(извадок од неговото опширно житие)
Приближувајќи се до градот Едеса, Ефрем се молел на Бога, да му испрати во пресрет човек, со кого би можел да поразговара душеполезно на теми од Светото Писмо[1]. Но на градските порти сретнал една жена, чијшто надворешен изглед доволно го разоткривал нејзиниот лош живот и срамно однесување. Збунет од таквата средба Ефрем помислил, дека Господ не ја слушнал неговата молитва. Меѓутоа жената, која му одела во пресрет, застанала и внимателно гледала во него. Тоа го натерало да ѝ се обрати со такви прекорни зборови: „Зошто ти, заборавајќи го срамот, не гледаш во земјата, како што ѝ доликува на срамежлива жена?“ Жената му одговорила, дека таа треба да гледа во него, бидејќи жената е земена од мажот, а тој би требало не да гледа во неа, туку во земјата, затоа што тој, како маж, е земен од земјата[2]. Ефрем се восхитил од одговорот на жената и Го прославил Бога, Кој преку устата на една грешна жена му дал поука и го вразумил, дека не треба да ги презира ни грешниците[3].

Ефрем останал во градот. Бедниот патник набрзо требало да ја доживее непријатноста на својата положба среде разнородна толпа, но тој умеел да извлече полза за себе од сè и сè да претвора во полза за другите. Принуден со трудот на своите раце да си обезбедува прехрана, тој не сметал за понижување да се најми за работник кај сопственикот на бањата. Во близина на домот, каде што престојувал тој, живеела една жена со бесчесно однесување, која една започнала непристоен разговор со Ефрем, сакајќи да го наведе на грев. Суровите зборови, што тој ѝ ги кажал при нејзиниот прв обид, само ја засилиле бесрамната безочност. Но Ефрем, со тоа што ѝ предложил да направат грев среде градот, пред очите на сите, со самото тоа вешто ја натерал да каже, дека таа се срами од луѓето, и го искористил нејзиниот одговор, за да ја обрати на патот на добродетелите, и со силни зборови успеал да поттикне во нејзиното срце срам и страв Божји. „Ако ние, – ѝ рекол тој, – се срамиме од луѓето, тогаш не треба ли повеќе да се срамиме и да се боиме од Бога, Кој ги знае и најскриените мисли на луѓето, и Кој еднаш ќе дојде да им суди на сите и да му даде на секого според делата?“ Трогната од тие зборови жената го замолила преподобниот да ја поучи на патот на добродетелите и, по советот од Ефрем, заминала во еден од блиските манастири[4].
Превод од руски јазик: Свештеник Јани Мулев
[1] Така раскажуваат Григориј Низиски (Opp. Graec., t. I. p. IX), Метафраст (ibid, p. XXI), Грчкиот Аноним и Грчкиот Кодекс Ватикански (ibid, p. XXXIII, ibid, p. XXX).
[2] Созомен (Hist. Eccles., t. III, p. 16) вели, дека Ефрем ја опишал својата средба со жената во посебно дело, кое Сиријците го сметаат за едно од неговите најдобри дела (Opp. Graec., t. I, p. XLII). Но во досега објавените дела на светиот Ефрем тоа дело го нема.
[3] Истото се раскажува и во Сириските Акти (§ 10-11), но со таа разлика, што средбата бил акај потокот, наречен Daisan, каде што жените переле, и што, свети Ефрем, воодушевен од одговорот, рекол во себе: „Ако жените во овој град се толку мудри, тогаш какви ли треба да се мажите, кои живеат тука!“
[4] Сириските извори ни збор не кажуваат за тој настан. Но за ова подетално раскажуваат грчките писатели: Метафраст (Opp. Graec., t. I, p. XXII), непознатиот животописец (ibid., p. XXXI). Сп. во Apophth. и Opp. Graec., t. I, p. XXV, Migne, Patr. Gr., t. 65, c. 166. За него спомнува во општи црти и светителот Григориј Низиски (). Во согласност со грчките писатели раскажуваат и Марионитите in Synaxario, Assem. Bibl. Orient., t. I, p. 32, not.
Превод од руски јазик:
Ѓакон Јани Мулев