Еднаш монах, засекогаш монах

Loading

(Неверојатна, но вистинска приказна на архимандритот Пантелејмон

од манастирот Свето Преображение,  Бруклин, МА)

zamonashuvanje

Пред педесетина години, кога бев млад искушеник на Света Гора Атонска, слушнав една приказна раскажана од еден стар монах, за еден неверојатен настан во врска со еден млад монах, којшто го напуштил неговото послушание и се вратил назад во светот, се оженил и му се родил син. Тој не ѝ кажал на својата сопруга дека некогаш бил монах. Поминале неколку години и неговиот мал син веќе пораснал и наполнил околу 7-8 години.

Еден ден тој си играл со својот син, при што малото дете му рекло: „Тато! Тато! Што е тоа? Извади го! Извади го!“

monashka shima

Неговиот татко не знаел на што мисли неговиот син и му рекол: „За што ме прашуваш?“ Тогаш неговиот син со прстот го направил крсниот знак кон неговите гради, со копјето и сунѓерот, и буквите од светата схима. Неговиот татко бил потресен и му рекол на синот дека не носи ништо на неговите гради и дека  тоа е само во детската фантазија. Оттогаш неговата жена се посомневала и му се спротивставила, така што тој немал избор и ѝ кажал дека бил потстрижан за монах на Света Гора и дека си заминал без благослов. Таа се ожалостила на тоа и му рекла дека наместо благослов тој донел распламтен пламен во нивниот дом. Оттогаш па натаму таа одбивала да има било каква врска со него како сопруга. По некое време тој се вратил на Света Гора и никогаш повеќе не ја напуштил. Јас ги прашав отците за неговото име, кога ова се случило, и за манастирот во којшто престојувал.  Тие не беа прецизни во своите одговори, туку ми кажаа само дека ова се случило на почетокот на XX век или, пак, на крајот на XІX век. Тие исто така ми кажаа дека монахот бил од манастирот „Каракалу“ или „Костамониту“  и дека се упокоил во 1950 година. Оттогаш па наваму јас ја раскажував оваа приказна многу пати на други монаси и мирјани. Многумина веруваа со простодушност дека е ова вистинска приказна и се восхитуваа на љубовта и милоста Божја. Некои се сомневаа дека тоа е вистинска приказна и мислеа дека е измислена од страна на монасите со цел да ги научат младите монаси на стравопочит кон монашките завети. Прочитав во едно верско списание од Кипар – „Православен Сведок“ (број 67, пролет/лето, 2002 година, стр. 76-80) детално раскажување на оваа приказна, напишано од еден ќелијникот на покајаниот монах. Името на монахот беше Макариј, и неговиот ќелијник се викаше Дамаскин. На мое големо изненадување дознав дека монахот од приказната се упокоил во 1975 година на 84-годишна возраст и дека бил гостоприемник во манастирот Григоријат. Јас двапати го имав посетено манастирот Григоријат во педесеттите и шеесеттите години на минатиот век и се разбира го имав запознаено отец Макариј, којшто беше гостоприемник во Григоријат, но никогаш не се посомневав дека тоа беше монахот од приказната. Отец Макариј беше роден во 1892 година со световно име Минас, во селото Аргос на Пелопонез, но растеше во Атина. Тој беше син единец на неговите родители. Неговиот татко се викаше Христо Зоиопулос и имаше хотел и ресторан близу до црквата „Свети Константин“ на плоштадот Омонија. На триесетгодишна возраст одлучи да стане монах и замина на Света Гора. Поради тоа неговите родители паднаа во голема тага, особено неговата мајка, којашто сите нејзини идни желби и надежи ги полагаше на синот.  Минас отиде во манастирот Григоријат во 1922 година, на триесетгодишна возраст. Три години подоцна, како што беше обичајот, тој беше замонашен со голема схима. Во истата година тој се разболе од хернија и отиде во Солун на операција. Неговата мајка дозна за ова од некаде и отиде во Солун да го убеди да се оперира во Атина каде што ќе може да го посетува. Со многу солзи и убедувања таа продолжила да го убедува да се врати во светот и да се грижи за неговите родители кога ќе остарат и дека ќе го наследи нивниот имот, во што и успеала.
Така тој ја послушал и се вратил во светот. Се оженил и му се родил син. За време на неговите 9 години, додека бил во светот, тој никогаш не ја напуштил својата побожност. Тој го задржал неговото монашко правило на молитва со помош на бројаница. Тој поседувал свети мошти во неговата куќа и одел во црквата „Свети Елисеј“ каде што светиот Никола (Планас) служел, и двајца познати грчки автори – Александар Пападијаманидис и Александар Мораитидис биле главни псалти. Тој исто така пеел. Еден ден отишол кај Александар Мораитидис и му се доверил за една тајна, притоа барајќи совет од него. „Александар“ – рече тој – „јас имам нешто да ви соопштам“. „Се разбира, слободно кажете“ – одговори Александар. Знаете јас не сум Минас Зоиопулос, како што ме познавате, туку јас сум монах Макариј од Григоријатскиот манастир. Што треба да направам за да се спасам? Од една страна, силните семејни врски ми прават голем притисок, а од друга страна мојата совест и стравот од вечно проклетство ме доведоа во ќорсокак. Не знам што да правам. Што ќе ме советувате да направам?“ Кир-Александар извади од фиоката голема ангелска схима, ја бакна и му рече: „Ја гледаш ли оваа схима? Цели 12 години ја целивам секој ден и го чекам благословениот час кога ќе ја облечам, а ти ме прашуваш што да правиш. Врати се назад, веднаш. Таму постои покајание и спасение. Агонијата што ја имаш во твојата душа е знак на Божјата милост. За твоето семејство не грижи се. Господ ќе се погрижи за тоа. (Тука треба да се напомене дека по една година, кога жената на Александар се упокои, тој ја прими големата схима со име Андроник монах.) Друг настан што се надополнува во оваа приказна е тоа што духовниот отец на отец Макариј од Света Гора – свештеномонахот Георгиј, никогаш не престана да му пишува охрабрувајќи го да се врати назад. Еден ден едно од овие писма допре до неговата жена којашто не знаеше дека нејзиниот маж некогаш бил монах на Света Гора. Кога тој се вратил дома вечерта, таа му пристапила и му рекла дека повеќе не сака да има никакви односи со него како сопруга. Нејзиниот брат којшто работел со него во бизнисот со хотели ја знаел оваа тајна, но никогаш не ѝ кажал на сестра си. Во меѓувреме сите договори со претпријатијата што ги правеле со неговиот зет, со коишто соработуваа – прекинаа. Еден ден тие отидоа во Пиргос на Пелопонез и отворија Кино, што беше новина за тоа место, но набрзо се затвори поради недостаток на клиенти. Иако имал кандило кое постојано горело во неговиот дом и свети мошти на иконата, сепак сите негови напори завршувале безуспешно. Како Господ да му ги праќал тие неуспеси едно по друго со цел да го потсети на неговите завети за сиромаштија и подвизи на монашки живот.  Иако го имаше одбиено монашкиот живот тој сè уште беше монах во Божјите очи, така што последниот настан што го шокирал и што му дал да го разбере тоа, е следниот: Едно попладне иако бил уморен и лежел на креветот, си играл со синот, којшто го беше земал на неговите гради. Одеднаш малото дете видело ангелска схима не неговите гради и почнало возбудено да плаче. Тато! Тато! Што ти е тоа? Извади го! Извади го!“
Неговиот татко не можел да види било што на неговите гради, и се обидел да го смири малото дете, велејќи му дека нема ништо на неговите гради. И покрај тоа детето започнало со прстот да ја исцртува целата ангелска схима, Крстот, Копјето, Сунѓерот и сите останати букви. Овој настан го трогнал таткото и така сфатил дека Господ сè уште го сака и го смета за монах. Без да ги извести неговата жена и другите роднини, тој го бакнал своето дете и ја напуштил Атина со ноќниот воз за Солун. Утрото заминал со брод на Света Гора и се вратил во Григоријатскиот манастир, местото на неговото послушание. Оттогаш тој остана во манастирот 41 година, трудољубиво работејќи на сите послушанија,  особено како гостоприемник, за што беше добро обучен за време на својата работа во светот. Отец Макариј беше роден 1892 година. На 30-годишна возраст отиде во манастирот Григоријат на Света Гора. На 33-годишна возраст беше замонашен. Се врати во светот се ожени и имаше син. Девет години подоцна се покаја и на 42-годишна возраст се врати повторно на Света Гора каде живееше 41 година во покајание, сеќавајќи се на неговиот пад и на Божјата промисла. Тој се упокои на 84 годишна возраст. Господ нека ѝ даде мир на неговата душа.

Превод од англиски јазик:

Ташко Думов, дипл. Електроинженер

Наслов на изворникот:

The Faithful Steward,

An Astonishing but True Story,

Issue 37, 1-3 p., 2010.

Православна светлина бр.26

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *