Послание на свети Атанасиј до Амун монах (во Египет)

Свети Атанасиј Велики, архиеп. Александриски

Loading

/За ноќното истекување/

Свети Атанасиј Велики, архиеп. Александриски

Сите созданија Божји се добри и чисти, бидејќи ништо некорисно или нечисто не создало Словото Божјо. „Зашто ние сме Христов мирис пред Бога за оние, кои се спасуваат“ (2. Кор. 2, 15), според апостолот. Но бидејќи стрелите ѓаволски се различни и многувидни, и тој прави мислата на незлобните да се вознемирува, и ги спречува браќата од вообичаеното вежбање (=подвиг), сеејќи во нив мисли нечисти и валкани, ајде накусо, со благодатта на нашиот Спасител, да ја истераме измамата на лукавиот и да ја утврдиме мислата на попростите. „За чистите е сè чисто, а за осквернетите и неверните нема ништо чисто; ним им се осквернети и умот и совеста“ (Тит. 1, 15). А се чудам на лукавоста на ѓаволот, што тој, како трулеж и пропаст, подметнува навидум чисти помисли, и тоа што го прави е повеќе замка отколку искушение. Бидејќи, како што реков претходно, да ги одврати подвижниците од вообичаеното и спасоносно учење, и навидум да ги држи во тоа, тој им поттикнува такви боботења (=стравови – Зонара), кои никаква корист не му донесуваат на животот, туку празни расправи и брборења, од кои треба да се оддалечуваме (2. Тим. 2, 23).

Бидејќи, кажи ми, љубен и најпобожен (брате), каков грев или нечистотија има некое природно истекување? Како кога некој би сакал да го смета за вина тоа што излегуваат мрсули од ноздрите, и плунката од устата; а уште можеме да кажеме и повеќе: излачувањата на стомакот, кои се неопходни за живот. И уште, „ако веруваме дека човекот е дело на рацете Божји“, согласно Божествените Писма (Псал. 137, 8), како можело од чиста Сила (Божја) да настане некое дело валкано? И ако „сме род Божји“, согласно Божествените Дела Апостолски (17, 28), ништо во себе нечисто немаме. Бидејќи, само тогаш се валкаме, кога го правиме најсмрдливиот грев. А кога неволно се случува некое природно истекување, тогаш, по природна неопходност, како што рековме, и тоа го поднесуваме.

Но, бидејќи некои сакаат да противречат на она што е правилно кажано, подобро речено на Божјите созданија, па го извртуваат и Евангелското слово, (кое вели): дека „не она, што влегува во устата, го осквернува човекот, а она што излегува од устата, тоа го осквернува човекот“ (Мат. 15, 11), потребно е да ја изобличиме и оваа нивна неразумност, бидејќи тоа (дури) не би го нарекол прашање. Зашто, најпрво, како неутврдени, тие по своето незнаење ги извртуваат и (Светите) Писма. А тој Божествен збор е ваков (по значење). Бидејќи некои, слично на овие, искажувале сомнежи околу јадењата, Самиот (Господ), разрешувајќи го нивното незнаење, т.е. изнесувајќи ја јавно нивната заблуда, вели: „не она, што влегува во устата, го осквернува човекот, а она што излегува од устата“. Потоа додава и од каде тоа излегува: „од срцето“, бидејќи знае дека таму се злите ризници на нечистите помисли и останатите гревови. А апостолот, научен на тоа, уште покусо вели: „Храната не нè приближува кон Бога“ (1. Кор. 8, 8). Затоа некој сега со право ќе рече: некое природно истекување нема да нè доведе до казна. А секако и лекарите – заради убедување на оние надворешните (луѓе) – ќе речат во одбрана на ова: дека на живото битие му се дадени некои неопходни излези, низ кои секој орган во нас го исфрла она што е вишок, како што вишок на главата е косата, и влажните излачувања (=потта), и празнењата од стомакот; значи и она (ноќно истекување) е вишок на сперматските извори. Според тоа, каков – во Името на Бога – грев е, богољубив старче, кога Самиот Господар, Кој го создал живото битие, сакал и ги создал овие органи да имаат такви излези?[1]

Но бидејќи треба да предупредиме на противењето на лукавите, бидејќи тие ќе речат: значи, не е грев ни вистинската употреба ако органите се создадени од Создателот; ние на тоа прашање ќе ги запреме, говорејќи: За која употреба зборуваш? За законската, која и Бог ја допуштил, велејќи: „Плодете се, множете се, и наполнете ја земјата“ (1. Мој. 1, 28)? Која апостолот ја прифатил, велејќи: „Бракот на сите треба да е чесен, и брачното легло – чисто“ (Евр. 13, 4). Или пак за онаа улична, која се случува тајно и прељубно? Бидејќи и во другите нешта кои се случуваат во животот, ќе најдеме разлики по тоа како се случуваат. Како (на пример): да се убива не е допуштено, но да се убиваат во војна непријателите и законско е и достојно за пофалба; бидејќи така најдобрите во војна се удостојуваат со големи почести, и споменици им се подигаат кои говорат за нивните подвизи. Па така едно и исто, според нешто и во некое време не е допуштено, а по нешто и во пригодно време е допуштено и дозволено. Таква иста смисла и во поглед на (телесното) соединување. „Блажен е оној, кој носејќи слободен јарем во младоста своја, се служи со природата за раѓање деца“ (Плач. 3, 27)[2]; а ако (се служи со природата) за неморал, го очекува казната, која апостолот ја напишал за блудници и прељубници (Евр. 13, 4). Зашто за ова постојат два пата во животот: едниот поумерен и поживотен, зборувам за бракот, а другиот ангелски и најсовршен – девственички. Ако некој избрал световен пат, т.е. брак, нема да има прекор, но нема да добие толкави дарови; но ќе (ги) добие, бидејќи и тој донесува (плод по триесет“ (Мат. 13, 8). А кој ќе го засака патот чист и натсветски (=прэuкрашеное), иако е остар (=стрмен) и тешкоостварлив пат (=девственоста) наспроти првото (=бракот), има меѓутоа и попрекрасни дарови, бидејќи израснува совршен плод по сто (Мат. 13, 8)[3]. Така нивните нечисти и лукави прашања добија свои решенија, порано веќе решени во Божествените Писма.

Значи, утврдувај ги, отче, поверените ти стада, од Апостолските зборови тешејќи ги, од Евангелските разгалувајќи ги, од Псаломските советувајќи, (и) говорејќи: Оживи ме според зборот Твој (Псал. 118, 17), а зборот Негов е: да Му служиме од чисто срце. Бидејќи, знаејќи го тоа, и самиот пророк, како самиот за себе да претскажува велејќи: „Срце чисто направи во мене, Боже“ (Псал. 50, 11), да не ме збунуваат нечисти помисли. И повторно Давид (вели): „И со Дух владичествен утврди ме“ (Псал. 50, 14), та, ако некогаш моите помисли и се збунат, крепката Сила од Тебе, како темел, нека ме зацврсти. Затоа и ти, вака и слично советувајќи, зборувај им на оние кои бавно се покоруваат на Вистината: „Ќе научам беззакониците на Твоите патишта“ (Псал. 50, 15). И надевајќи се во Господа дека ќе ги убедиш да се оттргнат од таквото зло, пеј: „И грешниците кон Тебе ќе се обратат“ (Псал. 50, 15). Оние кои од злокарактерност намерно прашуваат, нека престанат со таквата суетна работа, а оние кои од слабокарактерност се сомневаат, да се утврдат со Духот владичествен. Вие пак, кои сигурно ја знаете Вистината, држете ја цврста и непоколеблива во Христа Исуса, нашиот Господ, со Кого слава и моќ на Отецот, заедно со Светиот Дух, во вечни векови. Амин.


[1] Свети Атанасиј дотука во Писмото, т.е. во овој канон, докажува дека ноќното истекување на семе не е никаков грев, и не треба со тоа прашање да се замајуваат простите монаси, и христијани. Дотука овој канон е сличен со 4 канон на свети Дионисиј Александриски, кој Атанасиј сигурно го знае. Понатаму, Атанасиј одговара на тенденциозните, злонамерни прашања и приговори на некои: дали тоа значи и дека секоја употреба, т.е. истекување од половиот орган е без грев? На тоа Атанасиевиот претходник, свети Дионисиј Александриски, веќе одговорил, но така што дискретно оставил на свеста на секого да провери: дали тоа истекување е последица на гревовна состојба, блудна похота и сл., или природно нешто на организмот. Атанасиј овде истото тоа, но на друг дискретен начин кажува: дека природната употреба е само во брак од Бога благословена и дозволена, додека монасите – а Писмото им е упатено на монасите – избрале девствен пат и начин на живот. Крајот на Писмото е исклучително подвижничко-монашки: полн е со молитвена, добродетелна, светодуховска содржина. Општо, трезвеноста, мудроста и девственоста се карактеристика на писателот на овој канон. (види „јасно и преупешно толкување на генијалниот/7perfu1stato~ / Зонара“, како што вели и Валсамон, Svntagma 4, 70-76).

[2] Вториот дел од стихот на Плачот на Еремија 3, 27: „се служи со природата за раѓање деца“ не се наоѓа во познатите ракописи на текстот на Светото Писмо (ни МТ ни LXX), како ни зборот слободен од првиот дел на стихот. Текстот на стихот не е сосема јасен. P. Joannou го преведува: „Блажен е оној, кој слободен од секој јарем (=поробување) во својата младост, го употребува своето тело само за раѓање деца“. Овде во контекстот на свети Атанасиј поимот јарем (zug3~) значи брак, па блажен е оној кој во бракот не е поробен од страсти и злоупотреби, туку го користи природно само за раѓање деца.

[3] Очигледно е дека свети Атанасиј го фали бракот, но го издигнува монаштвото над бракот. Тоа е разбирливо кога му пишува на монах, на игумен на манастир, кому и понатаму му се обраќа.

Превод од српски:

Ѓакон Јани Мулев

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *