Свети Александар Невски (во монаштво Алексиј)

Loading

Светот кнез е роден во 1220 година, син на Јарослав Всеволодович, кнезот Переславско-Залески, северно од Москва. Од рано детство таткото го учел младиот кнез во воените вештини и во управувањето со кнежевството. И во едното и во другото младиот кнез се научил да биде мудар и снисходлив благодарение на постојаното присуство на богослужбите и со размислувањето за Светото Писмо. Александар бил толку убав надворешно, одважен и исполнет со евангелски дух, што нему му се восхитувале дури и непријателите.

Во 1228 година десетгодишното дете заедно со постариот брат Феодор станал кнез на гордиот и велик Новгород. Тој рано сфатил колку е тешко бремето на власта: жителите на градот биле во братоубиствени раздори, еден против друг војувале богатите, наоѓајќи се на власт, и бедните, измачени од борбите и насилството на богатите граѓани. Во 1231 година неговата положба била удвоена со ужасниот глад и престудената зима, од што умреле многу луѓе. Тогаш младиот кнез се покажал како вистински христијанин, ги раздал сите свои резерви и лично им помагал и на богатите и на сиромавите. Поради тоа неговите поданици многу го засакале, и тој за кратко успеал да ја зацврсти својата власт во градот, кој дотогаш одбивал да го признае. Тој бил благонаклонет кон свештенослужителите, монасите и сиромасите и сето свое време им го посветувал на спасувањето на бедните жители од градот.

Заземајќи го Владимир, татарите, сепак, не дошле приближно на 100 километри до Новгород. Покасно се упатиле кон Киев, когошто го запалиле целосно. Потоа татарите се утврдиле на стратешки важна територија, која добила назив Орда, контролирајќи го пристапот кон Црното море, на Кавказ и во Централна Азија. За речиси два века тие им наметнале на руските земји данок, постојано заканувајќи се со крвопролевање во случај на непокорност.

Во 1236 година после смртта на братот, Александар станал единствен кнез Новгородски. Се соочил лице в лице со друга закана, овој пат од Запад, од страна на Шведското и Данското кралство, а исто така и од рицарите на Ливонскиот орден, кои се насочиле кон заземање на руските кнежевства, ослабнати од татарското ропство.

На 15 јули 1240 година на Александар му претстоело со мали сили да се спротивстави на гневниот притисок од многубројните шведски војски на реката Нева. Во навечерието на битката на еден од руските војници им се јавиле светите Борис и Глеб. Пловејќи на брод тие поитале на помош на својот роднина Александар. Вдахновена од застапништвото на светите и со помош на ангелските војски, руската војска под водство на благоверниот Александар им нанела страшен пораз на непријателите. Поради оваа победа кај реката Нева бил наречен Невски.

Меѓутоа жителите на Новгород повторно го изгониле херојот, без оглед на неговите победи. А после една година ливонските рицари завладеале со Псков и се подготвувале да го нападнат Новгород. Тогаш неговите жители брзо испратиле пратеници кај Александар, и светителот без никаков укор дошол на помош кај народот и освоил нова победа на мразот на Чудовото езеро (5 април 1242). Кнезот триумфално влегол во Новгород и следните четири години ги одбивал постојаните напади на Литовците (Литванците), кои конечно ги разбил во 1245 година.

По смртта на татко му во 1246 година Александар бил повикан во Орда (резиденција, територија) кај татарскиот хан. Непокорувањето би можело да го предизвика гневот на ханот, што би ја повлекло со себе погибелта на недолжните руски луѓе. Светиот заради спасение на Русија решил да се понизи, жртвувајќи ја кнежевската чест и заминал во Орда, предавајќи го својот живот на Спасителот и Богородица.

Ханот Батиј, кога дознал за доаѓањето на Александар, заповедал веднаш да го приведат. По патот кон ханскиот шатор благоверниот кнез сакале да го протнат меѓу два трупци, што означувало поклонување на огнот и сонцето. Претходно Михаил Черниговски кој не сакал да се покори на овие барања, го мачеле. Сфаќајќи дека оди во смрт, светиот се спротивставил, велејќи, дека христијанинот не треба да се поклонува на предмети, туку само на Отецот, Синот и Светиот Дух. Влегувајќи во шаторот, Александар му се поклонил на Батиј до појас со зборовите: „Тебе, хану, ти се поклонувам, бидејќи тебе Господ те почестил со царство, на предмети не се поклонувам, бидејќи тие се создадени од Бога за човекот“. Неговата храброст му оставила впечаток на ханот, кој заповедал да не му прават зло и го примил како највисок гостин. Оттаму Александар и неговиот син Андреј биле испратени кај великиот хан во Каракорум, во далечните предели на Монголија.

Во Новгород Александар се вратил во 1251 година, измачен и болен после толку долго туѓинување, но добил указ за владеење со кнежевството во Новгород и Киев и ја добил довербата на завојувачите.

Во 1253 година кнезот Владимирски Андреј престанал да им се покорува на татарите, за што врз Русија паднала сурова казна. Александар повторно отпадувал во Орда и успеал да ја укине заканата од напади. Со кнежевски пари откупил многубројни затвореници, и откако добил право да кнезува над цела Русија, се обидел да ги собере раселените жители на Киев после нападите од татарите. Потоа уште двапати бил кај ханот, за да се застапи за своите поданици, кои се бунтувале против тешките даноци, наложени од татарите, и пописот кој поради тоа и го вовеле.

Исто така светиот кнез морал да ги одбива непрестајните напади од Запад. Римскиот папа Инокентиј IV се обидувал да ги обрати руските кнежевства во римокатоличката вера, но Александар решително ги отфрлал догматите, туѓите апостолски традиции, кои рускиот народ ги наследил преку Византија. Тогаш католичките држави повеле војна против Русија. Шведите, Данците, Финците и германските рицари се упатиле кон Новгород, но Александар го одбил нападот на коалицијата и дури зазел дел од територијата на Финска.

Во 1260 година данокот пак бил покачен, а оние кои не можеле да го платат биле продавани како робови наемници. Многу Руси биле насилно земени во походот на ханот на Персија. И повторно свети Александар отишол во Орда, успеал да го намали данокот и го убедил ханот да не воведува воена должност по глава.

Измачен од патот и болестите, тој умрел под Нижни Город, враќајќи се во татковината, примајќи на смртна постела монаштво со име Алексиј. Ковчегот со телото на великиот кнез го одвеле во Владимир, и на 23 ноември/6 декември 1263 година светителот бил погребан во соборниот храм на тој град во присуство на огромен број народ.

На гробот на кнезот имало многу чудеса и виденија, особено пред великите победи на Русите над татарите; во 1380, 1552 и 1572 година. Во 1380 година пред великата Куликовска битка, моштите на свети Александар биле најдени нетлени. Поклонението на благоверниот кнез сѐ повеќе се ширело меѓу народот, и тој официјално бил канонизиран на Московскиот собор во 1547 година. Императорот Петар Велики победоносно завршувајќи ја дваесетгодишната војна со Швеѓаните, заповедал да ги пренесат моштите на свети Александар во Санкт-Петербург. Во 1724 година моштите свечено ги поставиле во лаврата, наречена според благоверниот кнез. Светиот угодник е почитуван како заштитник на рускиот народ.

Неговиот спомен се слави на 23 ноемв./6 декември и на 30 август/12 септември, кога го славиме преносот на неговите свети мошти.

(Од житијата на јеромонах Макариј Симонопетриски)

Тропар глас 4:

Познај ги своите браќа, руски Јосифе, ти кој царуваш не во Египет, туку на небесата, благоверен кнезу Александрее, и прими ги нивните молби, умножи го житото на твоите луѓе со плодоносието на твојата земја, градовите над кои владееш огради ги со твоите молитви, на православните христијани помагај им во борбите.

Молитва:

О, свет благоверен кнезу Александар! Погледни милостиво кон нас, недостојните твои чеда (имињата), и посредувај ни да имаме тивок и спокоен живот, и непоколебливо да патуваме кон вечното Царство со твоето застапништво обезбеди ни, да нѐ сочува Господ со својата благодат во мир, здравје, долгоденствие и во сите благодети во сите денови, та секогаш да го славиме и благословуваме Бога во Троица славениот, Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш, и во вечни векови. Амин.   

Превод од руски јазик: Свештеник Јани Мулев

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *