Преподобната Софија Хотокуриду е родена во 1883 година во село Сари-папа, централен Понт. Се омажила во 1907 година, а три години подоцна родила дете, кое загинало во трагичен настан (било изедено од диви свињи во гората). Подоцна нејзиниот сопруг починал во турските воени логори. Останала вдовица и се оддала на аскетски живот во планината, строго постејќи. Таму ѝ се јавил свети Ѓорѓи, кој ја предупредил за скорешното гонење од страна на Турците и така ги извесила своите соселани, кои се скриле и ја избегнале опасноста.
При размената на население (по Грчко-турската војна) бродот, во кој патувала заедно со нејзините соселани, ќе потонел. Но таа видела ангели среде брановите и Света Богородица била таму. Ја замолила света Богородица, самата таа (Софија) да загине, но да се спасат нејзините соселани. Света Богородица ги спасила сите. Капетанот не можел да поверува и рекол: „Сигурно имаме некој светител“.
Во 1927 година, по укажување на света Богородица заминала во манастирот Рождество Богородично во Клисура, Костурско, каде што водела аскетски живот приближно половина век. Таму се нашол еден добар јеромонах – отец Григориј, кој дошол од Света Гора и кој ја подготвил за монашки живот. Живеела аскетски, иако мирјанка, носејќи црни вдовички облеки, седела врз едно огниште и си го посипувала лицето со пепел, за да не се гледа нејзината убавина.
Живеела сама. Во манастирот немало монаси. Поминувала тешки зими, со температура до минус 15 степени, со голема влага. Кога ѝ велеле да запази оган, таа одбивала со едно бавно „нее“! кое и денес одекнува во ушите на оние кои ја слушаа така да вели. Одела боса, облеките секогаш ѝ биле парталави и недоволни за тешката клима. Ѝ давале нови, но таа не ги носела, туку ги давала на други кои имале потреба. Спиела врз сено, но под него имало остри камења. Не се бањала, ниту се лешлала и косата и се стврднала толку, што ѝ паднала пред очи и за да може подобро да гледа, ја отсекла со ножици за стрижење на овци. Но и покрај тоа, нејзината благоухала.
Храната ѝ била бедна: обично се хранела со тоа што ќе го најдела наоколу: печурки, диви треви, лисја од различни дрвја или малку мувлосана туршија од патлиџани. Во сабота и недела вкусувала и по една лажица масло. Некогаш отворала риба од конзерва и јадела од неа, дури откако ќе мувлосала. Јадела од бакарни садови, но ништо не ѝ било.
Но, оваа строга кон себеси подвижничка била многу добра и снисходлива кон другите. Не задржала ниту драхма од парите кои ѝ ги давале, туку ги криела, за да им ги даде на оние кои имаат потреба. Тогашните девојчиња – денешни монахињи од манастирот – кои зборувале на грчки и влашки, сакале да се дружат со неа, иако не го разбирале нејзиниот понтијски говор. Таа ги советувала немажените девојки, кои застранувале од правилниот пат, се трудела да ги омажи, им помагала со парите кои ѝ ги давале, и ја полагала нивната закрила на Света Богородица. „Света Богородица нема да ве заборави“, – им велела на карактеристичен начин.
Таа никого не повредила и не разлутила. Кога ќе сфатела дека некој има внатрешен проблем, минувала покрај него, ќе му кажела два збора без другите да разберат, се оддалечувала, а тој тргнувал по неа. Таа го утешувала, советувала, укрепувала преку Божјата благодат и тој си заминувал како друг човек. Многу пати велела: „Дојдоа црни кај света Богородица, а си заминаа бели“. Знаела за многу скандали со свештеници, монаси, мирјани, но никогаш никого не обвинила, туку велела „да ги покривате, за да ве покрие и вас Бог!“
Ги сакала животните. Една мечка, која живеела во гората, доаѓала и земала храна од неа, ѝ ја лижела раката и нозете од благодарност и се враќала назад. Ставала трошки на прозорците за птиците и кога се молела, тие летале наоколу и црцореле. Чиниш, како да живеела во Рајот, пред падот.
Имала општење со света Богородица и ангелите. Во 1967 година се разболела тешко, имала хернија (кила) и се виткала од болки. Не примала помош од лекар, но велела: „Света Богородица ќе дојде да ме земе заради болката“. Ставала газа или фитилче од кандилата додека раната не загнои и испушта непријатна миризба. Тогаш ѝ се јавила света Богородица заедно со свети архангел Гавриил и свети Ѓорѓи. Архангелот ѝ рекол: „Сега ќе те исечеме“. Таа одговорила: „Грешна сум, да се исповедам, да се причестам, и да ме сечеш“. „Ќе ти направиме операција“ – ѝ одговорил тој. Операцијата била извршена, Софија оздравела и често ја кревала блузата без да се срами, за да им ја покаже на луѓето раната, која се затворила самата од себе.
Преподобна Софија „подвижничката на света Богородица“, како што е нарекувана, се упокоила во Господа на 6 мај, 1974 година. На 7 јули 1981 биле најдени нејзините мошти, кои благоухале. На 27 мај 1998 година биле пренесени во манастирот од Касторискиот митрополит Серафим. Уште додека била жива народот ја почитувал како светителка. На 1 јули 2012 официјално била прославена од страна на Цариградската патријаршија.
Денес во нејзиниот манастир игуманија е монахињата Анисија Еглезу, а има шест монахињи и една искушеничка.
Нејзиниот свет спомен се слави на 6 мај, заедно со празникот на свети Ѓорѓи Победоносец. По нејзините свети молитви, Господ да не помилува и спаси. Амин.
(Нејзиното кратко житие е објавено во книгата „Јуродиви“, издание на Повардарската епархија.)