Преподобен Симеон Нов Богослов (949-1022)

Loading

Преподобниот Симеон Нов Богослов роден е во 949 година во градот Галата (Пафлагонија), а во Цариград стекнал световно образование. Татко му го подготвувал за кариера во царскиот двор, и извесно време младичот заземал висока позиција во императорскиот двор, во времето на Порфирогенитите Василиј II и Константин VIII. Но откако стигнал на возраст од 25 години, тој почувствувал призив кон монашки живот, заминал од дома и се оддалечил во Студитскиот манастир, каде живеел во послушание под раководство на познатит во тоа време старец Симеон Побожниот (Благоговејниот). Основен подвиг на преподобниот станала Исусовата молитва во нејзината кратка форма: „Господи, помилуј“. За поголема молитвена сосредоточеност тој постојано сакал осамување, дури и на литургија стоел одделно од браќата, честопати останувал сам ноќе во црква; за да се навикне на спомнување на смртта, ноќите ги поминувал на гробиштата. Плод на неговите усилби биле посебните состојби на егзалтација: во тие часови Светиот Дух во вид на светол облак слегувал врз него и покривал сè околу него пред неговите очи. Со текот на времето тој достигнал висока духовна просветленост, што посебно се откривало кога тој служел Литургија.

Околу 980 год. преподобниот Симеон бил поставен за игумен на манастирот на свети Мамант и поминал во тој чин 25 години. Тој го привел во добар поредок запуштеното раководење на обителта и изградил манастирски храм.

Добрината на преподобниот Симеон била приникната од строгоста и непрекинатото запазување на Евангелските заповеди. Па така, на пример, кога неговиот омилен ученик Арсениј ги отепал гавраните, кои го изеле лебот, и игуменот му заповедал да ги наниже мртвите птици на конец, и да го стави тој „ѓердан“ околу вратот и да стои во дворот. Во манастирот на свети Мамант се каел за гревот некои епископ од Рим, кој несакајќи убил некој млад роднина, и преподобниот покажувал кон него добрина и внимание.

Строгата монашка дисциплина, која постојано ја одржувал преподобниот, довела кон силно незадоволство среде манастирските браќа. Еднаш по Литургијата посебно разгневените од браќата се нафрлиле на него и за малку ќе го убиеле. Кога пак Цариградскиот патријарх ги протерал од манастирот и сакал да им ги предаде на градските власти, преподобниот измолил за нив прошка и им помагал во животот во светот.

Околу 1005 год. преподобниот Симеон го предал игуменството на Арсениј, а самиот тој се населел во манастирот одделно. Таму тој ги создал своте богословски дела, од кои делови влегоа во петтиот том од „Добротољубието“. Главна тема на неговото дело е скриеното дејствување во Христа. Преподобниот Симеон учи на внатрешна борба, на начините за духовно усовршување, на борба против страстите и гревовните помисли. Тој напишал поуки за монасите, „Богословски поглавја, созерцателни и практични“, „Слово за трите начини на молитва“, „Слово за верата“. Освен тоа, преподобниот Симеон бил истакнат црковен поет. Нему му припаѓаат „Химните на Божествената љубов“ – околу 70 поеми, полни со длабоки молитвени размислувања.

Учењето на преподобниот Симеон за новиот човек, за „обожувањето на плотта“, со кое тој сакал да го замени учењето за „умртвувањето на плотта“ (поради што и го нарекле Нов Богослов), со тешкотија било примано од современиците. Многу негови поуки звучеле за нив неразбирливо и туѓо. Тоа довело до конфликт со високиот цариградски клир, и преподобниот бил подложен на прогонство. Тој се оддалечил на брегот на Босфорот и таму основал манастир на света Марина. Светителот мирно се преставил пред Бога во 1022 год. Уште додека бил жив добил дар на чудотворство. Многубројни чудеса се покажале и по неговата смрт; едно од нив е чудесното пронаоѓање на неговата икона. Неговото житие е напишано од неговиот соќелијник и ученик, преподобниот Никита Ститат.

Досега кај нас се преведени на македонски јазик и издадени само неговите Химни, како и одделни проповеди.

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *