оној кој се обрезува, целиот свој пород, сите кои од него ќе произлезат, Му ги посветува на Бога. Крштението во Новиот Завет го заменува обрезанието.

Бог му се јавува во вид на три ангели, му ветува син, потоа му најавува уништување на Содом и Гомор. Овде гледаме еден молитвен дијалог на Авраам кон Бог – како што се молитвите на светителите за нас. Авраам буквално се пазари со Бог, го моли по секоја цена да ги поштети грешните жители од Содом и Гомор, кои извршувале противприродни гревови и поради тоа го навлекле врз себе гневот Божји. Само праведниот Лот се избавува заедно со неговите две ќерки и неговата жена. Бог ги извлекол од градот на грешните овие чесни жители, и им рекол кога ќе излегуваат, што и да се случува зад нив, да не се вртат назад. Неговата жена од љубопитност се свртела и се претворила со солен столб. Ова е поука за покајанието. Штом ќе го оставиме стариот живот, штом ќе ги оставиме гревовите, никогаш повеќе да не се вртиме назад, да не се сеќаваме на нив, да не се враќаме на местата каде што сме грешеле.

Гревот на ќерките на Лот

Откако останале праведни помеѓу толку грешници, ќерките на Лот, се исплашиле дека целата земја е уништена и дека нема да можат да најдат мажи за да родат деца, па затоа решиле да го опијат својот татко и од него да забременат. После овој грев Лот се каел многу и како епитимија Авраам му дал три суви подгорени дрвца, да ги насади и да ги полева со вода. Кога раззелениле дрвјата, тоа знак дека гревот му е простен. Од тие три дрвја подоцна ќе биде направен Крстот Христов.

Исак се раѓа, го обрезуваат, а Сара бидејќи добила свој син – наследник, ги протерала Агара и Исмаил, но Бог ги заштитил и го благословил Исмаила, затоа што и тој бил дете на избраникот Божји Авраам.

Бог го испитува Авраама, и бара од него да го жртвува својот син. Иако со тешко срце, сепак Авраам имал цврста и непоколеблива вера во Бог, и затоа го зема својот син и се искачуваат на гората, каде што требало да го заколе. Но, Бог, откако видел дека Авраам има толку силна вера и доверба во Него, го спречува во намерата и му дава овен да заколе, наместо синот Исак. Авраам останува вечен пример за цврста вера, доверба и послушност кон Бог.

Сара умира и ја погребуваат во Хеврон, спроти Мамре. Авраам ја откупува гробницата од незабожечко племе и од благодарност им се поклонува до земја.

Свештеник Јани Мулев

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *