Игумен Валеријан Головченко
За интимниот живот почесто се зборува на исповед, отколку на проповед. Во време, кога сиот свет дрдори за „сексуалната слобода“, се чини само православните се обврзани со голем „заговор за молчење“, некоја страшна омерта (кодекс на чест кај мафијата). Тоа може да се провери, ако прашате некој православен, што значи тоа „секс“, веднаш ќе слушнете одговор: „Тоа е бројот шест, на германски“.
Во амбиент на сеопшт разврат на обичниот човек му се чини дека православните не ни помислуваат на тоа, како доаѓаат децата на свет. И уште начелно го сметаат интимниот живот за нешто гнасно. Да, православното христијанско вероучение смета само една единствена форма за законска форма (форма, а не позиција) на интимно телесно соединување – соединување во венчан брак. Но тоа не значи, дека призивајќи ги да бидат единствени во главното, православието ја ограничува слободата во второстепеното.
Размислувања за „оние работи“
Честопати се слушаат лични размислувања во врска со интимните прашања од некои „ревнители на побожноста“. Да ги разгледаме подетално и да се обидеме да ги објасниме.
Прво размислување: Православните сопружници може да се занимаваат со тоа, само со цел зачнување на деца. Ако не се случи зачнување, тогаш треба горко да се покајат!
Одговор: Се сеќавам на еден интересен дијалог:
– Пушите??
– Не. Вовлеков еднаш – не ми се допадна.
– Пиете?
– Пробав еднаш – не ми се допадна.
– Вие имате едно дете?
– Да, па како погодивте?!
Второ размислување: При љубовните чинови не смеат да се доживуваат никакви емоции. Пожелно е дури и без љубов, едноставно да се заврши работата со монотон ритам, како железни роботи.
Одговор: Гревот не е во љубовната топлина. Гревот е во скаменетата бесчувствителност. Треба да се забележи, дека фригидноста и импотентноста – не се добродетели, туку болести. Патем, оние кои се воздржуваат – не се импотентни, туку станува збор најнапред за полово воздржување.
Трето размислување: За да не бидат привлечени од телесната убавина на сопругот (сопругата), пожелно е, по примерот на пуританците, тоа да го извршат преку платно со отвор.
Одговор: Тоа е најдобар начин да воспитате во себе манијак. Да не се насладуваш со гледање на убавината на својата „половина“, туку да ја изопачуваш својата болна фантазија. Секој сексопатолог ќе ве запознае со несреќната статистика – имено, од таквите „пуритански“ семејства излегувале на темните улици најкошмарните манијаци. Онаму, каде што со лицемерие била згазена природата, таму почнувала противприродната глупост.
Четврто размислување: Еден со друг не се допирајте со рацете: бакнување – само во образ. Слатки зборови да не си кажувате.
Одговор: Отворете ја Библијата, препрочитајте ја книгата „Песна над песните“! Да, алегориски таа ги претставува Христос и Црквата. А буквалното толкување зборува за нормални, природни односи на мажот и жената.
Петто размислување: за романтична вечера со свеќи – веднаш заборавете! Само дома, само ноќе и само во потполна темнина. За да не се расплачат светите ликови од иконите заради вашата бесрамност. А ако сте вие навистина верници, кои не ги гаснат кандилата, тогаш не гледајте еден во друг, туку во иконите. И молете прошка!
Одговор: Секоја работа може да се испогани и да се доведе до апсурд. Обидите да им се даде на своите интимни односи облик на псевдохристијанска духовна мистерија крајно ги уништува во односите на сопружниците и духовноста и сексуалноста. Со што, кога и како се занимаваат сопружниците насамо – тоа е нивна длабока и лична работа. И тоа не го интересира Бог, туку оние кои сакаат да гледаат низ клучалката. „Сè што се случува во спалната соба, не е грев, дури и ако тоа се игри на ученици, со зајчиња и германски војничиња. Меѓутоа, овие игри, извршувани насамо, веднаш добиваат статус на изопачување, за кое е потребно покајание“ (Густав Водичка „Тајната на стариот рецепт“).
Шесто размислување: Доколку, сепак, сте намислиле такво нешто, тогаш задолжително претходно прочитајте три канони, пет акатисти и направете по двесте метании секој од вас. Потоа – читање на три катизми.
Одговор: Ми се чини, дека таа работа не бара посебни молитвословија освен обичното секојдневно молитвено правило. Сè останато веќе им било прочитано еднаш на сопружниците од страна на свештеникот при нивното венчавање. Правењето на метании пред тоа може само да ја извалка радоста на меѓусебното општење – испотени тела, обостран умор…
Седмо размислување: Општо – колку поретко, толку подобро! Живејте како „брат и сестра“.
Одговор: Е тука посебно ќе ни тргне разговорот. Голем број од светоотечките мислења на таа тема се напишани од монаси. И не само од обични монаси, туку од подвижници-пустиножители, кои пишувале пред сè за монасите. Пустиножителите биле прекрасно информирани за „побожноста“, која владеела во светот (да се сетиме на епизодата од житието на преп. Марија Египетска. Во какви „подвизи“ го минеле времето на бродот поклониците на патот кон Ерусалим за празникот на Крстот Господов?), и затоа целта на нивните поуки – е цврста и правилна намера за одвраќање на младите монаси од секој интерес за половиот живот. И тоа им успевало (На подвижничкото богословие во тоа време не му одело лесно. Од една страна бил световниот живот со наследениот од антиката култ кон телото и невоздржливиот разврат на оргиите. Од друга страна биле гностиците, со нивното гнасење од телото. Често христијанските подвижници, при размислувањето за телото, газеле на самата граница, зад која лежела темната бездна на гностицизмот. Газеле, но никогаш не ја преминувале).
Невозможно е да не се согласиме со поговорката за тоа, дека „монаштвото и бракот не се за секого, а целомудрието е за сите“. Треба само да се разбере разликата во целомудрието на монашкото воздржување и целомудрието на ритмичниот полов живот на брачниот мирјанин. Таа разлика е суштинска. Животот на сопружниците во потполно воздржување, „како брат и сестра“ – е исклучок од правилото. Тој подвиг е близу до јуродство, него можат да го прифатат само поедини личности. И тоа според посебна Божја волја. Таквите нешта не треба да се истакнуваат, за да не се дојде во умот до гнасење од брачното соединување.
За православните не е прифатливо да се зборува за интимниот живот. Не е прифатливо дури ни да се размислува за тоа. Во секој случај, поради било кои причини многумина токму така размислуваат. Има ли кај православните луѓе проблеми поврзани со интимниот живот? Има. Може и да се прикриваат проблемите, како нојот што ја забива својата глава во песокот. А може и да се решат. Но каде да најде православниот верник одговори за најскриеното? Да појде кај сексолог-фројдист и да дознае од него за ползата од развратот? Или, сепак, да започне отворен разговор со својот духовник? Со Божја помош, Црквата има собрано потресно искуство од решавање на сите семејни проблеми. И треба да се зборува за тоа на исповед, без прикривање.
Сопружниците секогаш се посакуваат еден со друг. Само заради подвигот на воздржување периодично прекинуваат со брачни односи. И тоа, само по обострана согласност (види кај 1. Кор. 7, 5. Прочитајте ја целата 7 глава). И кога некоја бабичка се жали на исповед, дека нејзиниот дедо до ден денес „ѝ досаѓа“, тогаш може само да се израдуваме на нивната заедница. Живеејќи го целиот живот во венчан брак, таа и во длабока старост останала единствена и неповторлива, секогаш посакувана за својот сопруг. Навистина, истото било и со Авраам и Сара.

Во принцип, христијанскиот однос кон интимниот живот се всадува уште од раното детство. Со почетничка ревност новопечените парохјани им раскажуваат на своите дечиња басни за штрковите и зелката. Просто кажано, лажат. Ќе прочитаат неколку „душеполезни брошури“, со ревност на телевизиска млада комунистичка активистка, тие се готови да му викнат на целиот свет: „Кај нас, во Советскиот Сојуз нема секс!“ Кога, пак, детето ќе се обиде да им ја открие тајната на неговото раѓање, одамна разодгатната од децата во соседството, тие се мрштат и се закануваат со Небесна казна. Небаре слободно располагаат со казните. А прашањата остануваат без одговори. Во недоумение детето се обидува да ги разбере тајните на родителското молчење: „Можеби тато и мама се толку глупави, па не знаат за тоа? Можеби јас сум посвоено дете? А можеби, мене постојано ме лажат?“
Како по правило, последното тврдење почесто се прима. И, како резултат, уште од детската возраст се губи довербата кон родителите. Случајно ако ги фатиш тато и мама во спалната соба во најнезгоден момент, одеднаш ќе сфатиш, дека „не треба овие луѓе мене да ми забрануваат да си чепкам во носот!“
Во старо време било подобро. Појасно и попросто. Децата, независно од полот, се капеле заедно со мајка им. И не си набивале комплекси во врска со физиолошките разлики помеѓу мајката, братот и сестрата. Ништо не се изложувало на увид. Впрочем, не се ни криело. Постарите момчиња се капеле со татко им. На тој начин, разликата помеѓу „момче, младич, маж и девојче, девојка, жена“ се примала природно по примерот на своите родени и не изискувала академски изданија или домашни објаснувања. Штом ќе потпораснеле, нашите предци ја истакнувале тајната на зачнувањето и раѓањето во природата. Истовремено сфаќајќи, дека самите ние не сме „бесловесни животни“. Добро било, тогаш сите оделе во црква и ја сфаќале разликата помеѓу човек и животно.
Сега сè се измени. Умните тетки и чичковци од весниците и телевизијата брзо објаснуваат дека развратот е нешто добро, а изопаченоста е забавна. Не забораваат да укажат, дека сето тоа е природно (нагласувајќи ја „природноста“ на изопачувањата, забораваат да соопштат дека тоа е „природност“ на паднатиот свет. По гревопадот на прародителите светот се изменил. И тоа ни најмалку во подобра страна. Пострадала сета твар, изопачувајќи ја својата природа), и постои дури и кај животните. Забораваат само да додадат, дека луѓето – не се животни.
Човештвото кое ја преживеа сексуалната револуција во животен ужас се шаштисува од монасите. Успеваат да дофрлат, дека половото воздржување е противприродно. Во исто време, покажувајќи на било кој изопачен, не забораваат да забележат: „Колку префинета личност! Тоа е натприродно!“ Не е за чудење – во денешниов свет многу нешта се превртени наопаку. А кога стоиш на глава, тогаш пред сè обрнуваш внимание не на лицето на соговорникот, туку на крајните делови.
Може да се согласиме само во едно. Воздржувањето од интимниот живот навистина е неприродно. Оној, кој се воздржува доброволно, потчинувајќи го телото под својот дух, се издигнува над законите на природата. Монасите – се како постојани стражари на должност. А на стражарите им се забрануваат дури и природните потреби (На стражарот му се забранува: …да врши физиолошки потреби или на сличен начин да се оддалечува од исполнување на своите обврски…“ – Устав на караулната служба). Нивното служење е натприродно!
Превод од руски јазик:
Ѓакон Јани Мулев
„Православна светлина“ бр. 13.