Искушенија при воцрковување на младите

Loading

Свештеник Михаил Ходанов

Во врска со Црквата, честопати во светот се слушаат гласини дака таа „нема историска перспектива“, дека нејзиното безнадежно богослужение застарело и дека во црквата денес одат само болни, извитоперени луѓе и осамени стари баби. Некои „пријателски настроени“ новинари, на пример, дури и пророкуваат вака: „Деновите на вашата Црква се одброени“.

Вака излегува многу зајадливо, со елементи на тактиката „заземање преку  заплашување“.

Но: „Ќе ја изградам Црквата Моја, и вратите на пеколот нема да ја надвладеат“, рече Господ.

Денес во Црквата има многу народ. Секако, бројот на парохјани варира од парохија до парохија, но фактот си е факт – во споредба со осумдесеттите години бројот на луѓе значително е зголемен.

Што се однесува до возраста на луѓето, мораме да кажеме дека парохиите во целина забележително се подмладиле. И тоа е, несомнено, многу, многу позитивен аспект кој всадува голема надеж дека нашата младина, со време ќе се воцркови, ќе ја насочи својата сила и енергија со помош на православието во правец потребен за преродба на општеството.

Меѓутоа, младината си има и свои проблеми. Од една страна, во Црквата доаѓаат момчиња и девојки кои во разбрануваниот живот не ја изгубиле својата чесност и чистота, кои сакаат да му бидат верни на Бога, со искрено и добро настроение кон Црквата и нејзините правила, кои одат по краткиот и сигурен пат кон спасението. Ваквата младина, иако квантитативно е многу малубројна, сепак оди кон Христа на повикот од срцето и ја претставува нашата заедничка црковна иднина. Нејзе ì е својствена послушноста кон свештеникот, тежнеењето кон тоа, да се биде од полза во парохијата и вредно изучување на законот Божји. Задача со работата со овие млади луѓе е нивниот младешки максимализам, да не се насочи кон исправување на надворешните причини на оние глобални духовни проблеми во заедницата кои толку многу во почетокот ги бунат и притискаат, туку пред сè на поправување на самите себе. Веќе почнувајќи од себе и исправувајќи ги сопствените гревови, човекот со време ќе ја почувствува смислата и вкусот на вистинското христијанство.

Од  друга страна, постои и друга, поширока категорија на младина која доаѓа во црква. Тоа се таканаречените трагачи, за кои Православието е уште еден од моментите за потрага по вистината. Честопати тие веќе поминале преку интересирањето за будизмот, медитацијата, во окултизмот се задржале исто така во поголема мера, ги почувствувале на себе и влијанијата на политичките страсти, дисидентствата итн. Така што сиот нивни претходен псевдодуховен живот, останатите траги, амбиции и еклектика (избори и заклучоци) многу, многу пречат во правилното воцрковување и духовен раст.

Од средината на таквите луѓе (ако сепак тие останат во внатрешноста на православната вера) честопати настануваат либерали, обновленци, еретици, па дури и отворени богоборци. Причината е доста едноставна – наситувајќи се со таканаречениот слободен и неодговорен живот во светот, искусувајќи ги различните пријатни страсти, кои погрешно ги разбирале како исполнување на личната слобода и независност, тие, по правило, чувствуваат притисок заради црковната дисциплина и светоотечката православна аскеза – и отворено негодуваат заради тоа. За нив многу е карактеристична ладнокрвноста во молитвата, очигледното тежнеење кон фокусирање на вниманието на другите луѓе кон сопствената „слободољубива“ персона. За нив многу е типично и хипертропното мислење кое го имаат за себе. Тие не ги забележуваат своите гревови и не го чувствуваат сопственото пропаѓање. А ние знаеме дека само оној кој ќе се види себеси како страда од гревовите може да се соедини со Христа и воопшто ја чувствува потребата од Него како Спасител. Инаку, ако светот не страдаше од коренот, доаѓањето на Господа на земјата немаше да биде потребно.

Да се разговара со нив не е лесно. Тие, по правило, не се заинтересирани за своето воцрковување (оти тоа е тешка борба со страстите и таа гордост која во сите аспекти е толку пријатна…). Преку христијанството тие сакаат да добијат или барем сетилни емоционално–мистични егзалтации, или духовна власт над луѓето без примање на свештенството, за од нив подоцна да прават свои приврзаници. Денес е дојдено и до таму да се прават и обиди за формирање на „паралелни црковни структури“ како алтернативни постоечки Цркви Христови.

По патот кон Црквата се движат и претставници од деловната младина – млади бизнисмени кои активно сакаат денес да застанат на нозе, добро да заработат и да си обезбедат живот како на себе, така и на своето семејство.

За Црквата дознале неодамна, на брановите на перестројката  и модерната површна религиозност кои ја следеле. Црквата за некои од нив е само една од многубројните сфери од применетите човечки делотворности, вистинска, нова, многу интересна, со својата духовна специфичност, но и многу повеќе од тоа. Ваквите луѓе понекогаш доаѓаат на служба, понекогаш се исповедаат и причестуваат. Сепак нивниот престој во Црквата честопати зависи од степенот на оваа или онаа практична полза која тие со тоа сакаат да ја добијат. Ретко кој од нив на вистински начин се воцрковува, достигнувајќи покајание и внатрешна благодатна преродба. Поточно бизнисмените потполно се задоволни со себе. Понекогаш тие можат некое време дури и доброволно да даваат таканаречен „десеток“ – т.е. некој дел (но, по правило, не десетти дел) од својот приход за потребите на конкретната парохија. Меѓутоа, ако работите им се разнишаат или ако свештеникот е малку построг кон нив тогаш и „десетокот“ и бизнисменот набрзо исчезнуваат од хоризонтот.

Проблемот со овие млади луѓе е во тоа што немаат постојана цврстина – тие исто така, дошле кон Христа без покајание и без чувството на сопствено пропаѓање (како и категоријата на трагачите). На Него гледаат исклучително маркантно, очекувајќи конкретна корист.  Ним, во принцип и онака им било добро, но посакале Црквата да се помоли за нивниот џеб и им станало уште подобро.

Кога тие навистина би почувствувале дека во животот свој, во буквална смисла гинат поради своите гревови, и дека само Господ Исус Христос е единствениот Кој може да им прости, да ги зацврсти на вистинскиот пат и спаси – тогаш сè би било поинаку и тие по милоста Божја би станале со време вистински христијани. Но за жал, таквите случаи засега се малку.

Во земјава постојат и еден потесен слој на многу богати млади луѓе, всушност, криминални почетници со немерливи амбиции и мрачни мистични склоности, коишто самите тие погрешно ги толкуваат како вера. Тие понекогаш доаѓаат во црква, групно со своите големи и луксузни автомобили, ги палат најскапите свеќи пред иконите на свети Никола или пред светиот великомаченик Ѓорѓи  Победоносец, а од свештениците  со ладен метален глас бараат да се помолат за нивните работи, не прецизирајќи притоа за какви работи станува збор. Се случува свештеникот да се согласи – од смирение или заради ветениот прилог за храмот – и одговорот на нивната молба-барање. Но ако одеднаш, надвор од очекувањата, нивната работа не успее, тогаш им нема број на жалбите од опасни карактери – понекогаш доаѓа дури и до директни заканувања и ветувања дека „ќе го средат“ „лошиот“ свештеник, чија молитва, по нивното мислење, „не дошла до небото“ (заради тоа, свештеникот мора овде да биде мудар и секогаш да прецизира што самоволните посетители всушност сакаат од црквата).

Голем проблем за младината која доаѓа во Црквата претставува и надворешното делување на неа, нецрковната средина. Зашто најголем дел од времето  верните момчиња и девојки го поминуваат во светот „кој во зло лежи“, и во овој или оној степен поминуваат низ искушенијата на неговиот нескротлив разврат и нечистотија, особено во развратното визуелно-сексуално лудило низ средствата за масовното информирање и на улиците на мегаполисот, како и од колосалниот пад на моралот помеѓу своите врсници-неверници.

„Да се биде кул“, „да се биде опуштен“, „да се биде сетилно задоволен“ преку дрогата, алкохолот, цигарите – идолите од надворешниот свет во којшто живеат младите христијани, наоѓајќи се надвор од Црквата, ги провоцираат на грев – и да се остане во крилото на Црквата  навистина е многу тешко.

Можам да додадам список на искушенија и на постојано всадувани псевдодуховни плурализми и  синкретизми  кои ì го одземаат на младината секој духовен полет, бидејќи наметливо ја пропагираат релативноста на вистината, комфорот, неодговорноста и попуштањето во вечните човечки гревови, прогласувајќи ги за онтолошки својствени на нашата природа, а значи и за законски и природни…

Воцрковувањето на младината денес е сложен и одговорен процес.  Но од него зависи иднината на нашата Црква.

 

Превод од српски:

Свештеник Драги Гаштарски

Православна светлина бр. 23

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *