Света Нина рамноапостолна, просветителка на Грузија

Loading

Света Нина била роднина на ерусалимскиот патријарх Јувеналиј. Уште од младоста го засакала Бога со сето срце и длабоко ги жалела луѓето кои не веруваат во Него. Откако нејзиниот татко Завулон отишол во пустината, а мајка ѝ станала ѓакониса, света Нина била дадена на воспитување кај една побожна старица. Честите раскажувања на старицата за Иверија (денешна Грузија), тогаш сѐ уште паганска земја, поттикнале кај Нина силна желба да ја посети таа земја и да ги просвети нејзините жители со светото Евангелие.

Оваа желба уште повеќе се засилила, кога таа еднаш ја видела во видение Мајката Божја, која ѝ дала крст од лозови гранки. И нејзината желба се остварила, кога морала да замине во Иверија, бегајќи од гонењата од императорот Диоклецијан (284-305).

Во Иверија света Нина се сместила кај една жена кај царските лозја и многу брзо станала позната во околината, бидејќи им укажувала помош на многу страдалници. Откако дознале за силата на нејзините молитви, болните почнале во голем број да доаѓаат кај неа. Призивајќи го името Христово, света Нина ги исцелувала и им раскажувала за Бога, Кој ги создал небото и земјата, и за Христа Спасителот.

Проповедта за Христос, чудесата кои ги вршела света Нина, и нејзиниот добродетелен живот благотворно дејствувале на жителите на Иверија, и многумина од нив поверувале во вистинскиот Бог и примиле крштение. Таа го обратила кон Христа во Грузија и самиот цар Марјан (Мерој), кој дотогаш бил многубожец. Тогаш биле повикани од Константинопол епископ и свештеници и бил изграден првиот храм во Иверија посветен на Светите Апостоли. Постепено речиси цела Иверија примила христијанство.

Света Нина, која не сакала почести и слави, се оддалечила на една гора и таму во самотија Му благодарела на Бога за обраќањето во христијанство на идолопоклониците. По неколку години таа ја оставила својата самотија и заминала во Кахетија, каде што ја обратила во христијанство царицата Софија. По триесет и петгодишни подвизи света Нина мирно се упокоила на 14 јануари 335 година. На местото на нејзиното упокојување царот Марјан изградил храм во чест на великомаченикот Георгиј, далечниот роднина на света Нина.

Со споменот на света Нина поврзано е и наоѓањето на хитонот Христов. При распнувањето на Спасителот овој хитон му паднал со жрепка на еден римски војник и по разни настани се нашол во Грузија.

По нејзините молитви, Господи Исусе Христе, помилуј нѐ и спаси нѐ. Амин.

Тропар, глас 4:

Служителко на Божјото Слово, во апостолската проповед си го следела примерот на Андреј првоповиканиот и на другите апостоли, просветителке на Иверија и харфо на Духот Свет, света рамноапостолна Нино, моли Го Христа Бога, да бидат спасени нашите души.

Кондак, глас 2:

Дојдете сите денес, да ја воспееме избраната од Христа, рамноапостолната проповедничка на словото Божјо, мудрата благовестителка, која жителите на Карталинија ги приведе на патот на животот и вистината, ученичката на Мајката Божја, усрдната застапничка и неуморна наша закрилничка, Нина преславната.

Молитва кон света Нина

О сефална и пречудесна рамноапостолна Нино, навистина велик украс на Православната Црква и посебна пофалба на народот Иверијски, која ја просвети сета земја Грузијска со Божественото учење и со апостолски подвизи го победи душманот на нашето спасение, со труд и молитви овде насади лозје Христово и го преумножи неговиот плод. Празнувајќи го твојот свет спомен, прибегнуваме кон твојот чесен лик и побожно го целиваме дарот на Божјата Мајка за тебе, чудотворниот крст, којшто си го обвиткала со твоите прамени, и умилно бараме, како наша постојана претстојателка: закрили нѐ од сите зла и маки, вразуми ги непријателите на на Светата Христова Црква и противниците на побожноста, заштитувајќи го твоето стадо, од тебе раководено, и моли Го себлагиот Бог, нашиот Спасител, пред Кого и сега претстоиш, да му дарува на нашиот народ мир, долгоденствие и успех во секое добро дело, и да нѐ воведе Господ и нас во своето Небесно Царство, каде што сите светии го славословат Неговото Име, сега и секогаш, и во вечни векови. Амин.

Превод од руски: Свештеник Јани Мулев

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *