(1 дел)
Наталија Скуратовскаја
Зошто, одејќи кон Црквата – кон Бога, кон радоста, кон љубовта, кон тоа да станат подобри, луѓето можат да се најдат во психолошки ќор-сокак, стануваат несреќни, па дури и добиваат невроза? Намерите ми беа добри, зошто сè излезе обратно? При тоа страда не само паствата, но и пастирите. Зошто така се случува и како ова да се избегне, ни раскажува психологот Наталија Скуратовска, која е воедно и предавач по пастирска психологија, и работи како советник на голем број свештеници. Текстот кој е следи е всушност предавање пред свештениците.
Зошто човекот доаѓа во Црквата?
Традиционално под душевно покровителство се подразбира духовно раководство од страна на Црквата и конкретен пастир, кој ги води луѓето кон Христа. Во поконкретна смисла, станува збор само за духовното раководство во односот меѓу пастирот и неговото чедо, каде што секој од нив со себе влече тежок товар.

Верникот доаѓа во Црквата поради определена причина, со определени очекувања, надежи и стравови. Освен тоа, секој од нас има лични особености, кои исто ги принесуваме во Црквата. И, на крај, секој од нас влегува во Црквата под определени животни околности.
Во зависност од тоа, во какви животни околности се наоѓа човекот во процесот на духовното раководство, зависи и тоа какви прашања ќе го загрижуваат, и кон што тој ќе биде посебно чувствителен и ранлив. Ова често го злоупотребуваат разни недобросовесни религиозни дејци.
Пастирите се исто луѓе
Нашите пастири не се дојденци од Марс или од ангелските сфери, т.е. тие се исто такви луѓе, како и ние, кои го носат товарот на своите животни проблеми, на своите сложени животни околности. И практиката покажува, дека во нашата современа Црква често свештеникот има помалку време, можности и сили, на пример, за лична молитва, за сопствениот духовен живот, отколку што имаат неговите духовни чеда. Ова е така затоа што тој има уште многу други обврски коишто не се однесуваат на духовното раководење. И пастирството, за жал, не секогаш е на прво место од тие обврски.
Способноста за емпатија е задолжителен услов за пастирска професионална соодветност. Затоа што имено емпатијата дава возможност да се сочувствува без осудување, без оценка, да не се проектираат на човекот своите стереотипи, а да се разбере и согледа, како изгледа неговата ситуација имено со неговите очи. Само така може да се даде правилен пастирски совет.
На крај, има пастирски начела. Ова е тоа духовно искуство, со кое пастирот се здобил во својот живот до ракополагањето. Секој млад, или не многу млад човек, кој сака да стане свештеник, избира за себе некои обрасци на служење. Ако овие обрасци не биле пастирска отвореност, пастирска љубов, разбирање итн., тогаш тој, по сè изгледа, немал можности да се научи на тоа. Повеќе од тоа, пастирските начела можат да бидат определено жестоки во однос на тоа, како треба да се разговара со паствата. Зборовите „пастирот треба да биде икона на Христос“ да подразбираат не љубов и прифаќање, а да се претставува Христос Кој веќе е на престолот, Кој царува и има власт. И отстапувањето од оваа претстава, т.е. излезот од улогата изгледа како пастирски неуспех. Затоа, многу зависи од пастирските начела.
Супкултура
И на крај, ние имаме разни видови на црковна супкултура. Во нашата (Руската – заб. прев.) Црква ги има многу. Има конзервативни, има либерали и тоа се многу различни ситеми на правила и норми, во кои новиот член на Црквата доаѓа, се интегрира во постоечкиот систем и ги прима сите принципи кои ги има системот. Соодветно, во секој систем, во секоја супкултура има свои авторитети. И за жал, Христос ретко присуствува меѓу тие авторитети.
Во оваа структура кај секој од учесниците во процесот – и кај пастирот, и кај паствата – има свои опасности.
Опасности за паствата
Инфантилност
Најголемата несреќа што може да се случи со човекот кој дошол во Црквата е несамостојноста и избегнување на одговорноста. Ова е тој ризик, кој после тоа со себе влече многу несреќи и разочарувања. Несамостојноста и избегнувањето на одговорноста често се поттикнуваат во многу црковни општини. Се создава лажно чувство дека токму тоа е еден од важните услови за духовноста.
Вторично трауматизирање
Исто така, ние можеме во Црквата да ги донесеме своите претходни трауми и неврози. Често доаѓаме во Црквата веќе ранети. Но тоа е нормално. Никому не му успеало да доживее до осознаена возраст без животот да не го повреди. Тука прашањето е во тоа, колку човекот може или не може со тоа да се справи. И во Црквата, за жал, овие трауми често се причина за таканареченото „вторично трауматизирање“, односно, човекот го удираат по истите болни места.
Ние многу зборуваме за тоа дека Црквата е лекувалиште. А потоа се прашуваме себеси: „Зошто толку малку луѓе во Неа оздравуваат и многу повеќе луѓе, кои дошле во лекувалиштето, стануваат хронично болни, па дури и неизлечиво болни? Зошто ова е болница за неизлечиви болести, а не лекувалиште?“
Некритично мислење
Уште една закана е зависноста од мислењето на авторитетот. Ова е така затоа што човекот е воспитан дека треба да ги слуша постарите, тие знаат подобро, се навикнал дека за него решаваат сè, за него сите знаат подобро, и влегувајќи во црковната супкултура, без спротивставување, без критичка анализа го усвојува овој конструктивен или деструктивен систем на вредности кој е веќе востановен во тоа црковно општество каде што тој дошол.
Имено некритичното и нерефлексивно мислење често станува причина за идни разочарувања.
Лажни очекувања
Уште еден проблем се лажните очекувања. Некогаш тие се диктираат од тагата, некогаш со несамостојноста, надежта дека за мене сè ќе направат и јас ќе влезам во такво место каде што ќе ме спасат. Ова е исто лажна надеж. Но, овие лажни надежи многу често го измамуваат човекот, посебно ако тие се поддржани од страна на пастирот.
Обесценување
Заканата од подоцниот период е обесценување. Човекот интуитивно го чувствува фалшот на сè што се случува со него. А некогаш и фалшивоста на самиот себеси. Нашата психа не е железна, таа почнува да се крши од тоа чувство. И природна реакција на тоа е обесценувањето. Се руши довербата кон авторитетите, кон супкултурата, се руши сè.
Продолжува…
(Во следниот дел ќе стане збор за пастирските проблеми и што може да ни помогне во нивното решавање.)
Превод од руски јазик: М-р Александар Ѓорѓиевски
Православна светлина бр. 63