Блажен Аврелиј Августин, епископ Ипонски (354-430)

Loading

Аврелиј Августин – епископ, активен црковен деец, плоден црковен писател, авторитетен латински богослов. Роден е на 13 ноември 354 год. во градот Тагаста, во Нумидија (Северна Африка), во не многу познато семејство, од татко Патрициј (кој пред смртта се крстил во 371 год.) а мајка му, света Моника, потекнувала од христијанско семејство и била пример за добродетелна христијанка и посветена мајка. По обичајот од тоа време, Августин бил огласен од детството, но не бил крстен.

Августин добил добро образование, но поради недостаток од средства кај родителите, за плаќање на школувањето учествувале добротворци. Начелното образование Августин го стекнал во Тагаста, потоа го продолжил своето образование во граматичката и реторичка школа во соседниот град Мадавра (362-366). За продолжување на образованието во 369 год. идниот светител заминува во престолнината на Латинска Африка, градот Картагина. Овде Августин се предава на „распуштен живот“, и од незаконска врска му се раѓа синот Адеодат (дијалогот „За учителот“ е посветен на разговор со него).

Читајќи го Кикерон, Августин се проникнува од „љубов кон мудроста“, меѓутоа Светото Писмо не остава на него добар впечаток (тоа често го објаснуваат со грубоста на неговиот современ превод – Итала). Овде започнува неговото привлекување кон манихејството, кое траело околу 10 години. По завршувањето на образованието во 373 год. тој се враќа во Тагаста, каде што предава граматика и реторика. Во следната година Августин стигнува во Картагина и таму продолжува предавање и научна дејност. Во тоа време Августин се зафаќа со својот прв литературен философски опит – го пишува трактатот „За прекрасното и соодветното“ (De pulchro et apto), денес изгубен. Восхитеноста од манихејството постепено поминува, Августин почнува да ја осознава неговата неодржливост. Скептицизмот на Новата Академија, како и неоплатонизмот стануваат нова атракција за следните интелектуални интереси на Августин.

Меѓутоа, Августин во 383 год. заминува во Рим, предава реторика, а потоа во Медиолан, каде набрзо станува официјален ритор. Овде во Медиолан Августин се запознава со големиот богослов и светител еп. Амвросиј и ги слуша неговите проповеди, што го враќа Августина кон христијанството. Подготвувајќи се за примање на крштение, тој се оддалечува од светските работи.

Наскоро по примањето крштение на Августин, умира неговата мајка, блажената Моника, која го дочекала обраќањето кон Христа на својот син, за кого цел живот се молела. Потоа во есена 388 год. новопросвештениот Августин се враќа во родната Тагаста, го дарува сиот свој имот на локалната црква и почнува да води строг подвижнички живот. Славата на Августин како учен богослов и подвижник се распространува низ цела Африка, и во 391 година општината на градот Хипон (Ипон), каде што тој бил во случајна посета, настојувала на неговото ракополагање во призвитерски чин. Во Хипон новиот презвитер се занимава со учителство и проповед, помагајќи му на престарениот епископ Валериј.

Во времето на своето презвитерство Августин го основа првиот во Нумидија манастир. Исто така се занимава со толкување на Светото Писмо и на полемика со манихеите. Во 395 година епископот Валериј го прави Августина свој викар. Во следната година по смртта на Валериј Августин е устоличен на Ипонската катедра и останува на неа во текот на 35 години, до самата смрт.

Времето на епископство станува за блаж. Августин време за пишување на огромен број дела од догматски, егзегетски, апологетски и пастирски карактер, тој произнесува мноштво проповеди. Во 397-400 год., тој на барање од светителот Павлин Милостив ја пишува својата позната автобиографска „Исповед“. Најзначаен догматски труд на Августин станува напишаниот во 400-415 год. трактат „За Троица“, кои изврши големо влијание врз развојот на западното богословие. Преживувајќи го заземањето на Рим од страна на Аларих во 410 год., епископот Ипонски од 413 до 426 го пишува монументалниот труд во 22 книги „За градот Божји“, посветен на проблемите на историјата и односот на Царството Божјо и земското царство.

Богословската и црковна дејност на еп. Августин може да се раздели на неколку етапи според основните насоки на неговите полемики. Почетната етапа – доволно успешната полемика со манихејството. Августин водел многу спорови со манихеите и напишал многу богословски работи на таа тема. Следната етапа била долгата и упорна борба со тогаш распространетиот донатистички раскол во Африка. Ипонскиот епископ развива широка полемика со расколниците, во 411 год. со негови заложби е свикан собор во Картагина, кој донел осуда за донатистите. Во борбата со расколот блаж. Августин добива поддршка од царската власт, од што произлегува и конечна победа на Црквата над расколниците.

Нова етапа во дејноста на светителот станува борбата со учењето на британскиот монах Пелагиј. Во 412 година Картагинскиот собор го осудува следбеникот на Пелагиј, Целестиј, а новиот Картагински собор во 416 година повторно го осудува Целестија, а исто така и самиот Пелагиј. Меѓутоа односот на Рим кон Пелагиј бил нејасен, и дури по Великиот Картагински собор во 418 год. пелагијанството наоѓало многу следбеници. Во полемиката со нив Августин го формулира учењето за значењето на благодатта во делото на спасението, познато како учење за предодредувањето. Имено во таа точка мислењето на Августин содржи најголем број спорни позивии и е несогласно со учењето на Источната Црква. Учењето на Августин се корегирало понатаму, на пример, од страна на преп. Јован Касијан, кој учи за синергијата на Божјата благодат и слободната волја на човекот во делото на спасението. Како резиме на сета полемичка дејност на Августин е делото „За ересите“ (428-429 год.), каде што дава кратка карактеристика на 88 ереси, почнувајќи од Симеон Маѓепсникот и завршувајќи со пелагијанството. Ревидирајќи ја сета своја литературна дејност, еп. Августин во 426-427 год. пишува „Преглед“ во два дела, каде што ги каталогизира и критички ги оценува своите 93 дела.

Во 426 год. еп. Августин, ослабен од болести и старост, го избира за свој наследник презвитерот Иераклиј, кому и му предава дел од своите обврски. Во 430 година Ипон го зазеле вандалите кои од Шпанија навлегле во Северна Африка.  За време на окупацијата еп. Августин се разболел и на десеттиот ден мирно се упокоил на 28 август.

Во Западната црква почитувањето на Августин како светител почнало рано и било многу раширено. Во источните месецослови неговото име било вклучено дури во 19 век. Во рускиот месецослов неговиот спомен бил внесен веројатно според „Синаксарот“ на преп. Никодим Светогорец и се празнува на 15 јуни. (Во Грчката православна црква се слави како светител, додека, пак, кај нас, и кај многу други помесни цркви – не).

 

Дела

 

Автобиографски:

1. Исповеди (13 книги);

2. Прегледи (2 книги);

Философски:

3. „Против академиците“;

4. „За блажениот живот“;

5. „За поредокот“;

6. „Монолози“;

7. За бесмртноста на душата;

8. За музиката;

9. За количината на душата;

10. За учителот;

Апологетски:

11. За вистинската религија;

12. За ползата од верата кон Хонорат;

13. За верата во невидливото;

14. За градот Божји кон Маркелин;

Полемички:

15. За ересите кон Кводвултдеус;

Антиманихејски

16. За моралот на католичната и за моралот на манихеите;

17. За слободното решение;

18. За Книгата Битие против манихеите;

19. За двете души против манихеите;

20. Против Секундин манихејот;

21. Расудувања против Фортунат манихејот;

22. Против Адамант, ученикот на манихеите;

23. Против посланието на манихеите, наречено Основно;

24. Против Фавст манихејот;

25. Против Феликс манихејот;

26. За природата на доброто против манихеите;

Антидонатистички

27. Псалм против Донат;

28. Против посланието на Парменијан;

29. За крштението против донатистите;

30. Против Крескониј граматик;

31. Кратко изложување на спорот против донатистите;

32. Против донатистите по спорот;

33. Против текстовите на Петилијан;

34. Препирки со Емерит, епископ на донатистите;

35. Против Гауденциј, епископ на донатистите;

Антипелагијански

36. За казната и отпуштањето на гревовите, а исто така и за крштението на децата кон Марцелин;

37. За Духот и буквата кон Марцелин;

38. За природата и благодатта кон Тимасиј и Јаков;

39. За делата на Пелагиј;

40. За Благодатта Христова и за првородниот грев против Пелагиј и Целестиј;

41. за бракот и похотата кон Валериј;

42. Против двете посланија на пелагијаните;

43. Против Јулијан пелагијанецот;

44. За душата и за нејзиното потекло;

45. За благодатта и слободното решение кон Валентин;

46. За укорот и благодатта;

47. За предопределувањето на светиите кон Проспер и Илариј;

48. За дарот на упорност (во доброто);

49. Против вториот одговор на Јулијан, незавршено дело;

Антиаријански

50. Против проповедта на аријаните;

51. Спор со Максимин, епископот на Аријаните;

52. Против Максимин;

Други

53. Против непријателството на законот и пророците;

54. Кон Орозиј против присцилијанистите и оригенистите;

55. Расудување против јудеите;

Егзегетски

56. За Книгата Битие буквално (незавршено дело);

57. Толкувања на Псалмите;

58. Разјаснување на некои места од Посланието до Римјаните;

59. Подготвително разјаснување на Посланието до Римјаните;

60. Разјаснување на Посланието до Галатјаните;

61. За Беседата на Гората на Господ;

62. За христијанското учење;

63. Евангелски прашања;

64. Забелешки на Книгата Јов;

65. За согласноста на евангелистите;

66. За Книгата Битие буквално;

67. Расудување на Евангелието според Јован;

68. Расудување на Посланието на Јован до Партјаните;

69. Беседи на Седмокнижието;

70. Прашања во Седмокнижието;

71. Огледало од Свештеното Писмо;

Догматски

72. За 83 различни прашања;

73. За верата и символот (на верата);

74. За борбата христијанска;

75. За различните прашања до Симплицијан;

76. За Троица;

77. Енхиридион до Лаврентиј, или за Верата, Надежта и Љубовта;

Морално-подвижнички, посветени на разните прашања од духовниот живот

78. За воздржувањето;

79. За монашкиот труд;

80. За сопружничкото добро;

81. За светото девство;

82. За прорекувањето на демоните;

83. За ползата од постот;

84. За верата и делата;

85. За доброто на вдовството кон Јулијана;

86. За усовршување на справедливоста човечка;

87. За трпението;

88. Против лагата;

89. За прељубодејното сопружништво;

90. За почитувањето на починатите кон Павлин;

Пастирски

91. За обучувањето на огласените;

Проповеди

Писма (најважните)

За едното крштение против Петилијан (писмо 120);

За благодатта на Новиот завет до Хонорат (писмо 140);

За созерцувањето на Бога до Паулин (писмо 147).

 

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *