Заслади си ги малку зборовите за Бога

Митрополит Атанасиј Лимасолски

Loading

Митрополит Лимасолски Атанасиј

Митрополит Атанасиј Лимасолски
Митрополит Атанасиј Лимасолски

Кога човек ќе ја разбере суштината на односот со Бога, тогаш не може да Го чувствува на друг начин, освен како исполнет со благост и добрини. Доколку го чувствуваме Бог на друг начин, Му придаваме други чувства, тоа означува, дека сè уште сме духовно незрели луѓе. Во житието на свети Силуан Атонски се вели, дека тој еднаш зборувал со еден монах. Таму имало и друг старец – аскет, добродетелен човек, но сè уште недоволно зрел во духовниот живот, којшто рекол: „Сакам да дојде Второто Пришествие, за да видат сите оние – грешници и нечестиви,  коишто се подбиваат со Христос, коишто Го хулат и Го навредуваат, да видам како Бог ги казнува, за да разберат, дека нè онеправдувале, и дека тоа што го правеле е грев!“

Кога светителот го слушнал тоа, веднаш го негирал и рекол, дека светителите не зборуваат на тој начин. Доколку во Црквата слушнеме некој да Го претставува Бог како таков, Кој ќе го казни светот, ќе ги уништи Своите непријатели, ќе ги казни сите што се противат на Неговите заповеди, секој што го става под сомнение Неговото постоење, тогаш, за тој човек, можеме да кажеме дека е верник, но неговата вера и опит се духовно незрели. Не може да Го чувствуваме Бога на тој начин – исполнет со одмазда, со злоба, со гнев и негодување дури и кон Неговите непријатели, т.е оние што не го прифаќаат. Додека светите Божји луѓе го претставуваат Бог – бидејќи тие така Го живееле и бидејќи Бог е Таков – исполнет со благост, добрина и милост и во Својата љубов Бог нè учи на Своите заповеди.

Злото, коешто ни се случува, како и тешкотиите, што ги сретнуваме во нашиот живот, не се израз на Божјиот гнев и бес, туку можности, што ни ги дава Бог, за да можеме да ги искористиме за наше добро; како маки се тешки и горчливи, но покрај тоа, имаат вечна сладост и полза. Особено кога ќе тргнеме по тој пат, тогаш нашата душа, којашто ќе ги гледа појасно работите, бескрајно ќе Му благодари на Бога за сите тешкотии и маки, коишто сме ги претрпеле во овој свет. Тогаш ќе ја видиме големата полза, што ќе ја имаме од сегашните тешкотии и маки, коишто духовно здравиот човек ги толкува на здрав начин, а не како одмазда и злоба. И тоа има значење, бидејќи, за жал, многу пати луѓето, и ние од Црквата, зборувајќи им на помалите деца, велиме: „Не правете го тоа, бидејќи Бог ќе нè казни! Бог ќе ти се налути, бидејќи гледа дека правиш лошо! Или велиме, дека Бог казнил или ги казнува лошите луѓе, без сигурно да разбереме, дека тоа, што го велиме, е укор кон Бога. И во исто време во душата на тоа мало дете внесуваме сугестии, дека Бог казнува, се гневи, и ако некој Му се противи, Он го удира веднаш по главата и тој паѓа на земјата. Работите не стојат така.

Доколку нашиот Бог е таков, тогаш и ние стануваме такви. Затоа понекогаш гледаме дури и црковни луѓе, и свештеници, и богослови, коишто произнесуваат, невистински, казнени проповеди со заплашување, дека Бог ќе ги уништи грешниците, нема никој да го остави на неговото место; или доколку човекот е болен – тоа му се случува, бидејќи е казнет за гревовите. Тоа не е посланието, што Бог сака да ни го предаде. Ако имаме лоша претстава за Бога, тогаш и ние стануваме лоша копија на тоа, што го мислиме, дека Бог е, и на крајот си наштетуваме на себеси, но најмогу Го онеправдуваме Бога, чијашто врска со човекот е исполнета со љубов. Он е Татко, бестрасен Татко, Којшто ги нема нашите страсти. Он не се гневи, не го губи трпението, а прави сè за спасението на луѓето и ги измива нашите тешкотии со Својата љубов и тие стануваат слатки. Маките, тешкотиите стануваат слатки, како што велеше старец Пајсиј – доаѓа таа слатка мака, слатка неправда, како што ја нарекуваше, слатката болка, којашто влегува во Божјата љубов и станува лесна, слатка, поинаква.

Се сеќавам на еден разговор, што го имавме на Света Гора, каде што се зборуваа различни работи и еден јеромонах говореше строго, а друг старец му рече: „Отец, заслади си ги малку зборовите!“

Направи го своето слово послатко, не биди толку апсолутен и да го претставуваш Бог на суров начин. Бог не е таков. Христос Господ е милостив, милосрден и човекољубив. Кога на Синај Он му се откри на Мојсеја, што му рече? – Јас сум Господ сострадален, долготрпелив, многумилостив и вистински. Он не му рекол ништо друго. И во Новиот Завет, кога Господ сака да нè научи да се молиме, кога учениците Му велат: Господи, научи нè како да се молиме! Он им рекол: молете се вака и говорете – Отче наш Којшто си на небесата… Он ни открил, дека нашиот однос со Бога е однос помеѓу дете и татко, и дека Бог е нашиот татко, а ние Негови деца. Значи, на ниту еден начин не можеме да ја промениме таа слика, којашто Самиот Христос ја открил за Себеси. Начинот, на којшто зборуваме, држиме и ги третираме нештата, се гледа од тоа каква претстава имаме за Бога. Ако нашиот Бог е гневен, одмаздувач и ги уништува другите, и ние ќе бидеме такви во секојдневниот живот, многу строги; ќе држиме нож и ќе сечеме глави. Ако нашиот Бог е кроток, мирен, долготрпелив, многумилостив, човекољубив, тогаш и ние ќе бидеме такви. Затоа е важно да имаме вистинска претстава за Бога, правилно да Го разбереме, за да можеме да функционираме правилно и во себеси, и во односот со браќата…

Превод од бугарски јазик:

Звонко Алексов, студент на Теологија

Изворник:

www.dveri.bg

Православна светлина бр. 25

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *