Мојата вина

Loading

Иван Александрович Илин

Не, јас сè уште не научив да ја распознавам и да ја носам својата вина. За тоа ми треба повеќе храброст и смирение. Но постои можност некогаш да го достигнам тоа.

Колку тегобно, понекогаш измачувачки тешко е да се увиди и признае својата вина. Душата почнува неспокојно да се метка, а потоа едноставно се ожесточува и не сака да ја види вистината. Задолжително сакаме да се оправдаме себеси, да ја отфрлиме својата вина, да ја префрлиме на друг или на други, а главно е – да докажеме, не само на другите, туку и на себеси, да, токму на себеси, дека „јас сум тука бадијала“ и дека јас воопшто не сум виновен за тоа. Виновни се сите наоколу – сиот свет, но само јас не: непријателите и другарите, природата и човекот, родителите и наставниците, несреќните околности и тешките услови, „средината“ и „влијанието“, небото и адот, но не и јас! И тоа може да се докаже, и тоа е неопходно да се потврди, бидејќи во тоа не може да има никаков сомнеж“…

Ах, таа предавничка „потреба“ од себеоправдување… Таа ме издава… Таа трка по докази… Зошто ми се тие, ако сум цврсто и потполно убеден дека „јас сум тука бадијала“? Кој бара од мене докази? Кој се сомнева во мене, ако не јас самиот? Но ова сведочи само за тоа, дека во длабочината на душата јас сепак се сметам себеси за виновен; дека има некој тивок глас, кој тајно ми го повторува тоа и не ме остава на мир…

И одеднаш, под влијание на тие неочекувани мислења, моето бегство од сопствената вина прекинува… Крај на малодушната тревога. Подготвен сум да се помирам со мислата за својата виновност, да испитам, за што точно сум виновен, и да ја признаам својата вина. Нели оваа плашливост многумина веќе ги вовлекла во тешки внатрешни противречности, во раздор со себеси, во расцеп на личноста, а некои ги довела до халуцинации. Но јас сум подготвен… Нека зборува мојот обвинител.

Да, потребна е храброст, за спокојно да ја испитаме својата вина и да не бараме излез од неа во бегство. Потребно е уште и смирение. Ако човекот не си ги преценува своите сили и своите квалитети, ако не се смета себеси за „најумна“ и „најдобра“ личност, тогаш тој секогаш ќе биде подготвен да ја предвиди својата вина. Зошто да ги гледаме сите свои постапки од нивната најдобра, најблагородна страна? Каква наивност… Од каде таа потреба да се претставуваме себеси – пред себе и пред другите – како праведник кој сè предвидува и не греши? Зошто да ги идеализираме своите намери и да се успокојуваме само тогаш, кога измислениот лик на „чистота“ и „величие“ заблескува под моето име? Кој од нас е слободен од небеспрекорните желби и намери? Кој од нас е праведен од раѓањето и свет уште од мајчината утроба?…

Не, јас треба уште да учам, што е тоа вина, и како да ја препознавам и да ја носам во животот. Како да го научам ова?

Пред сè, треба да се увериме во тоа дека сите луѓе, без исклучок, додека живеат на земјата, соучествуваат во сеопштата светска вина; сакајќи и несакајќи, но исто така и со безволност и плашливо бегање од цврста одлука; работејќи и неработејќи, но исто така и со полуработење или пилатовско „миење на рацете“; со чувства и мисли, но исто така и со здрвено бесчувствие и тапо неразмислување. Ние соучествуваме во вината на целиот свет – непосредно, и со посредство на другите, навредени или заразени од нас, и со посредство на трети, нам непознати, но кои го примиле нашето лошо влијание. Зашто целото човештво живее како во еден сеопфатен духовен етер, кој сите нас нè вклучува во себе и нè поврзува еден со друг. Ние како да го вдишуваме и издишуваме тој заеднички воздух на битието; и во него ги испраќаме своите „бранови“ или „зраци“, дури и тогаш, кога не мислиме на тоа или не го сакаме тоа, и примаме од него туѓи зраци, дури и тогаш кога ништо не знаеме за тоа. Секоја лукава мисла, секое чувство на омраза, секоја зла желба – невидливо го трујат тој воздух на светот и се пренесуваат преку него понатаму и понатаму. И секоја искра на чиста љубов, секое добро движење на волјата, секоја осамена и бесловесна молитва, секоја срдечна и совесна помисла – зрачи во таа општа животна средина и со себе носи светлина, топлина и очистување. Несвесно и полусвесно еден на друг си читаме во очите и во цртите на лицата, го слушаме звукот и вибрирањето на гласот, гледаме во гестовите, во начинот на одење и во ракописот многу скриени, неисполнети, неискажани нешта и, откако ќе ги воспримиме, ги земаме со себе и им ги предаваме на другите. Бесмртниот Кошчеј[1] не попусто ги обмислува своите лукави замисли. Баба Јага[2] не попусто ја разнесува својата злоба во аван. Сатанистите не бесцелно и не без последици се предаваат на своите медитации. Но и осамената молитва на Симеон Столпник му свети на светот благодатно и делотворно. А незнајните праведници, благодарение на кои опстојуваат градовите и царствата, ја формираат вистинската, реална основа на човечкиот живот.

Ете зошто на светот нема „виновни“ и „невини“ луѓе. Постојат само такви, кои знаат за својата виновност и умеат да ја носат својата и сесветската вина, и такви, кои во својата заслепеност не знаат за тоа и се трудат да изгледаат невини и да им ја покажат и на другите својата божемна невиност.

Првите имаат доволно храброст и смирение, за да не ги затвораат своите очи пред својата вина. Тие ја знаат вистинската состојба во светот, знаат за општата поврзаност на сите луѓе и се трудат да ги очистат и да ги направат нештетни духовните зраци што тие ги испраќаат. Тие се трудат да не го трујат, да не го заразуваат духовниот воздух на светот, напротив – му даваат светлина и топлина. Тие си спомнуваат за својата виновност и бараат нејзино точно спознавање, за да го згаснат нејзиното штетно влијание и да не ја зголемуваат нејзината тежина. Тие размислуваат за неа спокојно и достојно, без да паѓаат во афект на преувеличување и без да заглавуваат во ситничарење. Нивното себепознание му служи на светот и секогаш е подготвено да му служи нему. Тие се носители на светската вина, кои го очистуваат светот и го зацврстуваат неговото духовно ткиво.

А другите се вечни бегалци, кои безнадежно „се спасуваат“ од својата вина: бидејќи вината ги следи, слично на древната Еринија[3]. Тие си мислат дека одговараат само за она, што тие смислено и намерно го направиле во површниот живот и не знаат ништо за единствениот светски етер и за општата светска вина, во која сите нитки се преплетуваат во нераскинливо единство. Тие бараат спокој во својата божемна невиност, која ним, како и на сите останати луѓе, еднаш засекогаш им е недостапна. Колку умно и логично размислуваат тие, колку е вчудовидувачка нивната сила за судење, кога тие ги изобличуваат своите ближни, ги покажуваат нивните грешки, ги обвинуваат, ги приковуваат на столбот на срамот… И сето тоа е затоа, што ним им се причинува дека тие со самото тоа се оправдуваат себеси. Но кога тој проблем ќе ги допре самите нив, тогаш тие во истиот миг стануваат кусогледи, заслепени, наивни и глупави. И кога тие би знаеле колку со ова си наштетуваат на себе и на светот… Тие се стремат да си докажат на себе, дека самите тие се „многу добри“ и „потполно невини“, дека, според тоа, во ништо не треба да се менуваат и не треба да се усовршуваат. Но токму како последица на ова, зраците што тие ги испраќаат во светот, остануваат без контрола и очистување, и светскиот воздух, веќе затруен и оболен, пак и пак ги впива во себе испуштените од нив отрови на нискоста, омразата и злобата…

Доколку сум го видел и сфатил сето ова, тогаш јас стојам на вистинскиот пат. Секој од нас треба пред сè да го измете и уреди својот дом. Со тоа почнувам и јас.

Значи, јас не барам спас во бегање. Јас ја примам својата вина и отсега ја носам спокојно, чесно и храбро. Веројатно ќе има и тешки, болни мигови; но таа болка е очистувачка и полезна. Јас ќе ја барам и пронаоѓам својата вина не само во тоа што сум го извршил надворешно, со зборови и постапки, туку и подалеку, подлабоко, поинтимно, во моите за видот незабележителни, а, можеби и, неизречени состојби на душата, онаму, каде што почнува мојата најцелосна самотија и каде што не проникнува моето себепознание. Насекаде – каде што во мене недостасува љубов и простување; насекаде – каде што јас заборавам за единственото „пространство“ и општиот „етер“ на духот; насекаде – каде што јас престанувам да Му служам на Бога и да го исполнувам Неговото Дело или каде што јас, во секој случај, сум нецелосен во тоа служење.

Ако јас некогаш ја разберам мојата вина, тогаш моето жалење за неа треба да биде вистинско страдање, сè до раскајување и до подготвеност да ја искупам; и најглавното – сè до одлуката во иднина да станам поинаков и да постапувам поинаку. Така расте во мене реалното чувство на одговорност; кое отсега ќе стражари над секоја нова постапка.

Испитувајќи ја мојата вина, јас наоѓам и расплетувам сто други различни нитки, заплетени во односите кон другите луѓе. Полека се одмотува пред мене ткаенината на општествениот живот; јас постепено се навикнувам да го примам и созерцувам општиот етер на духовното битие, – и ете почнувам да сфаќам дека јас навистина „испраќам“ и „примам“ во и од тој општ воздух. Тоа ме учи правилно да ја оценувам мојата виновност и да не паѓам под нејзиното реално бреме. Сурово, но скапоцено школо. Секој чекор за мене станува скалило, кое води кон зацврстување на духот и на вистинскиот карактер. Без да паѓам во збунетост и очај, јас го гледам сиот свој живот, како долг синџир на виновни состојби и дела – и оттаму црпам сè повеќе храброст и смирение.

И според мерата на тоа, колку го сфаќам ова, јас добивам право да го разгледувам прашањето за туѓата вина; не затоа, за да ги изобличувам другите и да ги осудувам – потребата од ова сè повеќе исчезнува во мене – туку затоа, за да навлезам сочувствително во нивните животни приказни и во нивните душевни состојби онака, како јас секогаш да се ставам на местото на виновниот човек и како да е неговата вина моја. Тоа значително го зголемува и продлабочува моето искуство на виновност, и јас постепено научувам да ја носам не само својата вина, туку и туѓата: да ја носам, т.е. да ја совладувам со духот и љубовта.

Но, говорејќи ја вистината, јас сум сè уште далеку од тоа… Не знам дали некогаш ќе го стекнам тоа искуство… Можеби, а можеби и не… Но за мене само едно е несомнено, дека тоа е вистинскиот пат…


[1] Негативен лик од руските сказни и бајки во рускиот фолклор. Слично како и змејовите, и овој Цар ги граба најубавите девојки и млади жени. Тешко е да се убие, затоа што неговиот живот е скриен во јајце, далеку на еден остров. Се претставува како слаб, ковчест и злобен старец (бел. на прев.).

[2] Негативен лик во рускиот фолклор (кај Јужните Словени „Баба Рога“ или „Баба Зима“), старица која поседува магиска сила, маѓепсница. Нејзино превозно средство е аванот (бел. на прев.).

[3] Во грчката митологија божица на одмаздата.

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *