„Јас сум Алфа и Омега, почеток и крај
– вели Господ,
Кој е, Кој бил и Кој иде,
Седржителот“ (Откр. 1, 8)
Власта како сила – да се дејствува, влијае и одредува текот на случувањата на земјата – од древност се смета за основа на секоја општествена организација, на секој поредок и државност. Божественото, трансцедентно потекло на таа сила, а, со самото тоа, и Врховната власт, во текот на многу илјади години на човечката историја, не е доведено до сомнеж, служејќи како постојан религиозен темел на човековиот општествен живот како во Асирското царство и Древна Персија, Римската Империја и Арапскиот Калифат, така и во Византија и на просторите на Руската Држава.
Илјада и петстотини години пред раѓањето Христово, Господ преку устата на пророкот Свој објавил: „И ете, видете сега дека тоа сум Јас; Јас сум и нема Бог, освен Мене: Јас уништувам и оживувам, Јас ранувам и Јас лекувам, и нема кој може да земе од раката Моја“ (5. Мојс. 32, 39). Несфаќајќи ја семоќната Промисла Божја, и, покрај тоа, самото многувековно, благодатно искуство на Црквата им открива на оние кои се способни да ја сфатат секоја болест и неволја, страдањата и несреќите на овој свет наспроти ѓаволската волја на нивните организатори соучествуваат во Домостројот на спасението човечко, создавајќи живеалиште на вечното блаженство на оној кој – стоејќи под налетот на разните неволји – ќе остане верен на Вистината и Љубовта.
Признавањето на тој непроменлив факт нашите побожни предци ги принудувало да бараат стабилна духовна потпора во државните форми на традиционалната руска државотворност. Сега, кога народната душа по тешките децении на духовното ропство со напор се ослободува од разорните окови на вулгарниот материјализам и борбеното богомразење, како никогаш до сега ни е важно да се вратиме на некогашното сфаќање на здравите основи на државното устројство, кое во овој час е изгубено. Заради тоа, неопходно е отворено да ги утврдиме неговите религиозно-морални потпори, и јавно, гласно да ја разобличиме погибелната лага на секуларноста, бездуховната форма на устројство на руското општество, какви и да става „добронамерни“ и „ цивилизирани“ маски на лицето…
Духовни основи на државноста
„Секој христијанин, сакајќи го човечкиот род, кој се наоѓа под власта на единиот Цар Небесен, во исто време мора да има посебна љубов кон својата татковина – бидејќи тој оваа Татковина – не ја избрал своеволно, туку Самиот Бог му ја одредил кога се родил. Земјаците заемно се поврзани со една вера, заедничко потекло, јазик, обичаи, закони, сеќавања на славата и неволјите на претците, сеќавања на значајните војсководци и цареви.
За човекот, Татковината е освештена со доброните Божји кои се случиле на нејзините простори. Што е тоа посебно со руската земја, поради што никогаш не се нарекувала поинако од „Света Русија“, „света земја“? Зошто е тоа така? Токму поради посебните чудесни Божји добрини кон неа, а исто така и поради мноштвото луѓе кои маченички ја пролеале крвта за својата Татковина, како и поради изобилството на Божји угодници чии мошти почиваат во неа.
Затоа, да не се сака Татковината и да се има друга држава, е исто толку подло и неблагодарно колку и да не ги сакаме родителите, покажувајќи приврзаност кон други лица, кои не нè родиле и воспитале. Кај рускиот човек тоа чувство е толку понечесно бидејќи западните земји, гледајќи ја величината на руската земја и нејзиното богатство, ја демнат истата со завист.
Се разбира, за христијаните е недостојна и слепа поврзаноста, кога Русинот се фали и гордее само со тоа што е „Русин“, кога неразумно одрекува и мрази сè што е туѓо. Но уште поштетна и поопака е пристрасноста кон туѓото, затоа што ова родољубиво чувство го уништува во самиот корен; како и да е, стои фактот – дека во странство не можат да се сретнат многуте прекрасни особини на рускиот човек…“
Така биле дефинирани граѓанските обврски на христијаните во детален – на илјада страни – учебник на православното морално богословие, кое, со благослов на Црквата, излегол на 29 февруари 1900 година. На голема жалост, тоа што во некогашна Русија се сметало за општоприфатливо и разбирливо по себе, сега се исмева, а и меѓу добронамерните слушатели мора да се објаснува.
Па добро, какви се духовните основи на христијанската државност?
Одговарајќи на тоа прашање, треба најпрво да погледнеме што е тоа држава, какво е нејзиното потекло, какви се изворите и целите на државната власт, оптималните форми на државното уредување и заемен спој на сите негови елементи. Пред револуцијата за тие проблеми во Русија постоела обемна литература и биле активни такви сериозни истражувачи, какви што се Михаил Катков или Лав Тихомиров.
Сега мораме на многу нешта да се сетиме, многу нешта повторно мораме да научиме. И во ова „многу“ на едно од најважните места се наоѓа сфаќањето за духовните основи на државноста, умешноста тие практично да се остварат во животот…
„Што е тоа држава“, – се прашал во средината на минатиот век познатиот московски првоерарх, митрополитот Филарет (Дроздов). – „Сојузот на слободни морални луѓе кои заемно се здружиле, жртвувајќи дел од својата слобода за да со заеднички напори да го чуваат и зацврстуваат моралниот закон кој е неопходен за нивното постоење“. Таа религиозно-морална основа на државниот живот сега потполно исчезнала во свеста на општествата, кои често расправале за државата како за бездушен механизам на одржување на простата материјална благосостојба на граѓаните.
Резултатот на таквиот хендикепиран светоглед е очигледен. Самото тело на државата, нејзината територија, ресурсите и другите богатства стануваат предмет на разорната, сурова и беспринципиелна борба на политичарите, погубна за државата, која ја разјадува, како срамни болести, внатрешноста на државниот механизам, самата државна власт во сите нејзини пројави.
Само таму „каде што е свештениот закон на моралноста во срцата непоколебливо утврден преку воспитанието, верата, здравјето, неизопачената наука и почитуваните примери на претците, – вели владиката Филарет, – се чува верноста кон Татковината, и за неа се жртвува без желба за награда или за слава. Таму умираат за законите, бидејќи не се плашат да умрат од законот. Ако законот кој живее во срцата ја истера лажната просвета и невоздржливата сетилност – нема живот ниту во пишаните закони: заповедите не се ценат, никој нема доверба во извршувањето. Самоволието таму настапува заедно со потиснувањето, и тие заедно го приближуваат општеството кон пропаст“. Сегашната актуелност на тие зборови само ја потврдува исправноста и прозорливоста на мудриот старец.
Модерните речници државата ја дефинираат како орудие на политичката власт во општеството. Лишена од религиозни и морални потпори, таквата власт неизбежно се претвора во голо насилство: оттука марксистичкото (поточно речено: материјалистичко) сфаќање на државата како механизам на принуда и „диктатура“ на еден дел од народот врз друг.
Едноставно речено – материјалистичкото сфаќање на државата секогаш е сродно на тиранија. Дали тоа се остварува во полза на партиската номенклатура со помош на крвава репресија или интересите на транснационалната финансиска олигархија со помош на економското гушење на непожелните – тоа и не е така битно. Во двата случаја вредноста на моралните идеали се смета за неважечко, а тоталитарното чудовиште на неконтролирана власт добива значење на самозадоволност.
На принципиелно поинакви основи создадено е црковното учење за богоугодната форма на државно уредување.
ПРВО, тука државата се сфаќа како големо семејство. „Откаде ова мноштво на луѓе, соединети со јазикот и обичаите, кое се нарекува народ? Очигледно тоа е мноштво на народ од некој мали племиња, а произлегло од семејството. Затоа во семејството е никулецот на сето она што потоа се отворило и израснало во држава“, – објаснува митрополитот Филарет.
Затоа сфаќањето на општонародното единство, како духовно средство, како најголема драгоценост, е толку карактеристично за руската историја. Оттаму потекнува стремежот на рускиот човек, каде и да е може, бесчуствително-правните норми да ги замени со морални вредности, топлина, срдечност во човечките односи. Оттука е и – односот кон руската државност како кон светост, бидејќи семејството – „мала црква“ – добива осветување во тајната на венчавањето на сопружниците, а државата – „големото семејство“ – во тајната на венчавањето (крунисување) на Царот на царството, на самодржавната власт „во слава Божја“ (но не во интерес на било која класа или сталешка групација).
ВТОРО, државната власт се смета за особена служба слична на црковната, манастирска послушност.
Таквата врховна власт е единствена и неделива, моќна, независна од каприците на толпата, поврзана со народот не со книжната казуистика на схоластичката законитост, туку со живо постојано искуство на соборното единство – само таа може да ја обезбеди онаа најголема цел поради која постои и да го насочи животот на поданиците „во секоја побожност и чистота“ на духовните христијански идеали. Затоа таа власт – слободно и доброволно – се ограничува во намерите и делувањата во границите на Божјите Заповеди и вистините на Неговиот Закон…
Потполно ми е јасно како сличните описи фантастично изгледаат кога ќе се погледне ужасната безгранична морална изопаченост на современата власт во Русија. Далеку сум од тоа да мислам дека таквиот државен идеал уште утре ќе се оствари во нашата политичка стварност. Но кон него треба да се стремиме. И да го знаеш – па ако треба заради тоа, сфаќајќи ја неговата филосовска, религиозна и морална длабочина, да се избегне понатамошното препуштање на лажни бајки за сопственото минато, слично на русофобните тези за „неразвиеноста на руската правна свест“ „скапаниот царизам“.
ТРЕТО, како идеал на црковно-државните односи се смета „Симфонијата на власта“. Во државата која е свесна и ги почитува своите духовни основи, – тие кои ги опишавме погоре – религиозно-моралните содржини во животот стануваат најважни носечки елементи на цела државна структура на општеството. Затоа и Црквата, како духовна власт, паралелно со световната власт служи како една од главните потпори на националната државност: меѓутоа со неа не се меша, ниту ì се потчинува. Историското искуство сведочи дека таквата заемна поделба и хармоничен спој на власта се задолжителна црта на богоугодното државно уредување.
За изворот на власта
Христијанството признава само еден извор на власта – Бог, Кој за Себе вели: „Моја е осветата и Моја е наградата… Јас сум – и нема друг Бог освен Мене: Јас уништувам и оживувам, Јас ранувам и Јас излекувам, и никој не може да избега од моите раце“ (5. Мојс. 32, 35, 39).
„Дека Бог е… Седржител, Кој сè гледа, и Промислител на сè, и Судија Кој има власт над сè – ние, секако, знаеме и исповедаме“, пишувал уште во VIII век преподобниот Јован Дамаскин во „Точното изложување на православната вера“. Таа најголема неограничена самодржавна власт на Бог како промисла го опфаќа постоењето на светот во сите негови подробности. „Промислата е Божјата волја, преку која се управува со сè што постои на целисходен начин“, – продолжува свети Јован – „Но, нешто од тоа што подлегнува на Промислата е по волја (Божја) а друго – по допуштање. По волјата е тоа што е беспрекорно добро; разни видови на допуштања (снисходења) има многу“.
Според тоа изворот на власта е еден – Бог. Луѓето сами по себе не се извор на власта, колку и многу да се и во каква согласност да се. Народовластието „народната влада“, од христијанска гледна точка е бесмислена. Народот на никого не може да ја предаде својата „власт“ бидејќи од таа власт од просто-попросто нема.
Но единствениот Божји извор на власт претпоставува два вида од истата. Првиот „по волјата Божја“, е „беспрекорно добар“. Тоа е богоугодната власт која се наоѓа во согласност со Законот Божји, т.е. законска власт. За таа власт во Евангелието е речено: „Словото Му беше со власт (Лука 4, 32), „им даде сила и власт над сите нечисти духови“ (Лука 9, 1), „Синот Човечки има власт на земјата да простува гревови“ (Мат. 9, 6). Таа христијанска власт е насочена кон доброто на луѓето. Нејзиното државотворно воплотување е руското самодржавие.
Сведочејќи за својот „потчинет“ однос кон заповедите Божји, самиот факт на потврдување на власта на Царот во Тајната Миропомазание, самодржавноста нема свои „самостојни“ нецрковни идеали и цели. И покрај раширеното мислење, православната државност на Русија не претендирала на автономност, туку според идеалот смирено се задоволувала со улогата на „црковна ограда“.
Целта на таквата власт е содејствување, на сите сили, со обидите целиот народен живот во својата реална многоликост да се приближи кон евангелскиот идеал. Со други зборови, целта на богоугодната власт е – соработка за спасение на душите на поданиците, во согласност со зборовите Божји: „Не ја сакам смртта на грешникот, туку грешникот да се обрати од својот пат и да остане жив“ (Језек. 33, 11).
Па сепак, во светот постои и друга власт. Искушувајќи го Христа Спасителот со власт на светот сатаната го прелажувал, велејќи: „Тебе ќе ти ја дадам власта над сите овие царства и нивната слава, бидејќи мене ми е предадена“. Изворот на таа сатанска власт е – допуштањето од Бога. Сатаната таа власт ја има привремено, и тој сам сведочи дека таа власт му е само предадена. „Бидејќи Бог често допушта и праведник да западне во неволја“, вели преподобниот Јован Домаскин. Па, по единствено за Него разбирливи причини, од Бога допуштената беззаконичка власт за народот е погубна, сосема насочена кон пропаст на луѓето кои ì се потчинети.
Резултатите од седум децении на советските богоборства тоа несомнено го потвруваат. Поради неутрализација на сатанистичката енергија, која на Руската земја се излеала низ уставот на структурата на власта, била непоходна целата сила на верата на рускиот народ, по зборовите Господови: „Биди верен до самата смрт и ќе ти го дадам венецот на животот“ (Откр. 2, 10). Тој сенароден подвиг на исповедништво станал можен благодарение на мистичното сфаќање на власта кое се вкоренувало со векови. Мнозинството од народот новата власт ја сфаќало како Божјо допуштање, како сатанска соблазна, која со лага и сила од Русија изнудува јудино предавство на Христа, кон Кого што служењето народот низ вековите го сфаќал како смисла на своето постоење.
Големата лага на демократијата
Во здравата душевна состојба руското општество на природен начин се стреми кон самоорганизирање врз принципите на одухотворена, силна државност. Тоа го сведочи целата наша илјадагодишна историја, не исклучувајќи го ниту советскиот период. Бидејќи кога лошите рушители на зол начин успеале да ја срушат историски формираната Руската Држава без оглед на сè – и покрај жестоките напори на „револуционерите интернационалисти“, покрај репресијата и теророт, лудото богоборство и лошата русофобија – во земјата веднаш започнале лесно, болно, несистематично, но сепак незапирливо враќање на традиционалните принципи на руската државност.
Во текот на 75 години на советската власт, тоа очигледно ги плашело нашите странски непријатели. Поради тоа, за да ја спречат Русија на природниот пат за враќање и нејзиниот историски развој била организирана „перестројката“ чија вистинска цел е замена на интернационалистичко комунистичката доктрина, која ја испразнила својата разрушувачка сила, со нова интернационалистичко-демократска, која мора да го доврши растурањето на историска Русија, кое почнало уште од „мудрото“ раководство на Троцки и Каганович.
Неоснованоста на болшевичките теории сега со самиот живот е докажана. И практичните последици на демократијата сега секој може да ги види. Па сепак на ист начин на кој некогаш настојувале да го излажат народот со лукави прикаски за тоа, дека сржта на неволјите во „изопаченоста“ на изворно исправната марксистичка идеја – настојуваат и сега да ја насамарат Русија, со цинична лага за „вистинската“ демократија која штом ќе ја оствариме, почнуваме да живееме „како бубрег во лој“.
Вистината е оваа: безбожниот комунизам ја мачел Русија паразитирајќи на многувековните руски традиции на заедништво, на цврстата народна приврзаност кон колективот и заемна помош, на сеопштото силно руско тежнеење кон социјална правда. Безсовесната демократија се подготвува да ја мачи паразитирајќи на древните соборни обичаи на Русија, на исконската почит на рускиот човек кон заедничкиот став, заеднички усвоеното решение, на колективниот разум на Соборот.
Сите идеи на демократијата засновани се на лаги. Уште во дефиницијата – лага! Тој збор на руски јазик се преведува како „власт на народот“, или „народно управување“, но ниту во една земја која се смета за демократска, народот всушност не управува. Конечниот плод на државната власт секогаш е во рацете на тесен слој, на малубројна и затворена корпорација на луѓе, чиј занает е политика, а професија – сурова и беспоштедна борба за таа власт.
Дотолку повеќе што, човечката историја во цел свет не знае за ниту една држава која вистински го остварила принципот „власт на народот“. Древна Грција, древен Рим – земји кои се родоначалници на демократијата и нејзини класични претставници, во исто време биле класични робовласнички грабливци, кои самиот термин „народ“, „граѓани“ го применувале на мал круг избрани, кои сочинувале мал процент во однос на целокупниот народ во земјата…
Нашите претци биле многу умни и претпазливи луѓе. Низ вековите, од поколение на поколение ја граделе државата која била предодредена да стане сигурен столб на мирното, непоматено и продуховено живеење (а не иструмент за задоволување на властољубивите страсти и политички амбиции), тие вешто се чувале од соблазната на демократската зараза, и другите ги предупредувале на таквата неразумност.
„Демократијата искажува доверба во силата на квантитетот“, – пишувал некогаш Тихомиров. „Ако во општеството нема доволно силна вера, која ги опфаќа сите страни на животот во потчинување на еден идеал, тогаш сврзувачка сила на општеството е силата на квантитетот, која создава можност за потчинување на луѓето под власт, дури и во оние случаи кога тие немаат внатрешна подготвеност за такво нешто“. Со други зборови, остварувањето на демократската идеја пред сè значи власт на квантитетот над квалитетот, власт на неписмената задкулисно вешто контролирана толпа над многувековниот народен идеал – бесмислена ситуација, во која сфаќањето за Вистина и справедливост, добро и зло се одредуваат со аритметичко мнозинство на гласовите.
Колку и да е осмислено народното постоење, кое води сметка за сопствените религиозни и морални насоки, во присуство на државната општонационална идеја и возвишената цел за своето постоење – претпоставува одрекување од механичкиот принцип на квантитативната надмоќ во полза на квалитативното, духовно начело.
Само на тој начин е можно да ги спречиме незадржливите злоупотреби, својствени на демократските службеници во трката по гласовите на гласачите. Опишувајќи го овој механизам, Победоносцев велел: секој глас сам по себе ништо не значи, но оној кој ќе успее да придобие најголем број на тие гласови станува господар на силата, господар на управување и вршител на својата волја…“ На тој начин „во демократскиот тип на владеење победници стануваат вештите собирачи на гласови, механичари кои вешто ракуваат со задкулисните конци, што ги движат марионетите во арената на демократските избори“.
Политичка основа на демократијата – општото непосредно избирачко право – е појава аморална и деструктивна, зашто развива политички цинизам до неверојатни размери, народот го прави предмет на нечесни манипулации, кои, со современиот развој на средствата за масовно информирање, добиваат навистина незадржлив замав. Зошто никому не му паѓа на памет, со помош на сеопшто гласање, да бира хирург, или истражен судуја, возач или авијатичар? А зарем управувањето со скалпер, автобус, авион е потешко, отколку да се управува со огромна држава оптоварена со најтешки проблеми?
Тоа не значи дека принципот на изборност мора сосема да се исклучи од политичкиот живот на земјата. И не само тоа, во некои ситуации тој е незаменлив, зашто станува инструмент на воспоставување на соборно заедништво на народот и државата. Но за да се избегнат злоупотребите мора јасно и прецизно да се дефинира областа на неговата примена, која безусловно ќе го исклучува јавниот избор таму каде што местото или должноста бараат високи професионални квалитети кои неупатениот човек едноставно – не ги знае. И, на крај, ако конечно биде признаена неопходноста за бирање на најголемите функционери на земјата, тоа не смее да се претвори во народен панаѓур. Одговорните избирачи во тој случај можат да бидат само авторитетни претставници на сите општествени класи, сталежи, професионални и етнички групи, пропорционално претставувајќи го нивното учество во нашето општество.
Идеолошката основа на демократијата како светоглед се изразува со познатата парола на француската револуција: „Слобода, еднаквост и братство“. Потчинувајќи се на надворешната привлечност на таа парола, милиони луѓе со векови настојувале да ја остварат во животот. Многумина, дури и умни и образовани луѓе не го одгатнале општиот, апстрактен карактер на паролата, не ја забележале заемната противречност на повиците (навистина, како е можно да се спои слободата со еднаквоста?). Треба да погледнеме наоколу за да го разјасниме нивното лукавство: во природата нема еднаквост, таа е бескрајно разнолична и строго ерархиска; нема ниту апсолутна слобода, неограничена меѓузависност и закономерен поредок на појавите; нема ни безсодржинско братство – бидејќи моралното чувство на човекот секогаш е да бира.
„Кога таа форма сакале да ја претворат во задолжителен закон на општественото постоење, кога од неа сакале да направат формално право, кое народот го поврзува одвнатре и го поврзува со владата во надворешна смисла, таа се покажала како фатална лага, и идеалниот закон на љубовта, мирот и трпеливоста, сведен на основата на надворешна законитост, станал закон за насилство, раздор и фанатизам“. Тоа тврдење на Победоносцев подобро од сите други зборови е потврдено со фактот дека двете најкрвави и најразрушувачки револуции во историјата на човештвото, Француската во XVIII век и Руската во XX век, поминале проследени со громогласни повици за „слобода, еднаквост и братство“.
Овие поими, погубни во државната област, по мислење на обер-прокураторот (Победоносцев) благотворни се само „кога во себе ја содржат вечната вистина на моралниот закон во нераскинлива поврзаност со вечната идеа на должност и жртва, врз која почива целиот организам на моралниот поглед на свет“.
Јуридичко-правна основа на демократијата – теза за природни (вродени) права на човекот, кон чиешто остварување, со посредство на формалното законодавство, мора да биде насочена работа на државниот механизам. Таа основа е исто толку извештачена и лажна колку и претходните. По својата суштина тоа е само апсолутизирање на индивидуализмот, својствен на западно-европскиот „менталитет“ и историски длабоко туѓ на руската национална и религиска самосвест.
Остварувањето на идеата за „човечки права“ во животот на општеството, претворена во правна догма и ниту морално, ниту правна, неурамнотежена со идејата „на природни обврски“, не води кон ништо друго освен во неизбежна деградација на општествениот морал и карактерност, кон разорување на самото соборно тело на народот. Читајте го Достоевски – посебно „Бесови“ и „Злосторство и казна“, и сè ќе дојде на свое место. Убиецот Расколников, мачејќи се со прашањето – „Дали сум јас створ кој се тресе или имам право?“ го илустрира гореспоменатото подобро од сите длабокомислечки високонаучни размислувања.
„Човекот е олицетворение на должноста“, заеднички тврдат сите Свети Отци. Руското општество кое секаде настојувало своето постоење да го доведе во хармонија со барањата на христијанскиот поглед на светот, отсекогаш се градело на воспитанието на човекот пред сè на јасна свест за своите верски, граѓански и семејни обврски. Горчливото искуство на меѓусебните пресметки добро и предобро ги научило нашите претци: нагласувањето на „правата“ неизбежно раѓа прекори поради нивното оневозможување, заемни претензии, навреди и раздори. На прв поглед, благородната идеа за апсолутизацијата на „правата“ ја потхранува гордоста, високоумието и надменоста, води кон одвојување, поделба, спротивставување на интереси, и, на крајот на краиштата, кон сталешка и класна омраза, кон војна на „сите против секого“, која го сече живото народно ткиво.
Уште кон крајот на минатиот век блескавиот руски публицист, убедениот државотворец, долгогодишниот уредник на „Московските новости“ М. Н. Катков пишувал: „Плодотворно е само тоа право, кое во себе не гледа ништо друго освен обврска. Правото, кое не е обврска, се покажува како меур од сапуница; ништо не произлегува од него, ниту тоа некаде нè носи. Таквото право не е сила туку слабост… Нема полза од тоа, што јас имам право да правам тоа и тоа, ако јас не се чувствувам обврзан да го направам она што треба“.
Формалното право е само инструмент на реализација на определен морален идеал во животот на општеството. Како и секој инструмент, правото само по себе е неутрално, може да биде употребено како за полза, така и за штета. За полза – тогаш, кога помага во животот да се остварат најголемите религиозно-морални закони на праведноста, милосрдието и љубовта. Т.е. тогаш, кога помага во создавањето услови за победа на добродетелта и ги спречува пороците.
Да му се даде на формално право самодоволно значење – е погубна грешка! Уште полошо е кога се тврди дека правото треба да се зацврсти со постоечката состојба на нештата, „природните“ човечки потреби. На тој начин скришум се признава законитоста, легалноста на страстите, на гревовните рани, подеднакво погубни како за духовното здравје на личноста, така и за основите на државната безбедност. „Насочувајќи“ го правниот систем на одреден начин, може лесно, незабележливо, дејствувајќи сосема во рамките на законите, да се разруши првобитно стабилната земја, да се расипе здравиот и морален народ.
Таква е вистинската цена на „правното идолопоклонство“, која е една од основните црти на демократската квази-религија.
Економската основа на демократијата е – финансиски, спекулативен капитал. Тој ја конструирал современата бездуховна „технолошка“ цивилизација, во која човекот ги губи последните остатоци од совеста и душевното здравје, претворајќи се во полуживотно-полумеханизам, безличен шраф во гигантската машина, која има единствена сепроголтувачка цел: пари, пари, пари…
Преку слатка приспивна приказна за задоволување на „природните“ потреби таа „демократска“ цивилизација воспоставува култ на насилство и разврат, толеранција кон злото и изопаченоста на човечката природа. Гревовите и страстите на паднатиот човек растат до огромни размери, свесно се стимулираат и стануваат извор на бесовесно, бесчесно изживување. Паролите на таквата цивилизација се: „Сè е на продажба!“, „Збогатувајте се!“, „Само еднаш се живее“, и слични – тие го нагризуваат општествениот морал, во народот се случува распаѓање на националната самосвест, државата запаѓа во криминал, се фаќа во мрежите на секадеприсутните мафијашки врски и – неповратно се движи кон распаѓање.
И во Русија идниот државен распад е неизбежна последица на применувањето на демократските принципи во праксата на државното устројство. Либерално-демократската идеа, во вистинска смисла, е поради тоа и создадена, за да ги ослабне темелите на силното, традиционално општествено уредување, да ги разруши неговите духовни, религиозни потпори, да ги растури националните држави и, постепено, незабележано, неопипливо за општеството насамарено од демократскиот хаос – ги предала уздите за управување над истите на тренснационалната „светска зад кулиса“, на оние лукави политички механичари, за кои нè предупредувал Победоносцев.
Таа операција веќе многу пати била изведена во „развиените“ земји на Запад. Таму националната држава во голема мера служи како декоративна шминка на реалната власт – а наречете ја таа власт како сакате: власт на светското масонство или на меѓународниот капитал, на наднационални компании или космополитска елита… Друго важно: сега таа власт од сенка се бори за владеење со светот. И Русија се обидуваат да ја подложат на истата операција, како и останатите, да ја претворат во покорно орудие за исполнување на своите глобалистички планови.
* * *
Па што тогаш – дали покорно ќе чекаме, кога отровот на бездуховноста и верското дивеење конечно ќе ја помрачи нашата свест и ќе ги поткопа основите на државно постоење на Русија? Или сепак ќе се обидеме да им ја вратиме првобитната свештена смисла, воздигнувајќи се до сфаќањето на својата служба, на својот долг – не само на индивидуалниот, личен, туку и на сенародниот, соборниот?
Да ги чува Божествените вистини на верата, нејзините благодатни дарови и древни светоотечки темели – токму тоа е обврската на рускиот народ, која им ја наложил самиот Бог со Својата Промисла – а тоа не е ниту просто, ниту лесно. За тоа е потребен најтежок душевен напор – напор на христијанско подвижништво и покајание, државна храброст и постојаност. Но само таков труд му дава смисла на човечкиот живот, ја открива неговата најголема вредност и ја објаснува неговата голема, вечна, небесна цел.
Крајно време е да одговориме на повикот на Словото Божјо, на татковскиот повик на самиот Христос, нашиот Господ: „Ете, стојам пред вратата и чукам. Ако некој го чуе гласот Мој и ја отвори вратата, ќе влезам при него и ќе вечерам со него, и тој со Мене. На оној, што победува, ќе му позволам да седне со Мене на Мојот престол, како што и Јас победив и седнав со Отецот Свој на Неговиот престол. Кој има уво, нека чуе…“ (Откр. 3, 20-22). Амин.