Црквата не е световна институција

Loading

Архимандрит Василиј Гондикакис, игумен на Иверскиот светогорски манастир

Црквата постои како непрестајно богојавление. „Кој Ме видел Мене, Го видел Отецот“ (Јован 14,9). И тој што ја видел Црквата, го видел невидливо присутниот со нас Богочовек Господ и Светиот Дух.

Нема разлика во начинот, на кој Црквата постои, поучува и богословствува. Троичниот начин на постоење ја конституира тајната на Црквата и е категорична проповед, којашто го убедува човекот дека Бог Отецот го сака светот, како што Го возљубил Синот. И тоа чувство за божествената љубов, коешто дава слобода, претставува неопходна, а истовремено и, природна атмосфера, во којашто човекот може да се развива.

На тој начин човекот верува, има доверба во Бога, бидејќи го преживува фактот дека е едно тело и еден дух со Богочовекот. Има органска врска со Него, како прачките со лозата. Доколку црковните институции ги организираме на световен начин, а го проповедаме Евангелието на духовен начин, тоа означува дека и двете (институција и харизма) се најповредени и не е сигурно дали се автентични.

Древното помина, еве, сè ново правам. Не е можно по стариот световен начин да се преживува новото, коешто зборува преку начинот на своето постоење и поведение. Ниту пак е возможно со привидно харизматично вдахновение – да се манифестира непроменливоста на верата.

На тој начин сè во Црквата е откривање на троичниот начин на постоење. И особено Евхаристиското богослужение – срцето на Црквата – е харизма, дар на Отецот преку Синот во синергијата на Светиот Дух. Доколку биде запазен богочовечкиот начин, тогаш неслиеноста и неразделноста на единството на двете природи во Христос се чува и простира како благослов во единството на вистината и животот, институцијата и благодатта, законот и слободата. Навидум спротивните работи постојано и непроменливо се надополнуваат. И во таа заедница ја разликуваме одржливоста, насекаде и до свршетокот на светот присуството на Богочовекот, Којшто продолжува да оди „во друг образ“ во полето на историјата; Он оди заедно со секого, којшто се подвизува, испитува или се чувствува, како да ја загубил надежта. Но не за да му даде магиско решение како опиум, коешто предизвикува лажни чувства, туку за да му ги отвори очите, да му подари чувства, целиот човек да стане едно сетило, за да види и да се научи на новиот живот и богословие, коешто го воздигнува човекот на небесата и Го симнува Светиот Дух на земјата, и го размешува троичниот квас во нашето тесто од земјена прашина.

Востановувањето на Црквата

Сè во Црквата те утешува и смирува, бидејќи ти го објавува крајното спијателување, коешто е почетна вистина и дејство на троичниот Бог. Во секој момент и во секој настан бесшумно ти се предложува сè божествено и човечко, сегашното и бескрајното. Кога Господ ги простува гревовите, Он дава и телесно здравје на болните. И за да покаже, дека има власт да ги разврзува гревовите, му вели на болниот: „стани, земи ја постелката твоја и оди си дома“ (Марко 2,11)

Сè во Црквата, во секој еден момент се случува на богочовечки начин. Открива топлина на пријателството во аскетската пустина. И живеејќи во љубов помеѓу браќата, ја чувствуваш слободата на отшелништвото. Кога во тој богочовечки свет велиш „послушание“ светиш од благодатта на слободата, во којашто одиш. Кога велиш „соединување и отшелништво“, преживуваш остварување на вистинското општење и соживот со сите. Кога размислуваш за Великиот Петок, се пренесуваш во далечното утро, во кое блеска воскреснатата светлина. А кога мислиш за смртта, гори радост во твоето срце, според зборовите на авва Исаак.

Црквата не е човечка, туку богочовечка институција. И начинот по којшто функционира, е потврдување и откривање на вечно присутниот со нас Господ. Човековите и световните институции (или духовните институции, коишто се организирани на световен начин) имаат за цел исполнување на плановите на своите началници; да ја зголемат нивната сила и влијание; да ја наметнат својата волја и да заробат што е можно повеќе луѓе, можеби со цел да ги спасат. Бидејќи тие, коишто мислат механички, се способни да си претстават спасение за човекот, но со прецртана слобода, т.е. на човекот кој самиот се прецртал.

Во тој востановен систем, којшто функционира на световен начин, механички, човекот или се потчинува и паѓа во состојба на суштество без волја, како наемник, додаток за машина или реагира како отпадник. Се одделува од институцијата, се обврзува со индивидуалното мислење, како преку него да го регулира својот живот и животот на луѓето, коишто можеби го следат.

Неопределеноста на слободата

Но кога човек ќе го загуби единството со Црквата, тој ја губи слободата. Зашто го губи своето вистинско јас, во коешто се сите други личности. Ниту една човечка институција, дури и да се нарекува црковна, не може да го раздели, одржи или да го задоволи човекот, којшто го носи во себе Божјиот здив, копнее „по далечното“, продолжението, по Христос. И не е можно човекот да чувствува спокојство со какво и да било ветување или световна перспектива, бидејќи тој копнее по недостапното и по човечки невозможното. Целата негова суштина вели „не“ на световно огранизираната институција, којашто привидно сака да го раководи кон тајната на животот и спасението.

За човекот добрата духовна институција, којашто функционира механички, е само онаа што не постои, која се распаднала или е готова да се сруши. Заради тоа Господ, Којшто го знае сето тоа, дојде и ги ослободи затворениците. Ја уништи заблудата. Ги преврти масите на трговците, коишто Божјиот храм го беа направиле место за трговија. Нè ослободи од клетвата на законот. А преку Неговото слегување во адот „оковите се раскинаа, вратите се скршија, гробовите се отворија, мртвите воскреснаа“.

И сите мртви излегоа надвор, на светлина. „Не остана мртов во гробот“. Он ја основа Црквата, којашто не е затвор (макар и со златни огради), туку е слободна и силна како љубовта до смрт. Таа е утроба на една друга мајка, поширока од небесата, којашто раѓа луѓе. И ние сме деца на слободната (Гал. 4,22), деца на слободата, којашто сме ја добиле преку послушанието кон Вистината на Бога, Којшто е Љубов.

И ако човечките институции се плашат од слободата на човекот и заради тоа ја осакатуваат и отфрлаат, тогаш Црквата раѓа слободни луѓе во Духот, Којшто го одржува животот на Црквата и „дува каде што сака и гласот Негов го слушаш, но не знаеш од каде доаѓа и каде оди; така е со секој човек роден од Духот (Јован 3,8). А камен на верата е неопределеноста на слободата, којашто преку љубовта е иста по сила на троичното личносно заедничарење.

Вистински облагодатени луѓе

Светителите не се чувари на законот, туку основачи на законот, според зборовите на свети Симеон Нов Богослов. Во основа, Црквата е харизматична и харизмите (даровите) на светителите функционираат како раководни закони за црковната плирома (полнота). Можеме да кажеме, дека не постојат облагодатени луѓе, туку стануваат такви, непрестајно се раѓаат. Тие се оние, коишто вистински ја спознаваат крајната немоќ на човекот и Божјата благост; останатите ги сметаат за добри и чисти; себеси се сметаат за победни од сè што е создадено; ја поседуваат благодатта на трепетното смирение на смирениот, на скрушениот; и како сунѓер ја впиваат благодатта; ги добиваат даровите на внатрешниот мир и просветленост; сето тоа не го сметаат како свој успех, ниту, пак, за погодни случаи за утврдување на својот авторитет, потценувајќи ги другите.

Тие се вчудовидени од неискажливата љубов на Бога и спонтано ги враќаат и ги даваат непосредно на Дарителот. Тоа ги прави достојни секогаш да добиваат нови дарови, поголеми, сесвети, духовни, како благослов за целиот свет. И продолжуваат да даваат големо значење не самите на себе, туку на Бога. И штом ќе видат, дека луѓето ги почитуваат, тие се збунуваат, не се чувствуваат убаво, се срамат. И се кријат во пустините или позади завесата на некое привидно безумство и јуродство. И наоѓаат мир. Живеат, набљудуваат и придонесуваат за благодатното обраќање во телото на црковната заедница.

Превод од бугарски јазик:

Звонко Алексов, студент на Теологија

Наслов на изворникот:

Архимандрит Василий Гондикакис,

Църквата не е светска институция

Православна светлина бр. 23

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *