Житие
Преподобниот Макариј е роден околу 295-300 год. во едно село во Долен Египет. Татко му бил свештеник. За разлика од неговиот современик и истоимен преп. Макариј Александриски, се нарекува Египетски, а заради неговата светост и мудрост – Велик. Нема зачувани сведоштва дали стекнал образование во некоја школа, но од творбите му се гледа, дека тој, сепак, добил добро образование. Уште од рана возраст тој бил склон кон аскетски живот. Спротивно на неговата волја, по желба на родителите, се оженил, но во бракот живеел во целомудрие. По смртта на сопругата и на родителите, на 30 годишна возраст тој го раздал наследството на сиромасите и се населил во келија во Нитријската пустина, во која поминал 60 години. Веројатно бил ученик на преп. Антониј Велики. Заради своите строги аскетски поодвизи брзо ја здобил љубовта и почитта од другите монаси-пустиножители. На 40-годишна возраст бил ракоположен за презвитер и до крајот на животот стоел на чело на нитријските монаси-пустиножители. Во времето на императорот аријанец Валент, заради заштита на никејската вера, преп. Макариј бил испратен во прогонство на еден нилски остров, но наскоро пак се вратил во пустината. Се упокоил околу 390 год.
Дела
Под името на преп. Макариј Египетски сочувани се следниве дела:
1. „Духовни беседи (за совршенството“;
2. Две посланија;
3. Вечерни и утрински молитви;
4. „Размислувања“;
5. „Седум подвижнички слова“ – зборник од духовните беседи на свети Макариј, составен од Симеон Логотет во 10 век.
Учење
Христологија и сотириологија
Бог покажал толку голема љубов кон човекот, што слегол од небесата и примил разумна човечка природа, земската плот ја соединил со Својот Божествен Дух, та и земскиот човек да прими во себе небесна душа. И кога човечката душа ќе влезе во општење со Духот и небесната душа ќе влезе во човечката душа, тогаш човекот станува совршен во Бога, наследник и син. Безграничниот и бесплотен Господ поради својата безгранична добрина прима човечка природа, за да му овозможи на човекот да се приопштува со бесмртниот живот на Неговото Божество. Господ дошол во светот и примил човечка природа од Дева, зашто ако Му било угодно да дојде во неприкриено Божество, ниту еден човек не би можел да го издржи тоа. Христос претрпел понижување и станал сличен на нас, се смирил Себеси заради нас, а не заради Себеси. Без Господ Исус Христос и без дејството на Божјата сила невозможно е за човекот да се спаси и да ги познае тајните на Божјата премудрост. Христос е богатство за христијаните. Тој е единствениот и вистински лекар на душите и добар пастир. Само Он може да ги очисти душата и телото на човекот од гревот. Он дојде во светот за да ја измени, преобрази и обнови човечката природа и да воспостави душата која паднала поради страстите, со тоа што ќе ја соедини со Својот Божествен Дух. Он дошол за да ги направи оние кои веруваат во Него со нов ум, нова душа, нови очи, нов слух, нов духовен јазик, со еден збор, нови луѓе, просветувајќи ги со светлината на Своето знаење. Исус Христос ја возвратил човечката природа на достоинството на првосоздадениот Адам. Он претрпел страдања и крсна смрт, а потоа се прославил и седнал оддесно на Отецот, та и човекот да се вознесе, да седне и да се соедини со телото на Христа и да царува со Него. Преку крсната смрт на Спасителот примирениот со човештвото Бог ја востановува душата која вистински поверувала уште додека е во телото за наслада од сопричестувањето со небесните светлини и тајни. Како што железото се очистува преку растопување или како што измешаното со бакар и железо злато се одделува само преку оган, така и душата на човекот се очистува од секакви страсти, од секаков грев преку пречистите Христови страдања. Од кажаното следува дека спасението се состои во преобразувањето и обновувањето на самата природа на човекот.
Целта на подвижништвото
Крајната цел на одрекувањето од светот и суровите аскетски подвизи е целосната промена на човекот и неговото приближување кон Бога. Но подвизите не се цел сами по себе, туку само средство за достигнување на духовно совршенство. „Прекрасно нешто е постот, нагласува преп. Макариј, прекрасно нешто е бдението, а исто така прекрасно дело се подвижништвото и отшелничкиот живот, но тоа се само почетоци на богољубивиот живот“. Сами по себе тие не даваат совршенство на човекот. Ако христијанинот напреднал во постот, во бдението, во псалмопеењето, во секој подвиг и секоја добродетел, но на жртвеникот на срцето не му е извршено сè уште од благодатта таинственото дејство на Духот, при потполно чувствување и духовно успокоение, тогаш сето тоа чинопоследование на подвижништвото не е совршено и речиси е бесполезно, ако човекот сè уште нема духовна радост, која таинствено произлегува во срцето. „Ако не се украсуваме со смиреноумие, простота и добрина, никаква полза нема да ни донесе молитвената надворешност. Тоа го кажуваме не само за молитвата, туку и за секој подвиг или труд, или девство, или за какви и да било подвизи и дејства, извршувани заради добродетелта. Ако не наоѓаме во себе изобилни плодови на љубовта, мирот, радоста, убавината, смирението, простотата, искреноста, верата и долготрпението, суети и празни би биле сите наши подвизи, бидејќи секое такво дело и сите тие подвизи треба да се извршуваат заради плодовите“. Последица на таквото општење на човекот со Бога според преп. Макариј е „обожението“ на неговата природа.