Свети Јован, новиот милостив

Loading

Почитуван како локален светител од Пондијците, отецот Јован Тријандафилидис се родил на 10 февруари 1836 година во селото Лорија (Музена) во областа Трапезун, од благочестиви родители Тријандафил и Киријаки.

Бидејќи не постоеше училиште во неговата татковина ги научи од еден писмен човек буквите за шест месеци, бидејќи беше многу умен.

На возраст од четиринаесет години остана сирак без татко и затоа имаше потреба да најде работа за да се смести на брегот на Понд, каде што работеше преку зимата во пекарница за леб, и во лето земјоделски работи.

На возраст од седумнаесет години се ожени со една чесна и побожна девојка, по име Елена, со која добија еден син и ќерки.

Едно лето со неговата сопруга отидоа во неговото село пешки. На патот ги пресретнаа три ангели со човечки ликови. Јован истапи напред. Го погледнаа внимателно ангелите но не му проговорија. Потоа ја пресретнаа неговата сопруга и првиот ì вели: „Вашите селани ве чекаат Јован да стане свештеник. Тоа е волја Божја“. Вториот ì рече: По триесет години ќе се удостоите да се поклоните на Светите Места“, и третиот: „По неговото упокојување ќе се приброи со светителите“.

Елена праша со чудење: „Како вие, кои сте луѓе, ја знаете иднината, што ќе стане по триесет години?“ Ì одговорија: „Ние не сме луѓе, туку ангели Божји и дојдовме да ве известиме за да не ја одбие Јован тајната на свештенството“. Таа со страв и трогнатост одговори: „Нека биде волјата Божја“.

Во 1870 година, на возраст од триесет и четири години Јован беше повикан кон великото достоинство на свештенството и правејќи послушание на волјата Божја, според ангелското претскажување, беше ракоположен за свештеник од страна на приснопамјатниот митрополит Халдиски Гервасиј. Беше поставен за парохиски свештеник во селото каде што се роди и служеше литургија во црквите на свети Пантелејмон, на Пресвета Богородица, и во манастирот на свети Ѓеорѓиј.

Иако малку писмен, но од што се интересираше и од интелигенцијата многу брзо го научи редоследот на богослужбите и свештеничките молитвословија од монасите во манастирот на свети Ѓеорѓиј Хутура.

Имаше дар за беседење. Секој што зборуваше со него чувствуваше радост. И кога го проповедаше словото Божјо, неговите зборови пренесуваат сладост и благодат. Иако немаше учено, беше познат свештенопроповедник, и затоа го нарекоа „нов Златоуст“.

Отецот Јован по неговото ракополагање се посвети на пастирско служење и се трудеше да работи на добродетелта и строго да ги запазува заповедите Божји, особено милостивоста.

И покрај тоа што беше просечен според материјалните богатства, ги прехрануваше гладните, ги облекуваше сиромашните и сираците и ги примаше странците во својот дом. На сиромашните од селото им помагаше да си ги плаќаат даноците. За доброто на селото направи патишта, мостови и чешми.

Во 1877 поради руско-турската војна настана глад. Отец Јован, добриот пастир, се грижеше да не недостасуваат основните прехранбени продукти. Им испраќаше писма на неговите познати богати и се сконцентрираше на неопходните нешта кои им ги разделуваше на сиромашните и така се спасија од гладот. Добродетелта и неговите човекољубиви дела станаа познати во околината на Понд и луѓето го нарекоа „нов милостив“.

Отецот имаше дар да ги спријателува луѓето кои беа скарани. Како миротворец стана и судија во светата митрополија. Кога одделни личности или цели села одеа кај митрополитот за да им пресуди, тој ги испраќаше кај отецот Јован, велејќи: „Одете кај него. Ќе ве спогоди бидејќи е мудар, има сладок јазик и божествена благодат“.

И навистина ги смируваше. Доаѓаа како непријатели барајќи одмазда и заминуваа како браќа со љубов. Беше непријател на кавгата и омразата, на одмаздата и скандалите, но пријател и учител на љубовта и мирот.

Отецот Јован имаше едно внуче од ќерка му која умре и го остави сираче. Кога одеше во училиште еден ден направи една голема беља и учителот го тепаше со стап и со клоци. По неколку дена внучето – сираче умре. Другите роднини и таткото на детето бараа да му се одмаздат на учителот и да го убијат. Отец Јован многу се молеше. Во судот побара и успеа да ги смири побунетите роднини и да го извади од затвор учителот. Како дедо на умреното сираче тагуваше, но како ученик Христов, како проповедник на љубовта, му прости и го ослободи од затвор учителот.

Во 1900 година заедно со попадијата се удостоија да се поклонат на Пресветиот Гроб, на Голгота и на пресветите места во Светата Земја. Останаа шест месеци и се вратија во нивното село. Нивното поклоничко патување се случи триесет години по средбата и пророштвото на ангелите.

Добрата презвитера Елена се упокои на 26 јули 1902 година. Отецот Јован, откако триесет и три години го раководеше богоугодно своето словесно стадо, се упокои во Господа на 13 јуни 1903 година, ден петок, и беше погребан во црквата на свети Пантелејмон. Си замина натоварен со добри дела кои го следат, и ги остави како утеха, потпора и скапоцено богатство на верните – неговите свети мошти.

По погребението, една снаа на отецот Јован го виде Светиот Дух во вид на гулаб да слегува врз неговиот гроб.

По три години отецот Јован ѝ се појави во сон на една жена по име Панагила и ѝ рече, со нејзиниот брат да го направат откопувањето на неговите мошти, настан што се оствари на 7 октомври 1906 година на следниов начин: Кога отидоа на гробиштата, го видоа отец Јован како стои врз гробот со неговата свештеничка одежда и како го чита Евангелието. Неговото лице светеше како сонце и ги поттикнуваше да копаат. Се беа собрале многу луѓе, ја гледаа Панагила како зборува но не гледаа со кого зборува, и ја сметаа за луда.

Кога ги најдоа моштите на отец Јован, ги видоа неговите раце нетлени. Плачеа од радост и трогнатост, им се поклонија и се осигураа за неговата светост прославувајќи го Бога.

Овој настан набрзо стана познат во околината на Халдија. Секој ден пристигнуваа мноштво народ, цели села со свештениците, дури и турски аги, за да им се поклонат на светите мошти носејќи масло и свеќи како дарови за светителот. Турците велеа: „Овој господин поп и жив светител беше и по неговата смрт се покажа уште повеќе. Ако му изградите црква и ние ќе придонесеме“.

Тогаш се случија и чуда. Многу болни се исцелија. Некој дваесетгодишен младич од градот Михаилова близу до Тифлида на Кавказ, кој се беше збудалел, го имаа врзано, за да не си причини зло на себеси и на другите. Го носеа по многу лекари, на бајачи, во цркви и на крајот без да се излечи го затворија во душевната болница во Тифлида. Една ноќ ѝ се појави на мајката на лудото дете светиот Јован велејќи ѝ да не плаче, зашто нејзиното дете ќе биде добро. Да му даде да пие вода во која ќе стави земја од неговиот гроб, и да стави едно парченце од неговиот фелон за да го искади. Направи како што ѝ рече светителот и нејзиното дете оздраве.

Едно ерменско семејство имаше едно и единствено дете на дванаесетгодишна возраст, немо веќе четири години, поради уплав. Татко му беше комунист и го однесе неговото дете на испитување на Универзитетот во Тифлида но без резултат, мајка му беше побожна христијанка и скришум од мажот ѝ го носеше во многу цркви, но не се исцелуваше детето. Кога дозна за возвишеното чудо, со вера и побожност побара земја од гробот на светителот, ја раствори во вода, ја истури врз немото дете и веднаш почна да зборува. Со голема радост мајката на детето му го соопшти на безбожниот татко чудото и му ја проповедаше христијанската вера. Тогаш нејзиниот сопруг поверува и со покајание му заблагодари на Бога.

Наследниците на светиот Јован дојдоа како бегалци во Грција и ја донесоа со нив раката и главата на светителот. Моштите на светиот Јован продолжуваат да чудотворат.

Анастасија, внука на светителот, раскажа: „Околу 1930 година се разболе некој лекар познат на една моја пријателка овде во Солун. Му се беа парализирале рацете и неговите родители беа безутешни бидејќи беше млад, околу триесет и петгодишен. Го носеа кај многу лекари и во цркви но не најдоа лек. Кога дозна од мојата пријателка за моштите на мојот дедо свети Јован, побара да им се поклони. Го прекрстив со светата рака и тогаш болниот ја помрдна неговата парализирана рака, ги зеде светите мошти и ги зграпчи на неговите гради со голема вера, благодарејќи Му на Бога и на светиот Јован за исцелувањето“.

Светиот Јован Тријандафилидис е признат за светител од Вселенската патријаршија и внесен во Диптихот на локални светители на Патријаршијата. Неговиот спомен се слави на 13 јуни (упокојувањето) и на 7 октомври (откопувањето). Постои служба на светителот од непознат химнограф. Митрополитот на Родополеос Леонтиј Хутуриотис (1844-1926) се ангажираше за посветување на неговиот годишен спомен во Халдија.

 

Превод од грчки јазик:

Ѓакон Јани Мулев

Наслов на изворникот:

Ασκητές μέσα στον κόσμο Α΄,

Άγιον Όρος, 2008

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *