(отец Павел Аделгејм)

Отецот Павел Аделгејм е роден во 1938 година во Ростов на Дон. Неговата мајка била уапсена, па тој се преселил во Киев кај некои роднини. Станал искушеник во Киево-печерската лавра, но не станал монах. Се запишал во Духовната семинарија во Киев, но бил избркан од страна на Филарет Денисенко, кој подоцна направи голем раскол во Украинската црква. Се оженил, му се родиле три деца, и во 1964, откако го оформил богословското образование бил ракоположен за ѓакон и за свештеник. Во 1970 година бил наклеветен од неговиот школски другар, подоцнежен митрополит Макариј, како бунтовник против советската власт, па бил осуден на три години затворска казна. Во 1971 ја изгубил десната нога, и цел живот служел и се движел со протеза. Следната година бил ослободен од затвор како инвалид. Од 1976 година станал клирик на Псковската епархија. Во 1992 година при храмот на Светите Мироносици отворил општообразовна православна школа за диригенти. Во 1993 при храмот на Светиот апостол Матеј отворил дом за деца инвалиди. До 22 февруари 2008 година, на 70-годишна возраст бил разрешен од парохиската должност од страна на архиепископот Евсевиј (Савин), но со право да служи. Откако бил разрешен од парохијата која со години ја градел, започнале проблемите со неговиот надлежен владика Евсевиј. Многу јавни навреди, препукувања, закани, црковни судови итн. Патријархот Кирил ги повикал двете завојувани страни, отецот Павел и владиката Евсевиј, да се помират во духот на евангелската љубов, но тоа не се случило.
На 5 август 2013 година, во неговиот дом бил убиен со нож од страна на 27-годишниот Сергеј Пчелинцев, кој имал психичко растројство.
Опелото на праведниот отец Павел било извршено на 8 август 2013 година во храмот на Жените Мироносици, а бил погребан на истоимените гробишта. Од многумина е сметан за свет маченик. По неговата смрт протоѓакон Андреј Кураев изјави, дека умре последниот слободен свештеник на Руската црква, затоа што тој бил еден од ретките свештеници кој имал храброст јавно да зборува за горчливите внатрешни проблеми на Руската православна црква. Автор е на повеќе богословско-канонски дела.
Александар Копировски, професор на Свето-филаретовскиот православно-христијански институт:
Павел Аделгејм е човек-легенда. Син на репресирани родители, а и самиот уште како дете бил под репресии. Во прогон во Караганда уште како дете бил помеѓу свети луѓе, во заедницата на старецот Севастијан, кој подоцна е прославен како светител. Од една страна бил во адот, а од друга – во рајот. За ѓакон бил ракоположен од страна на епископот Гермоген Голубев, исто така човек со свет живот. Потоа бил прогонет во Узбекистан. Во градот Каган го реновирал стариот храм па така се појавил нов и поголем храм. Поради неговата активна проповед бил обвинет и затворен. Во затворот се обиделе да го убијат, па при таков обид ја загубил десната нога, и цел живот бил инвалид со протеза. Кога станал веќе познат свештеник во Псков изградил неколку храмови, создал детски дом за деца инвалиди, создал школо. Но се соочил со човечка злоба, завист, сомничавост и бил гонет од своите браќа и од својот архиереј, митрополитот Псковски Евсевиј. Тој од секаде го изгонил, практично срушил сѐ што отецот со години го градел. И отецот Павел загина, отворајќи му ги вратите на потполно непознат човек…
Помина една година од неговата смрт, а љубовта кон него се зголемува. Тој беше човек со чудесна смелост, не се плашеше да ја зборува вистината. При тоа неговата вистина не беше мека вистина, која гали по главата. Тој се обидуваше да го осмисли црковниот пат, свесен дека црквата се изгубила во советскиот период.
Тој велеше дека многу свештеници и епископи го имаат усвоено советскиот светоглед. Почнаа да поставуваат сурова вертикала на власта, нешто што никако не треба да се прави. А тој секаде го носеше духот на љубовта и цврстото исповедање: и кога го мачеа советските власти, тој стоеше на своето, и кога во Псков го нападнаа „своите“, тој продолжи да говори дека во црквата не треба да биде така, дека во црквата треба да владее власта на љубовта.
Протоѓакон Андреј Кураев:
Јас лично со отецот Павел немав комуникација, за жал. За мене тој е поскоро историска личност. Кога јас се воцрковив, тој, можеби, веќе го имаше извршено најважното во неговиот живот. Тој беше дисидент, символ на совесен свештеник. Дури и во годините на нашата слобода, тој си спомнуваше дека постои закана за слободата на совеста, која излегува не само од страна на казнените органи на власта, туку и од страна на религиозните групи на луѓе. Затоа што страста кон власта го расипува умот на човекот, независно од неговото убедување. Затоа е неопходно да се пази областа на правото, при тоа и на црковното, и областа на човечкото достоинство. Тој беше последниот слободен човек во нашата црква.
Превод од руски: Свештеник Јани Мулев