Свети Кирил Ерусалимски е роден околу 315 година во Ерусалим или во неговата околина. Сведоштвата за неговиот живот се оскудни. Детските и младите години ги поминал веројатно во Ерусалим, каде што го стекнал и своето образование. Не е познато какви училишта посетувал и какво образование стекнал. Ерусалимскиот архиепископ Макариј ги проценил талентите, желбата за знаење, подготовката и приврзаноста на свети Кирил кон Црквата и го зел под свое покровителство. Во 335 год. тој го ракоположил за ѓакон, а околу десет години подоцна наследникот на Макариј – архиепископот Максим, го ракоположил во презвитерски чин и му дал раководство на ерусалимското катихетско училиште. Неговото големо искуство и вештина како христијански проповедник и катихет се покажале во неговите познати катихетски беседи, коишто тој ги произнесол подоцна, во текот на Великиот пост и во текот на Светлата седмица, насочени кон оние кои се подготвувале да примат Свето Крштение и кон новокрстените. По смртта на архиепископот Максим околу 348 год. за негов наследник еднодушно бил избран од клирот и народот достојниот по живот и служење презвитер Кирил.
Архиепископското служење на свети Кирил не минело спокојно. Тој бил подложен на жестоки напади и гонења од страна на аријаните. Три пати бил прогонуван од епископскиот престол. Поминал 17 години во прогонство. Аријанскиот епископ на Кесарија Палестинска Акакиј влегол во спор со свети Кирил во врска со законитоста на првенството по чест на Ерусалимската епископска катедра, какво што првенство ì се одредувало согласно 7 правило на Првиот вселенски собор (дотогаш такво првенство му се признавало на кесарискиот епископ). Освен тоа свети Кирил неосновано бил обвинет од епископот Акакиј, дека ги растура црковните предмети и имоти. Имено, во тоа време настапил голем глад во Ерусалим, и свети Кирил морал да продава дел од црковните имоти, предмети, украси за да може да го прехрани народот. Тоа било повод за епископот Акакиј да го обвини неосновано. Во 357 год. бил свикан Собор на кој свети Кирил бил несправедливо и незаконски лишен од катедрата и осуден на прогонство. Свети Кирил требало да го напушти Ерусалим. Тој заминал во Антиохија, а потоа во Тарс, каде што братски бил примен од епископот Силуан. Тој дури и го поправил епископот Силуан во некои негови погрешни учења за верата, кои еп. Силуан ги имал примено од некаде. Во 359 год. на Собор во Селевкија, отстранувањето на свети Кирил од архиепископската катедра било отфрлено како противканонско. Но во 360 год. Цариградскиот архиепископ Евдоксиј и епископот Акакиј свикале собор во престолниот град (Цариград), на кој свети Кирил пак бил осуден на прогонство. А и императорот Констанциј не го признал решението на Селевкискиот собор. По заземањето на престолот од императорот Јулијан (Отпадник) во 362 год. архиеп. Кирил пак можел да се врати во Ерусалим на својата катедра. Во времето на императорот Валент, кој бил упорен поддржувач на аријаните, во 367 год. свети Кирил повторно бил отстранет од катедрата и испратен во прогонство, кое траело 11 години. Дури во времето на императорите Грацијан и Теодосиј Велики настапило за Црквата поспокојно време. Во 378 год. свети Кирил слободно се вратил во Ерусалим и ја зазел својата катедра.
Во негово време се случил чудесен настан на Педесетница: на небото се појавил знакот на крстот, посветол од сонцето, кој се простирал над Ерусалим и Елеонската Гора, и траел неколку часа почнувајќи од деветтиот час наутро. За оваа чудесна појава, која била видена од сите жители на Ерусалим, му пишувал свети Кирил на царот Констанциј, советувајќи го да се врати во Православието, бидејќи овој цар застранил од вистинскиот пат на верата и заскитал во аријанското зловерие, и ги злоставувал православните.
До крајот на животот свети Кирил се посветил на сестрани грижи за доброто на повереното му паство и за воспоставување на нарушеното црковно единство во неговата дијацеза. Во 381 год. учествувал на Вториот вселенски собор во Константинопол како столб и заштитник на апостолската вера и благочестие. Се упокоил на 18 март 386 год., на кој ден Светата Црква го празнува неговиот спомен.
Дела
1. „Катихетски беседи“, кои се состојат од едно предогласително слово, 18 огласителни и 5 тајноводствени слова;
2. „Беседа за раслабениот“ (345 год.);
3. „Послание до императорот Констанциј“, за чудесното јавување на големиот блескав крст над Ерусалим на 7 мај 351 год.
4. Три мали фрагменти од проповеди.