СВЕТИ ЈОВАН ЗЛАТОУСТ

Loading

Во основата на секоја лична придобивка, на секој семеен успех, на секој општествен расцут, на секоја национална култура и на целата светска цивилизација, несомнено, лежат личности и трудови, таленти и идеи, подвизи и саможртви. Тоа социјално правило и историски закон важи и за црковниот живот низ вековите: златните столетија на црковната историја се жртвено дело на богоозарени луѓе, подвизи и саможртви. Големата духовна ризница на Црквата; неисцрпниот морален капитал на нејзините градители; вековното мирогледно раководство и влијанието врз битот на народите е плод и дело на: големи духови, чисти срца, строги совести, неуморни трудбеници, жртвени служители, кои живееле и работеле со благодатно просветлување одозгора! Сјајна Деница во ова блескаво соѕвездие од црковни пионери е свети Јован Златоуст – убавина на Црквата и чест на нејзиниот клир. Тешко е да се зборува и ризично е да се пишува за овој знаменит маж на христијанството, зашто ѕвездата не може да го опише Сонцето, ниту пак, да ја разоткрие неговата светлина – затоа во право бил секогаш спомнуваниот владика Софрониј Врачански, кој пишувал по овој повод, со следните зборови: „Не е можно никој друг да ги претстави добрините и пофалбите на големиот пастир свети Јован Златоуст, ако не биде втор Златоуст, зашто неговите добродетели ги надминуваат човечките сили“. Вековите и поколенијата по Златоуст и до денес не го посочиле неговиот рамен двојник; меѓутоа, силата што го создала, оформила, јакнела и раководела Златоуста во животот и творештвото, и денес не ја откажува помошта на оној, кој би посакал, според силите, во скромни размислувања, да го засегне и карактеризира овој гениј и светител на Христовата Црква.

Свети Јован Златоуст е роден во Антиохија Велика, престолнина на Сирија, околу 347 година, син на Секунд, главен воен командант на сириската армија и рожба на Антуса, најблагородната аристократка на престолнината. Почетното воведување во писмото и зборот и елементарното расветлување на срцето и добродетелите – детето Јован ги добило од своите високообразовани и ретко благочестиви родители. Од домот на родителите почнало неговото воспитание и образование – каде е втемелена основата на неговото служење и подвиг. Угледното потекло, високата општествена положба, богатата материјална состојба и културната родителска свест, му дале широка можност на младиот Јован сестрано да ги развие своите големи дарби и да се оформи како гениј на вековите. Тој ја имал несреќата во своите млади години да остане без татко, а благочестивата му мајка и покрај младоста, убавината, богатството, угледот и соблазната, останала вдовица до гроб: претпочитала физички да тлее, но духовно да цвета, откако сецело се жртвувала за идното воспитание и образование на единствената рожба, која за нејзина утеха била образ и подобие на татка си. Тој подвиг на Антуса бил високо ценет од сите – од него се восхитиле и христијаните, се поразиле јазичните; а Ливаниј, претставник на згаснатите јазичници, трогнат од таа мајчинска жртва, извикал: „О, ако јазичниците имаа такви мајки, јазичништвото никогаш не би загинало!“ Свети Јован изучува богословие кај Диодор Тарсиски; слуша философија кај Андрогаф во Антиохија; следи беседништво кај познатиот ретор Ливаниј. Неговата трудољубивост, љубов кон науката и успесите, ги восхитуваат неговите другари и биле трогнати неговите учители. Кога го запрашале побелениот и подгрбавен Ливаниј, кого го смета за достоен наследник на катедрата – тој со воздишка одговорил дека таков, несомнено, е даровитиот Јован, но, за жал, христијаните рано им го зеле.

На 20-годишна возраст даровитиот Јован ги завршил науките и бил готов да се посвети на служба. Радоста на мајка му од тој блескав успех и солидната подготовка била безгранична. Тој зачекорил во животот задоен со вера и љубов, воспитан во вистина и правда, сестрано развиен во надареноста и опашан со опширни знаења – ја избрал за службено боиште на животот адвокатската кариера на завидно ниво за тоа време, која била врата кон повисоки служби во империјата – па и талентот го насочил кон неа. За кусо време младиот адвокат добил големо име во средината и придобил многу клиенти пред судот – меѓутоа, се разочарал од изборот: службениот поредок и професионалниот начин на работа на таа служба биле противречни со неговата кристално природна свест и мистичко – аскетска ориентација. Таа криза во неговиот дух и таа борба во неговиот живот, не останале непознати за окото и срцето на мајка му – таа ја забележала интимната мечта на Јован и неговиот поглед кон пустината. Срцата на мајката и синот се разбирале без зборови – разделбата била на повидок. Воспитаниот син ги дочекал последните денови на својата мајка, која заради него се лишила од сите задоволства, кои суетниот свет изобилно ì ги предлагал. По смртта на мајка му, Јован го продал и раздал богатото наследство на сиромаси и страдалници, тргнал по патот на осаменоста и сиромаштијата и се оддалечил во еден манастир во околината на Антиохија – подалеку од вревата и суетата на светот, подалеку од злобата и соблазната на народите. Таму цели четири години тој живеел во сферите на мистиката и се калел во подвизите на аскетизмот. Деновите му поминувале во молитва и пост, во размислувања и самообразование, во созревање и усовршување. Го воздигнал духот во девствени размислувања и го калел телото во монашки послушанија. Јован мечтаел за целосно аскетско и ангелоподобно битие – тој го напуштил манастирот и се упатил во една пештера во сириските планини, каде што поминал две години во целосно самосоединување! Пустината му била втора мајка на Јован, но тој не бил роден за чедо на пустината: промислително, било поради истоштено тело, било поради насушна народна потреба, било поради крајна црковна неопходност, пустиникот требало да ја напушти пештерата и да се врати во бучната Антиохија – по волјата Божја.

Црквата Христова го пречекала мистичниот Јован со мајчинска радост и отворени прегратки – неговата широка култура и духовен опит биле животна потреба за нејзиниот живот и мисија и таа торжествено го посветила и вовела во новозаветното левитско служење – го ракоположила за ѓакон во 381 г. Со ревноста и словото на Стефан, тој од душата се посветил на ѓаконското служење на малите Христови браќа – му го довериле делото на добротворството во целата дијацеза на Антиохиската црква. Оттука започнала славата на тој познат маж и страдањата на таа маченичка душа. Јован служел како ѓакон цели пет години – благословен бил тој период за неговото класично служење како пастир. За време на тие години го напишал и познатиот трактат „За свештенството“ – книга, која е цело евангелие за пастирското достоинство и живот, за свештеничкото служење и творештвото за сите времиња и за сите служители на Христа. Животен прилог на неговите идеи, Јован ни дал во своето презвитерско служење од 386 до 397 г., пак во родниот град и земја – години на свештеничка ревност и татковски грижи; години на блескава проповед и завидна слава; години на апостолска служба и широко добротворство. Во Антиохија, градот на задоволствата и суетата; градот на бучавата и соблазната; градот на страстите и метежот – енергичниот пастир проникнал во тајните бразди на човечката душа; навлегол во скриените пазуви на животот и светот; ги разоткрил патиштата на порокот и добродетелствата: неговата проповед воодушевувала илјадници души, неговото добротворство спасувало многу домови. Циркусот почнал да опустошува, а театарот почнал да се испразнува – храмот, мегутоа, вриел од народ и од амвонот се леело слово чудесно, кое повикувало со восхит, со солзи, со занес во човечките души! За Антиохија биле незаборавни беседите на презвитерот Јован, произнесени пред антиохијците за време на нивниот бунт против императорот, историски биле за омилитиката, раководни биле за пастирите. Нескротливиот карактер на антиохијците изродил голем метеж во градот и провинцијата – законот бил згазен и круната понижена: вандалски биле симнати и испокршени статуите на императорот Теодосиј Велики и неговата жена Флацила – оган и злоба надвиснале над градот и бунтовниците! Само магичното слово на Јован ги успокоило разгорените духови; ги ослободило градот и околината од меѓусебни судири; ги спасило Црквата и империјата од потреси; симнало од бесилка многумина. Тој чудесен дар за слово и таа ретка пастирска ревност не останале без награда уште од она време – антиохијците го обожавале духовниот наставник и учител, а една благочестива старица, во мистичен занес од неговото божествено слово, го прекинала во храмот, среде проповед, со достојни за него зборови: „3латна ти е устата, сине“ – оттогаш и до денес тој го носи заслужено прекрасниот прекар „Златоуст“!

Славата на красноречивиот пастир и величието на неговите добротворства ги надминуваат ѕидините на Антиохија и границите на Сирија, дури за него се покажуваат како тесни: името и талентот на црковниот ластар достигнале до ушите на императорот Аркадиј; славата за неговата проповед и дејност крстосувала низ престолнината. Во 397 г. умрел цариградскиот архиепископ Нектариј. По мислењето и расположението на државниот врв, на сенаторите, на народот, на мнозинството од клирот, покрај болните амбиции на завидливите претенденти, за најдостоен кандидат, по талент, заслуги и живот, за тој врховен црковен престол, бил поканет и посочен антиохискиот презвитер Јован. Антиохијците не сакале да се разделат од својот пастир, ниту, пак, Сирија сакала да се прости со славата. Па и самиот Јован бил ангажиран за да не се разделува со клирот и паствата. Меѓутоа, царската заповед не трпи промени – презвитер Јован со итрина бил изведен од Антиохија и речиси насилно одведен во Цариград. Главен виновник за тоа одведување, оцена и унапредување на антиохискиот проповедник, црковната историја го посочува евнухот Евтропиј – прочуен чиновник и прв министер на државата во тоа време. Цариград го пречекал свети Јован Златоуст со невиден восхит и торжествено „осана“ – макар што, истата престолнина, само по неколку години, жестоко го испратила на смртно заточение со викање „распни го“!

Тогаш, односите на Црквата и државата не биле на високо ниво и вистински пат. Самоволието на императорот и своеволието на императорката, расправиите помеѓу сенаторите – ја подгреале тиранијата на властољубецот Евтропиј. Световноста и либерализмот на патријархот Нектариј, го растроиле идејно, морално и дисциплинарно животот на Црквата. Сето ова, длабоко ја разбранило душата на новиот архипастир и било крајно противречно со кристалната совест, свештеничкото сознание, богослужбената ревност и строгиот карактер на големиот светител. Тука е зачетокот на неговата трагедија во Цариград, кој му причинил многу тешкотии и маки, но му сплел нетленен венец за вековите! Новиот првопросветител на престолнината, со ревноста на пророкот Илија и со строгоста на крстителот Јован, почнал од амвонот да лее огнено слово против духовни и световни лица, против големи и мали народи, кои се облекле во мантијата на лицемерието и му служеле соблазнително на порокот. Во проповедта и дејноста, тој не поштедил ниедна личност и никакво зло: од Црквата, од дворецот, од сенатот, од аристократијата и од толпата. Новата Ниневија се нашла под словесниот камшик на новиот Јован – сè се тресело и замислило; многумина го добиле заслуженото; многу работи се исправиле; многумина се вразумиле – меѓутоа, се оформила партија од провокатори против Јован и книжевно почнала да го следи во животот и словото, за да го обвинува и да му суди!

Првите чекори од служењето на свети Јован во Цариград биле изразени не само во изобличена проповед против злото, но и во татковски грижи за паствата – сè чесно и страдално било под неговото татковско око: сè раскајано и вразумено можело да се прими во неговите прегратки. Уште со влегувањето во архиепископскиот дом, тој го распродал богатиот и скапоцен мебел на претходникот; ги намалил службите во канцеларијата до минимум; ги отстранил секаквите средби и раскошните гозби; и од средствата и економиите на сето тоа тој изградил и опремил една црковна болница и основал низа други богоугодни и човекољубиви установи. Голем мистик по мисла и строг аскет по настроение – свети Јован водел пословично скромен и многу осамен живот, покрај високиот чин, особената службена положба и исклучителните богатства и привилегии. Секогаш сам се хранел крајно скромно: никогаш не сакал да прима гости; ниту пак сакал да гостува некому; се облекувал многу скромно; дури ги поништил и протоколите сврзани со постот, кои кај неговиот претходник Нектариј отишле во крајност. Тие сфаќања и навики на Божјиот служител му создале многу горчини од различни луѓе, многу сомневања и критики се изродиле околу тоа, против него, од луѓе со слободни карактери и искривени совести. Високиот идеализам, ангелската чистота, апостолското смирение, разоткривачката проповед, широкото добротворство, строгата дисциплина, сенародната љубов, моќната слава на престолничкиот светител Јован, не им се допаднале и ги збуниле слабокарактерниот Аркадиј, развратната Евдоксија, тиранинот Евтропиј, збунетите сенатори, многу суетни дами, некои завидливи собраќа, грешни клирици и некои неискрени монаси – зависта и жестокоста стапиле во сојуз и молњите на порокот и суетата го собориле тој ангел во тело на земјата. Таква е судбината на оние, кои искрено ја носат вистината и жртвено служат на правдата! И чудно, и жално, и демонски е – свети Јован Златоуст бил веќе на обвинителната клупа, бил суден и невино осуден, како Христа, од изобличени грешници и завидливи собраќа, на жестоко заточение и речиси на јавна смрт!

Босфорот е лента од убавини; бреговите му се страница на разнообразна историја; вековите му се крстосуваат од многу слава и не малку срам; во редовите на последниот бил и соборот при селото Даб, во близина на Халкидон, на малоазискиот брег. Таму е суден и осуден свети Јован Златоуст и пратен на заточение! Соборот составил километарски акт од обвиненија – едни лажни, други преувеличени, трети со умисла. Меѓутоа, недостигало најважното обвинение за оригенизмот на Златоуст – поводот за свикување на соборот и основа на пресудата. На тој собор трагична улога играле: наивниот Епифаниј Кипарски, чеснољубивиот Акакиј Бериски, завидливиот Северијан Габалски и жестокиот Теофил Александриски – првиот вовлечен во старечка добродушност; вториот навреден, зашто бил угостуван од Златоуст со грав без зејтин; третиот, зашто не бил посочен за архиепископ на Цариград; а четвртиот, дека правото на првенство од древност на Исток за Александрија е одземено од престолнината, но главно, дека тој не бил на местото на Златоуст. Помногубројни биле оние на соборот во заштита на Јован. Меѓутоа, световната власт била на страната на неговите противници. Демантирањата не биле земени во предвид, а обвиненијата ги примиле за вистина. Пресудата, колку и да била чудна, била утврдена од императорот како закон. Безволниот Аркадиј немал критичен ум да ја разбере скриената улога на соборот и ниската политика на жена му – тој не гледал, дека пред себе има збир од лукави и нови Иродијади. Пресудата ја збунила престолнината, толпата била пред бранување. Златоуст се предал тајно на власта, го одвеле преку ноќ во Мала Азија. Другиот ден толпата го обиколила дворецот со страшни викотници, а следната ноќ земјотрес разрушил сè. Тогаш вознемирената Евдоксија на полноќ го разбудила императорот и посакала да се врати прогонетиот праведник, оти Господ затоа ги казнил. Учесниците на соборот го напуштиле Босфор пред време: Теофил тајно избегал, а Северијан бил срамно изгонет – стихијата на толпата била страшна! Пратеникот од дворецот со писмо пристигнал и го вратил заточеникот – вистината воскреснала, правдата победила, народот бил во радост, Црквата ликувала! Босфорот не можел да ги собере сите и бреговите вриеле од луѓе – праведниот архипастир бил помеѓу саканата му паства.

Кратковремена била радоста на Црквата и временото успокојување на Златоуст – лукавиот не ја напуштал позицијата и повторно почнал да фрла стрели кон Јован. Драматичните настани околу Босфорот не го заматиле  духот на Златоуст, ниту пак му ја измениле природата: тој останал непроменет во животот и службата, словото и поведението, кон себеси и кон другите како и порано. Угодливите луѓе направиле статуа на суетната Евдоксија, како место за прослава ì бил определен плоштадот пред соборниот храм. Во недела се насобрала група со бучна свеченост околу статуата; на плоштадот се развиле пагански сцени и игри;  богослужението во храмот било силно попречено. Златоуст се качил на амвонот и беспоштедно почнал да ги камшикува светотаинственото ликување на виновната и учесниците во свеченоста. Словото на светителот го парализирала идолопоклонското празнување, но, започнала втората Голгота за Големиот пастир! Озлобената толпа го обвинила проповедникот, оти започнал слово со зборовите: „Пак беснее Иродијада, пак ја сака главата на Јован!“ Тоа, конечно, ја решило судбината на престолниот архиепископ – старите обвиненија воскреснале и нови биле пуштени во бесен òд; тој требало да избира или меѓусебно крвопролевање, или смртно заточение. Неговото смирение му го шепнало последното – не сакал никаква човечка заштита; се предал тајно на власта и тргнал по патот на прогонството.

Престолнината пак се раздвижила – и врвовите и низините биле во метеж. Ден по прогонството на праведникот се запалил соборниот храм „Св. Апостоли“, пожар ја уништил палатата на сенатот; оган ја зафатил зградата на дворецот; наскоро се појавил силен земјотрес; во околината паднал град што пустошел; несреќите ги направиле некои лути противници на Златоуст; почнало со гонења на Јовановите приврзаници; некои биле осудени и на смрт – во сето ова многу мистични души го виделе прстот на Промислата! Во истото време свети Јован се потел и мрзнел, во глад и жед, во немоќ и болест, во лишување и жесток подбив, чекорел исповеднички кон далечната Ерменија – Кукуз; тоа е првиот град на неговото заточение! Златоуст бил миленик на паствата, не само во слобода и слава. Во окови и под пресуда, тој за неа станал маченик и светител, а престојувалиштето му било култ за поклонение. Во Кукуз, Златоуст бил затрупан со писма и посети, со пари и дарови од многу лица и места. И тој пишувал и одговарал, просветувал и благотворел, мисионерствувал помеѓу Персијците и ослободувал преку откуп затвореници! Тоа сочувство и таа дејност ја дразнеле власта – и, покрај вандалските противдејствија, влијанието на заточеникот не ослабнало: тоа предизвикало оддалечување во најкрајниот пункт на империјата – Питиунт. Тоа преместување го скусило животот на исповедникот – силите го напуштиле и тој бил пред маченички крај. При градот Коман тој го почувствувал крајот на својот живот; ја замолил стражата на конвојот да го одведе во храмот „Свети Василиск“, тука ја соблекол облеката со која патувал и се облекол во единствената нова облека; принесол срдечна исповед кон Бога и се причестил со Светите Тајни; и веднаш потоа, во блажено смирение, ги произнел заветните зборови: „Слава на Бога за сè“ и умрел. Тоа се случило на 14 септември 407 година. Фарисеите и книжниците не го убија Христа на Голгота, а Го прославија – така и непријателите на Златоуст не го уништија во заточението, а го возвеличија; зашто името и животот на Златоуст во заточението се двојно поголеми, отколку името и дејноста од слобода! Само 30 години по смртта биле доволни, за да застане пред лицето на Црквата и народот, речиси, како канонизиран маченик и светител: во 438 г. моштите му биле донесени од Коман во Цариград и погребани во соборниот храм „Св. Апостоли“. Бреговите на Босфорот пак потемнеле од народ и водите му вриеле од кораби полни со луѓе кои сакале да го пречекаат: моштите на брегот биле благоговејно примени од императорот Теодосиј II, син и наследник на Аркадиј и Евдоксија, кој пред целиот народ, на колена испросил прошка од светителот и маченикот за прегрешенијата на покојните родители кон него! Таква била разврската на една црковна трагедија и крајот на еден заветен живот.

 

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *