(Зборот Еленаба е составен од името Елена и авва/аба што значи отец, татко, старец).
Во селото Кефалохори кое се наоѓа во областа Никеја во Мала Азија, пред размената на население, живееше една побожна и надарена девојка, Елена. Ја завикаа Еленаба, што значи, Елена со старечка свест, расудување, а зборуваше како Авва (старец).
Беше сираче и работеше како слугинка во домот на еден милосрден Турчин. Ноќе Еленаба се молеше многу часови. Турчинот ја слушаше како вели во нејзината молитва: „Да ги земам гревовите и на овој“. Значи се молеше за други луѓе. Турчинот гледаше како доаѓаат многу луѓе за да се советуваат со неа и сфати дека таа има посебен дар. Многу ја почитуваше и чувствуваше дека му помага Бог заради Еленаба. Самиот тој ги забележуваше настаните и нејзините пророштва, бидејќи беше убеден дека Еленаба има дар на прозорливост.
Тогаш многу Грци беа мобилизирани во турскиот аскер на принудна работа од пет до десет години со цел да бидат убиени. Не даваа знаци дека се живи, и нивните семејства беа вознемирени. Жените одеа и ја прашуваа Еленаба дали се живи или умрени нивните. Таа пак за да не се двоумат за она што им го кажува, најпрво го опишуваше мажот. На пример, велеше: „Мажот ти е висок, рус со мустаќи“. Даваше и други карактеристики и потоа кажуваше дали е мртов или жив и кога ќе се врати.

Исто така велеше: „Ќе дојде време кога луѓето ќе се изопачат (Мислеше на духовното и полово изопачување. Денес и обете постојат).
Еден ден им рече на своите роднини: „Вие ќе си заминете а мене ќе ме оставите тука. Пак ќе се вратите, ама овие предели ќе се изменат“.
Пред да умре побара да ја облечат во црна облека, како монахиња.
Сите во селото на Еленаба побожно ја почитуваа заради нејзините добродетели и дарови. Веруваа дека е света. За нејзиниот живот не се сочувани повеќе детали. Само тоа, дека се упокоила на возраст помала од четиринаесет години, околу 1920 година, пред размената на население, којашто ја имаше пророкувано. Таму кај што беше закопана протече света вода и сите болни кои пиеја од неа се исцелуваа.
Со размената на население нејзините роднини и соселани стигнаа во Грција и се населија во областа Серес, формирајќи на тој начин Ново Кефалохори. Роднините на Еленаба како благослов во новото село ги имаа донесено нејзините алишта и други лични предмети. До денес се чува кандило постојано запалено и свеќи во куќата каде што се чуваат нејзините лични предмети. Ја повикуваат во маки и тешкотии, и таа имајќи слобода во Бога, им помага.
Во текот на војната андартите (комунистите) дојдоа за да го запалат селото, но штотуку влегоа во селото им се промени расположението, зедоа јадење и заминувајќи рекоа: Некој светител ве чува, бидејќи дојдовме за да го запалиме селото и штотуку влеговме, ни се смени расположението.
Превод од новогрчки јазик:
Ѓакон Јани Мулев
Наслов на изворникот:
Ασκητές μέσα στον κόσμο Α΄,
Άγιον Όρος, 2008