(текст на свети Фотиј, од Посланието до Михаил кнезот Бугарски)[1]
„А Светиот и вселенски четврт собор (451 год.), имајќи го соприсутен и согласен најблагочестивиот цар Маркијан (450-457 год.), го одредил Халкидон како слушална на вистинските догмати, познатиот град во Витинија, и се проширил со број до 630 (Отци). Негови учени говорници биле: Анатолиј (449-458 год.), кому му биле доверени свештените установи на Царскиот град (Цариград); и исто така Пасхазин и Лукинсиј, блескајќи со епископско достоинство, со Бонифациј презвитерот, кои го заземале местото на Лав, најсветиот папа Римски (440-461 год.), чијашто слава и ревност за Благочестието (Православието) е голема; со нив беше и Максим Антиохиски и Јувеналиј Ерусалимски.
Тие од Евтихиј (Среќлија), тој несреќник, и од заштитникот негов и горделивец Диоскор, некогашниот (епископ) Александриски, барале одговорност за злочестие (ерес). Бидејќи и овие, освојувајќи ја заблудата спротивна на Несториј, паднале во еднаква со него несреќа. Зашто Едниот Господ наш Исус Христос, познаван од Божеството и од човештвото, и обожуван во две природи, дрско и неразумно го мешаа и сливаа во една природа, откаде несреќниците не сфаќаа дека со тоа заклучуваат дека Он е и другоприроден (5ter3fulon) на Отчевата суштина, и на луѓето другоприроден (5terofuÀ). Зашто, ако е една природата Христова, тогаш таа секако ќе биде или Божествена, или човечка. Ако е пак само Божествена, каде е тогаш човечката? Ако е човечка, како тогаш тие не се одрекувачи на Божеството (Негово)? А ако е таа нешто друго освен тоа – зашто останува (само) тоа, и кон тоа повеќе тежнее нивното мислење – како тогаш нема да биде измислен Христос другоприроден (5terofu/~) и на Отецот и нам? А од тоа што има побезбожно и побезумно, отколку да се вели: дека Логосот Божји и Бог станал човек за уништување на сопственото Божество и за укинување на земеното на Себе човештво? Зашто тоа секако им следи на оние, кои се дрзнале да кажат дека Христос не е ниедна од (две) природите, туку дека Он е од некоја друга (природа) покрај овие.
Затоа оние кои воведоа вакви христоборни учења доживеаја (од Отците на IV вселенски собор) суд достоен на толку голема безбожност, и беа лишени од свештенството, и од сецелата Црква беа анатема (отфрлени)[2], а со нив е протерана и христоборната (нивна) ерес. А правилното и неповредено верување на Православието уште повеќе е прогласено и заблеска со сведоштвата од Светото Писмо и од Отците, бидејќи треблажените архиереи (соборските Отци) јавно богословствувале: Едниот Христос, т.е. едната Негова Ипостас (Личност), и две природи, Божество и човештво, неслиено и неразделно согледувани во Него; и тоа ни предадоа непоколебливо да се исповеда и проповеда во сите краишта на вселената. Јасно е, пак, само по себе дека (во Христа): она со што на хромите стопалата им се исправувани, и на слепите болеста на очите излекувана, и мртвите враќани од вратите на адот и во живот повторно воведувани, и останатите божествени знаци (чуда), кои не е лесно да се набројат, а кои се (од Христа) извршувани и покажувани – тие јасно го покажувале достоинството на Божествената природа (Христова); она пак со што Он поднесувал трудови и болки, и гладувал и жедувал, и останато на тоа сродно и блиско – тоа го пројавувало својството на човечката суштина (Негова). Од кои (знаменија – настани) Едниот ист Христос, Вистинскиот Бог наш, едни (знаци/чудеса) богодолично, а други човекодолично ги извршувал и правел, јасно и со неспорна причина претставувајќи и удостоверувајќи: едната и единствена Негова Ипостас (Личност), а две различни природи (Божествена и човечка) во неслиено единство.
Во тоа, значи, (и за тоа одржан) овој Четврт (вселенски) собор“.
(Четвртиот вселенски собор во Халкидон /451 год./, освен Христолошкиот орос на верата /одредби, символ на верата/, донел уште и 30 канони)[3].
[1] Овој, од нас додаден, текст на свети Фотиј види во Svntagma 1,374-388 (PG 102,632-656).
[2] Светите Отци велат: „Казната на анатема не е ништо друго, туку одвојување од Бога“ (IV вселенски собор, седница 8)
[3] Зонара и Валсамон го даваат овој краток опис на Халкидонскиот Собор: „Светиот четврт и Вселенски собор бил во времето на царувањето на Маркијан, кога се собраа 630 Свети Отци во Халкидон, против Диоскор, претстојателот на славноименитата Александрија, и Евтих, архимандритот Цариградски, кои Господа нашиот Исуса Христа го исповедаа едносуштен на Отецот, додека за вочовечувањето (Негово) хулеа, и бегајќи од Несториевото разделување, кое воведуваше два Сина, тие западнаа во друго спротивно зло. Зашто безбожно учеа дека има две природи (во Христа), на Божеството и човештвото, кои по соединувањето се слеале, и направиле една природа, така што на Божеството му припишувале страдања. Но и за телото (Христово) велеле дека Господ (го) зел не едносушно нам, ниту е составено од девствената крв (на Богородица), туку измислувале дека Он некако неискажливо и божествено се воплотил; и други нешта бладале. Нив ги расчини и анатемиса овој Свет (четврт) собор, одогматувајќи (догматски изразувајќи): дека Господ нашиот Исус Христос е совршен Бог и совршен човек, во две природи неразделно и неслиено (постоејќи). А изложил (Соборот) и канони кои се овде придодадени“ (PG 137, 381-4; Svntagma 2,216).