Светиот угодник Божји Лука, кој заблеска во хоровите на светителите на Црквата Христова како исповедник, покажа во своето лице пример за добар пастир, кој исцелува болести, како духовни, така и телесни, покажа пример за соединување на служењето како архипастир и лекар. Неговите богословски трактати ја поттикнуваат верата и ги убедуваат оние сомничавите во вистинитоста на Божјото постоење, побивајќи ги различните псевдонаучни теории. Со својот подвиг светителот покажал што е тоа „носење на крстот Христов“.
Архиепископот Лука (во светот Валентин Феликсович Војно-Јасенецки) е роден во Керч на 27 април 1877 година. Откако завршил гимназија, одлучил да се занимава со она „што е полезно за страдалните луѓе“, па ја одбрал медицината. По завршувањето на Универзитетот идниот светител се занимавал со медицинска пракса и научни истражувања. Во 1920 година работел како хирург во Ташкент, активно учествувајќи во црковниот живот, посетувајќи ги средбите на црковното братство. Зборовите на епископот Ташкентски Инокентиј: „Докторе, вие треба да станете свештеник“, биле примени од него како Божји призив. По тригодишното служење во чин на свештеник, отец Валентин примил монашки потстриг со името на апостолот, евангелист и лекар Лука, и на 30 мај 1923 година, јеромонахот Лука бил тајно ракоположен за епископ. Од тоа време започнува неговиот страдалнички пат на владика како исповедник. Многубројни апсења, испитувања и затворања не ја ослабнале ревноста на светителот во исполнувањето на архипастирскиот долг и служење на луѓето во својство на лекар.
Од 1946 до 1961 година владиката Лука бил надлежен архиереј на Кримската епархија. Се упокоил на 11 јуни 1961 година, на денот на Сите Светии, кои се прославиле во Русија. Но пастирот не ја иставил својата паства. По неговите молитви се извршиле многубројни чудесни исцеленија. Во 1996 години биле откопани неговите свети мошти, кои до денес почиваат во Светотроицкиот соборен храм во Симферопол. Бог по молитвите на светиот Лука да ни даде и нам цврстина во носењето на својот крст и добро исповедање на светата Православна вера.
Неговиот свет спомен се слави на 11 јуни.
Тропар глас 1: Проповеднику на спасителниот пат, исповеднику и архипастиру на земјата Кримска, вистински пазителу на отечките преданија, столбу непоколеблив, наставнику на Православието, лекару богомудар, светителу Лука, непрестајно моли Го Христа Спасителот да им даде на Православните непоколеблива вера и спасение и голема милост.
Кондак глас 1:
Како сесветла ѕвезда, која блеска со добродетели, си бил светителу, имајќи душа рамноангелна, затоа си се удостоил со епископски чин; во прогонство од безбожниците многу си пострадал и си останал непоколеблив во верата, со лекарската мудрост многумина си излечил. Затоа денес твоето често тело од утробата на земјата извадено, чудесно Господ го прослави, та сите верници да ти повикуваме: радувај се, отче Луко светителу, на кримската земја пофалбо и тврдино.
Свештеник Јани Мулев
(Повеќе информации за овој светител може да најдете во книгата „Свети Лука Кримски“, издание на Повардарската епархија).