ПОУЧИТЕЛНО СЛОВО ЗА СВЕТИ АПОСТОЛ ТОМА

Loading

Свети Климент Охридски

Во шестиот месец од месец октомври, поучение од Климент, епископ Словенски, во чест на свети апостол Тома.

Да знаете, браќа, дека денес е празник на светиот апостол Тома. Да се соберете во црква на молитва, како што рече Господ во Светото Евангелие: „Каде се двајца или тројца, собрани во Мое име, таму сум и Јас среде нив“. Та, браќа, овде Самиот Господ, според Неговото ветување, се наоѓа помеѓу оние што му се молат. Заради тоа треба да доаѓаме во светава црква со чисто срце, без гнев и без злоба да му се помолиме Нему, молејќи пред сè простување на гревовите. Како што рече Господ: „Сè што ќе побарате во молитва со вера, ќе примите! Кога се молите – рече – не зборувајте во молитвите празни зборови, како што прават многубошците!“ Празно зборување е кога просите од Бога богатства, или висок чин, или победа над непријателите, или друго нешто земно. Но, првенствено просете го Царството небесно и неговата правда, а сè друго ќе ви се придодаде; зашто знае вашиот небесен Отец дека ви се потребни сите тие нешта.

Кога ќе празнуваме некој празник на светител, вака треба да го празнуваме: Првин треба да се уподобиме на нивната чистота и нивниот добар живот при угодувањето на Бога. А да Му се угоди на Бога и да биде примена молбата, вака треба: кога нелицемерно ги празнуваме празниците, кога не му угодуваме на стомакот и не ја поставуваме богато трпезата, туку да ги следиме во нивните свети дела. Со чистота да ја просветуваме душата своја и секогаш да ги држиме срцата чисти. Такво празнување сака Бог: кога патниците ќе бидат примени од нас, кога гладните ќе бидат нахранети, кога голите ќе бидат облечени, кога затворениците со милостина ќе бидат посетени, кога на сиромасите и болните ќе им укажеме секаква помош, кога на навредените ќе им се направи некаква помош, кога со смирение и нелицемерие, а со вистинска љубов еден со друг да се почитуваме. Тогаш и Бог ќе ни рече: „Да ви биде според верата ваша“. Тогаш и прозбите ваши ќе се исполнат и молбите ваши, искажани во молитва, ќе бидат чуени и примени. Со такви жртви – рече свети апостол Павле – Му се угодува на Бога. А пророкот за тоа рече: „Жртва на Бога дух смирен, срце понизно и смирено Бог нè отфрла“. И пак Господ рече: „Милост сакам а не жртви!“ И, откога сè ќе чуеме, браќа, да напишеме во нашите срца: секогаш да се поучуваме и да празнуваме празници во чест на Божјите угодници, зашто ним им даде Господ власт на Небото и Земјата да ги простуваат гревовите. Тие им даваат исцеление на оние што достојно ги почитуваат. Нивниот живот и нивните маки достојно почитувајќи ги, и самите да се подвизуваме и со добри подвизи да го завршиме (животов) и да ја зачуваме вистинската вера. Заповедите Божји секогаш да ги исполнуваме и да се поучуваме од нив. Во Црквата Божја да им оддаваме слава, да молиме простување на гревовите, стоејќи со страв не само да се воздржуваме од прекажувања, но и лошите помисли од срцата да ги изгонуваме. Да внимаваме во тоа што се чита и пее и со чисти усни непрестајно да ја славиме Света Троица: Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш, и во вечните векови. Амин.

 

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *