Синодик од Цариградскиот собор (382 год.)[1]
„(…) Било гонења, било жалости, било царски закани, било грубост на начелниците (власта), било некое друго искушение од еретиците што сме го претрпеле, (сето) тоа го поднесовме за Евангелската вера, која во Никеја Витиниска е потврдена од 318 Отци. Зашто таа треба да е угодна и вам и нам, и на сите кои не го извртуваат словото на Вистинската вера. Таа (Никејска) вера, како најстара и согласна на Крштението (Мат. 28, 19), нè учи да веруваме во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, т.е. да веруваме дека едно е Божеството и силата и суштината на Отецот и Синот и Светиот Дух, и дека тоа (Божество) има едночесно достоинство и совечно царство, во Трите најсовршени Ипостаси, т.е. во Трите совршени Лица, така што нема место ни за болеста на Савелиј, која ги слива Ипостасите или ги укинува (личните) својствата, ниту пак важи хулата на Евномиевците и Аријаните и Духоборците, која (хула) суштината и природата на Божеството ги расекува и во Нестворената и Едносушна и Совечна Троица воведува некоја подоцнежна или создадена или другосуштинска природа. А и науката за Господовото вочовечување (t4n t|~ 6nanqrwp/sew~ to$ Kurjou l3gon) ја сочувуваме неискривено, не прифаќајќи ниту бездушен, ниту безумен, или несовршен Домострој на телото (воплотување), знаејќи го сецелиот совршен Предвечен Бог Логос, Кој во последните денови заради нашето спасение стана совршен човек[2].
Тоа е генерално она што имаме (да кажеме) за верата, кај нас нескриено проповедана, за што можете повеќе душевно да се насладите ако се удостоите да го прочитате Томосот кој е составен во Антиохија од таму одржаниот Собор (379 год.) и минатата година (381) изложениот (Символ) во Цариград од Вселенскиот собор[3], во кој опширно ја изложивме верата и писмено направивме анатемисување на неодамнешните новаторски ереси.
Во однос, пак, на посебните распоредувања (t^n o>konomi^n) во Црквите (на Исток), како што знаете, важи старото правило, кое (правило) е и на Никејските Свети Отци (канон 6): во секоја област локалните епископи и, ако тие посакаат, со соседните, да вршат поставувања (t+~ ceirotonja~) за полза (на Црквата), доследно на кои се уредуваат и останатите Цркви кај нас, како што знаете, и се издигнуваат (архи)ереи на најзначајните Цркви. Така, во Цариградската, такаречено, новоутврдена Црква, која, по Божјо милосрдие, како од лавовска уста неодамна ја извлековме од еретичка хула, го поставивме за епископ најпочитуваниот и најбогољубивиот Нектариј, на Вселенскиот собор (381), при општа согласност, пред очите на и на најбогољубивиот цар Теодосиј (379-395), со согласност на сиот клир и сиот град. А во најстарата и навистина Апостолска Црква во Антиохија Сириска, во која прво се нарече чесното име Христијани (Дела 11, 26), канонски го поставивме најпочитуваниот и најбогољубивиот Флавијан, со учество на сите од областа и од Источната дијацеза, а и сета Црква сложно како со еден глас го почести тој маж, која законска хиротонија ја прифати и пленумот (на овој) на Соборот (381). А во мајката на сите Цркви (t|~ mhtr4~ Ápas^n t^n }Ekklhsi^n) Ерусалимската[4] најпочитуваниот и најбогољубезниот Кирил го познаваме како епископ, кој одамна е поставен канонски од епископот на областа, и многу страдања претрпел од Аријаните во разни времиња.
На ова што е кај нас законско и канонски востановено ве молиме и вашата Побожност да се радува, преку духовна љубов и страв Господов, оставајќи ја секоја човечка пристрасност, и имајќи го изградувањето на Црквите како поважно од поединечните односи и наклоности. Зашто така, кога ќе се усогласи начелото на верата, и ќе се утврди во нас христијанската љубов, ќе престанеме да го зборуваме она што го осудиле апостолите: јас сум Павлов, јас сум Аполосов, јас сум на Кифа (1. Кор. 1, 12), и сите ќе се покажеме Христови, Кој не се раздели меѓу нас (1. Кор. 1, 13). А Бог ќе нè удостои да го сочуваме неподелено телото на Црквата, и на судот Господов со смелост да застанеме“.
Втор вселенски собор
(текст на свети Фотиј, од Посланието до Михаил кнезот Бугарски)[5]
А Светиот и Вселенски втор собор (381) го покажа Царскиот град (Цариград) како свештена училница на свештената наука, собирајќи 150 Свештени Мажи, имајќи го за егзарх (кој началствува) Тимотеј Александриски, и Мелетиј Антиохиски, и Кирил Ерусалимски, кои управуваат со свештеноначалните престоли; а исто така и Нектариј, кој сè уште беше во стадото на огласените (катихизирани) и, откако ја изми нечистотијата на животот со божествената бања (Крштението), па веќе како чист беше облечен со најчистото достоинство на Ерарх, и со општиот глас на Соборот, а со ракополагањето на првенците, стана воедно и епископ на Цариград и егзарх на Соборот. По него беше и Григориј, епископот на Ниса во Кападокија, и имењакот, од самите дела, на теологијата (Григориј Богослов). По кратко време ним им се придружи и Дамас Римски, кој истото го поддржувал, станувајќи согласен на овие претходно спомнатите.
Овој, значи, свештенојавен Хор, од некој Македониј (еретик духоборец), кој порано го грабна престолот на Константинопол, бараше да поднесе одговорност затоа што Го похули Сесветиот и Живоначален Дух. Зашто, како што Ариј против Синот, така и овој против Пресветиот Дух се бореше, сврстувајќи го Неговото Владичествено и превосходно Господство меѓу слугите и прислужниците. А што му било полесно на несреќникот, да сакал, да увиди: дека, како што оние кои Синот го сврстуваат во создание, му придаваат ништо помалку од навреда (на Бога) Отецот, така и овие, Кои Неговиот Пресвет Дух го прибројуваат во созданијата, иста и еднаква хула против Него (Отецот) изнесуваат. Зашто, ако е Духот создание, тогаш и Оној (Отецот), чиј е тој Дух – е со созданијата. Ако во ушите е неподнослива претераност на таквото безбожие, како несреќникот не сфатил да избегне дека со тоа неизбежно не западне во богоборни мисли? Одрекуваш дека Духот е Бог? Како (тогаш) Он ги испитува и длабочините Божји, и ништо не е сокриено од Него (1. Кор. 2, 10)? Како е Он Друг Утешител (Јован 14, 16)? Како се прибројува со Отецот и Синот? Зашто, Самиот Син вели: „Одете и научете ги сите народи, крштавајќи го во името на Отецот и Синот и Светиот Дух“ (Мат. 28, 19)! И ако е создание едно од тие Три, со Кои се просветлуваме (во Крштението), тогаш ни останатите (Божествени Лица) не ќе бидат чисти од навредување. Но, ако е (Духот) создание, како Он создава? Како осветува? Како оживотворува? Како разделува харизми (благодатни дарови)? Како е Бог? Но ништо од тоа не имајќи во умот овој умоболен, се осмелил и се дрзнал Него да Го отцепува од Едното Неразделно Божество. Затоа и доби казна достојна за тоа безбожие, со тоа што беше расчинет од свештенство, како и сите оние кои го следеле неговото неизлечиво богоборство. И како што тој небулозно Го отуѓуваше Пресветиот Дух од Едното Троично Божество и Господство, така и него Светиот и вселенски собор го отуѓи од свештенството и од учество и заедница со светиите, како втор Ариј.
А за Пресветиот и Живоначален Дух, како едноприроден и едносуштен и едносилен и семоќен, (отците) прогласија: со Отецот и Синот да се сообожува и сословува, согласно Отечките и Богословски зборови, сосема покосувајќи го секој какол што можеби никнал од аријанското семе[6]. Тогаш уздите на царството ги држел навистина Великиот, и за велика пофалба достоен, Теодосиј (379-395), познат и тој како поборник на Благочестието (Православието). Во тоа, значи, (и по тоа познат) и овој Свет (втор вселенски) Собор“.
(Вториот вселенски собор во Цариград донел 7 канони).
[1] За Светиот Втор вселенски собор во Цариград (381 год.) говорат самите епископи на тој Собор собрани повторно (претежно истите) во следната 382 год. во Цариград, пишувајќи во својот Синодик (Синодско Послание) до Западните епископи: Дамас Римски, Амвросиј Милански и др. собрани во Рим на Собор. По кусиот вовед, каде што станува збор за страдањето на источните Цркви од прогони и ереси, Отците понатаму говорат за Вселенскиот собор кој се одржал претходната година (381 год.) и за неговите одлуки (текстот кај Теодорит, Црковна Историја, V,9; PG 82,1216-1217; и: Les Conciles Oecumeniques, p. 74-84, каде што стои насловот: „Послание на епископите собрани во Цариград“). Меѓутоа Соборските Отци му пишувале претходно и на царот Теодосиј: „Почетокот на нашето писмо до твојата Побожност – е благодарност кон Бога… Покрај тоа одредивме и категорични канони (правила) за добар поредок на Црквите“. Тоа се 7 канони на Цариградскиот II Вселенски собор. (Види поширок извод од тоа Послание до царот Теодосиј подолу, кај 1 канон, белешка 6).
[2] Оваа кратка реченица на православно изложена Христолошка вера на Црквата вперена е против Аполинариј и неговото еретичко учење за Христа (види понатаму толкување на 1 канон), кое е осудено на II Вселенски собор, како што покажуваат понатаму 1 и 7 канон. Таа реченица (очигледно формулирана со јазикот на Кападокиските Отци, посебно на Григориј Богослов) веќе тогаш јасно ја покажувала православната Христологија на Истокот, додека на Запад и тука биле колебливи, па долго време го поддржувале Аполинариј и неговиот ученик Виталиј во Антиохија, што создавало дополнителен раскол на Истокот.
[3] Станува збор за пошироко Исповедање на Никејската вера на Соборот во Антиохија, септември 379 год., под свети Мелетиј (откаде што е и упатен свети Григориј Богослов во Цариград да ја избави Црквата од аријанските раце и да го воскресне Православието), и за Некео-Цариградскиот Символ на верата на II Вселенски Собор, со кој конечно е уреден и дополнет Никејскиот Символ.
[4] Ова напомнување на Римскиот и на Западните епископи дека Ерусалим е Мајка на сите Цркви (слично напоменал и свети Василиј во Писмото до Западните епископи: дека од Истокот им дојде на сите Евангелието на Царството“ – Писмо 243) не е овде случајно, туку да ги потсети на евангелското потекло и достоинство на Црквите на Истокот, наспроти било чие грабање за првенство! (за што Отците понатаму дискретно говорат).
[5] Овој, од нас додаден, текст на свети Фотиј види во Svntagma 1,374-388 (PG 102,632-656).
[6] Изразот „со Отецот и Синот да се сообожува и сословува“ е внесен во 8 член на Никео-Цариградскиот Символ на верата. Како што вели и самиот Втор вселенски собор во својот 1 канон, Соборот дополнувајќи го потврдил Никејскиот Символ на верата и ги осудил ересите: 1) Аријанската, 2) Духоборната, 3) Савелијанската (монархијанската), и 4) Аполинариевата (христолошката); (види подолу канон 1 и коментарот).