Што и како да исповедаме?

Loading

Ѓакон Јани Мулев

Постојат многу прирачници за подготовка за исповед, во кои често може да се сретнат разни упатства за себеиспитување и исповедање според десетте старозаветни заповеди, според Блаженствата, Евангелието, житијата и делата на Светите Отци итн. Но, исто така, гревот и страстите можеме да ги препознаеме доколку почнеме активен христијански живот. Па така, кога ќе почнеме да постиме ќе видиме колку сме алчни, ненаситни, невоздржливи, колку му робуваме на стомакот, колку ни значи храната, колку сме сладострасни; кога ќе почнеме да се воздржуваме со очите, ќе видиме колку сме биле зависни од гледање на похотливи лица, слики, тела, порнографија итн. Кога ќе почнеме да постиме со слухот, ќе видиме колку сме биле зависни од оговарање, клеветење, и од желбата да слушаме раскажувања за туѓите животи и проблеми. Кога ќе почнеме да постиме со умот, ќе видиме колку сме зависни од расеаност, разни лоши и развратни помисли итн. Кога ќе почнеме да се молиме редовно ќе забележиме, како никогаш дотогаш, колку сме расеани, невнимателни. Кога ќе почнеме да одиме редовно во црква, ќе видиме колку сме мрзливи, неволни, поспани, комформисти итн. Кога ќе треба да простуваме, ќе видиме колку сме горди и надуени, суетни, помрачени, полни со омраза, завист, гнев и сл. И особено ќе се видиме во подвигот на љубовта, во стекнувањето и практикувањето на најголемата добродетел. Тогаш ќе видиме во нас студенило, омраза, лицемерие, лажење, дволичност, неприфаќање, отфрлање, осудување, недружељубивост, егоистичност, неподготвеност за себежртвување, непожртвуваност итн. Сите овие феномени, дел од нив, или пак и многу други ќе видиме дури откако ќе почнеме да водиме христијански живот. Претходно, додека сме му угодувале на ѓаволот, сме им служеле и робувале на нашите страсти, гревови, пороци и зависности, не сме ни биле свесни за присуството на вакви феномени во нас, но откако ќе решиме да живееме согласно Божјата волја, сите овие ќе излезат на површина, и постојано ќе ни се испречуваат во нашиот духовен живот и духовно растење.

Кога одиме на исповед мораме да бидеме свесни дека одиме за да ни биде простено, и затоа треба да ги исповедаме своите гревови, а не да зборуваме за гревовите на своите ближни, со цел да се оправдаме себеси. Мораме да се помириме со нашата фактичка гревовна состојба, да си ги признаеме пред себе гревовите, онакви какви што сме ги сториле, за да можеме да ги признаеме и пред Бог, и да примиме простување, затоа што нема таков грев за кој сме се покајале, а кој не може да ни биде простен. Само упорното непокајание и самоубиството не се простуваат, сè друго се простува откако ќе се покаеме. Не смееме самите да не си ги простуваме исповеданите гревови, туку надевајќи се на милоста Божја, она што ни е исповедано, за што сме се покајале, да го сметаме за простено, и повеќе да не се навраќаме на него.

Исто така исповедта не смее да се претвори во формално набројување гревови, туку треба да имаме жалење за сторените гревови, и желба за промена и подобрување.

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *