Во црквите често пати гледаме луѓе со психички болести, не затоа што црквата ги направила такви, туку затоа што тука наоѓаат прибежиште. Во сите други институции, па и во медицинските установи, најчесто се лошо третирани, а во црква единствено може да најдат пристоен и топол однос, па затоа и често доаѓаат. Но, треба да сме претпазливи со нив, затоа што токму такви личности извршија убиства во Оптинскиот манастир во Русија, како и убиството на протоереј Павел Аделгејм. Свештениците се должни да имаат познавања од психијатрија, и да препознаваат кога и кои личности треба да бидат испратени кај психијатар. Огромен проблем кај нас е отсуството на црковни психијатри, кои би имале соработка со свештениците, за да им се помогне на повеќе луѓе, а со помали ризици. Текстот кој следи е кратко упатство за основните показатели, кои верниците ги прикриваат под маската на верата и побожноста, а кои за свештеникот треба да бидат аларм за да го испрати верникот кај психијатар.

Еден неодамнешен пример: на консултација беше донесена жена во состојба на психоза – манија дека некој ја следи. Се разјасни дека таа прима еден сериозен неуролептик, и ние ја прашавме: „А кој ви го препиша тој лек?“ И таа ни раскажа дека еден познат старец, од еден манастир на југот од Русија, тој ѝ го дал лекот. Сите лекари беа потресени – свештеник препишал опасен неуролептик.
Втор пример: во нашиот центар дојде едно момче на 28-годишна возраст, висок 1,80, тежок 50 кг., притисокот 80/60 – неговиот надворешен изглед потсетуваше на затвореник од концентрационен логор. Тој неколку години се трудел во еден многу познат манастир, и во еден миг решил да започне со подвизи, бил обземен од идеата за спасението, си умислил дека тој е најголем праведник. Но, никој во манастирот не му обратил внимание на неговата состојба. На крајот се појавила закана по животот. На сите мои поуки, дека за православниот човек важно е послушанието, тој не ги примаше, сметајќи, дека подобро знае како да се спаси. Така тој и мигрираше помеѓу нашата клиника и реанимациско одделение.
Психичките и психијатриски растројства во црковните средини се среќаваат почесто или поретко?
Црквата е болница, па затоа е нормално што многу луѓе, кои имаат душевни растројства психијатриски дијагнози, да доаѓаат во црква и тука да наоѓаат поддршка и утеха. Така што во црковните средини често се сретнуваат такви луѓе.
Професорот од Светосергиевскиот православен институт во Париз, архимандриот Кипријан Керн во 1957 година издаде книга „Православното пастирско служење“, во која на почетокот имаше одделно поглавје „Пастирска психијатрија“. Тој вака напиша: „Постојат такви душевни состојби, кои не можат да бидат определени од категориите на моралното богословие и кои не влегуваат во поимањето на доброто и злото, на добродетелта и гревот. Сите тие „длабочини на душата“, кои припаѓаат кон областа на психопатологијата, а не кон аскетиката.
Пастирот треба да прочита барем една-две книги по пастирска психијатрија, за да не го осуди како грев во човекот она, што само по себе е само трагично искривување на душевниот живот, загатка, а не грев, таинствена длабочина на душата, а не морална искривеност“.
Истакнатиот советски психијатар, син на свештеник од Рјазанската губернија, професорот Дмитриј Мелехов во својата незавршена книга „Психијатријата и проблемите во духовниот живот“ (1979) ја нагласувал посебната важност во разликувањето кај душевноболните религиозни доживувања како признаци на болест (лажна мистика), и религиозните доживувања како манифестација на „позитивната здрава мистика“, што го сметал за силен фактор во борбата со болеста.
Пример: Еден мој пациент, кој страда од схизофрена психоза и кој не е посебно воцрковен човек, при засилување на болеста по два пати во денот трчал во храмот за да оди на исповедни беседи со свештениците. Во таквите моменти неговата мајка, која мечтае нејзиниот син да почне да оди во црква, му ѕвонела на психијатарот и му кажувала дека нешто со синот повторно не е во ред. Таа сфатила, дека неговата зголемена религиозност се покажува како пројава на психичка болест.
За психичките болести и опседнатоста од демони
Дмитриј Мелехов сметал дека православната вера е најсилен личносен извор при надминувањето на манифестациите од болеста, негативните растројства и дефекти на личноста. Тој вели дека во некои случаи при схизофренијата црковната вера причинува да се сочува јадрото на личноста.
Тој исто така сметал дека е недозволиво од страна на лекарот „секое религиозно доживување на го смета како патологија“, исто така и од страна на свештеникот – да ги гледа сите случаи на душевно растројство како манифестација на „демоноопседнатост“.
Уште повеќе, „доживувањата кои произлегуваат од болка/болест во одредени услови може да станат извор на позитивен духовен опит“.
Православната антропологија ни говори за тоа, дека во човекот постои духовна сфера, душевна сфера и тело. И како што велеше Дмитриј Мелехов, „кога тие три сфери на човечката личност – духот, душата и телото, се наоѓаат во согласност, во хармонија една со друга, што се постигнува само при услови кога надвладејува сферата на духот, тогаш може да се зборува за здравје“.
Согласно со ова болестите од духовната сфера ги лечи свештеникот, душевните – лекарот психијатар, телесните – лекарот соматолог (терапевт, невролог итн.). Јасно е дека сите три сфери се меѓусебно нераскинливо поврзани и болеста на душата влијае на состојбата на духот и состојбата на телото.
Делото на Мелехов подоцна беше објавено во „Настолнаја книга“ за свештенослужителите (8 том) и потоа влезе во официјалниот документ на Руската православна црква – Основи на социјалната концепција, оддел „Здравјето на личноста и народот“ (XI.5).
Таму пишува дека треба да има јасно разграничување на компетенциите од сферите на лекарот и свештеникот. Тоа е многу важен постулат, затоа што, за жал, кај нас во Црквата многумина се обидуваат да ги сведат сите душевни болести на демоноопседнатост. И во Црквата, и во општеството постои силно антипсихијатриско движење.
Во Основната социјална концепција се вели: „Издвојувајќи во личносната структура духовен, душевен и телесен степен на нејзината огранизација, светите отци разликувале болести, кои се развиле „од природата“, и болести, предизвикани од демонско влијание или кои се развиле како последица од поробеноста на човекот од страстите. Согласно со ова разликување станува подеднакво неоправдано сведувањето на сите психички заболувања под демонизираност, што со себе влече и чин на истерување на демони, исто како и обидот за лечење на било какви духовни растројства исклучително со клинички методи.
Во областа на психотерапијата се покажува најплодотворно комбинирањето на пастирската и лекарската помош кај душевноболните, со претходно разграничување на компетенциите на лекарот и свештеникот.
Психичката болест не го намалува достоинството на човекот. Црквата сведочи, дека и душевноболниот е носител на образот Божји, останувајќи наш собрат, кој има потреба од сострадание и помош“.
Соочувајќи се со болните, свештеникот треба да знае, дека пред него е патологија, тоа не е сфера на неговите компетенции, и неопходно е тој да се обрати за помош кај психијатар.
Основни показатели за испраќање кај психијатар се следниве:
1. Депресивните состојби со противживотни размислувања, суицидни помисли и намери.
Неодамна ми заѕвони еден свештеник и ми кажа, дека едно негово духовно чедо има сиуцидни помисли. Девојката дојде кај мене и немаше никакви надворешни манифестации на депресија. Особеност на депресијата во младешката возраст е тоа што човек може и да не ја изразува надворешно. Единственото нешто што ме растревожи беше тоа, што девојката одела на исповед и не се причестувала, таа имала скаменета бесчувственост – не чувствувала радост од молитвата и затоа одбивала да се причестува.
2. Состојбата на силна поспаност со ограничување или откажување од примање на храна и вода, при тоа под маската на постот, сметајќи се за особено грешни со наложување врз себе на посебни молитвени правила, со губење на послушноста кон свештеникот во однос на правилата од духовниот живот, увереност во својата правдина, загуба на чувството на „пасхална радост“.
Една девојка се воцркови, почна да пости и да се моли по цели денови, да оди на сите служби, на исповед доаѓаше со многубројни списоци. Во храмот често ѝ се слошуваше и моравме да викаме Брза помош. Почнав да ја лечам и како лекарство ѝ препишав помалку да се моли, да се врати во нормала. Тогаш кај неа постепено се врати апетитот и способноста за работа. Сѐ треба да биде согласно на возраста и да се врши под строго духовно раководство.
3. Депресивни состојби со изразено чувство на тага, безизлез, очај, загуба на животната перспектива, со идеи на себеобвинување, понижување, снижување на степенот на социјална адаптација.
4. Чувство на богооставеност, загуба на смислата во животот и надежта на милосрдието Божјо, „скаменета бесчувственост“.
Во состојба на вообичаена гревовност човекот доаѓа на исповед и потоа доживува пасхална радост. Во состојба на болна гревовност, болниот е убеден во својата најголема гревовност, ништо не чувствува, за него Пасха не е повод да престане со постење.
5. Идеи за својата избраност, месијанско или пророчко служење, проследени со прилив на сили, енергии, скратување на ноќниот сон.
Сите ние сме повикани да бидеме „месии“, со мала почетна буква, но кога човекот зборува за тоа, дека тој јасно себеси се осознава како Месија (Спасител), воплотување на Второто Христово доаѓање, тоа е веќе патологија.
6. Состојби на беспричинска веселост со хаотична зголемена активност, неконтролиран наплив на мисли и преоценување на своите можности, со идеи за општествено или црковно преустројување.
7. Епизоди на немотивирана агресија во однос на луѓето во опкружувањето, ризични и антиопштествени постапки, груби активности кои порано не му биле својствени на човекот (крадење, скитништво, сексуални прерверзии, наркоманија, алкохолизам).
8. Искажување на неосновани идеи дека некој ги следи, им влијае (со хипноза, радиобранови, зрачење итн.), контрола, закани по животот. (Особено се опасни при доволно активно поведение согласно содржините на идеата, барањето конкретни виновници за следењето, изразување желба за контакт со нив).
Пример: Девојка од интелигентно семејство одеднаш почна да зборува, дека нејзе ја следат соседите, потоа почна да се завиткува во фолија, велејќи, дека врз неа дејствуваат со радиобранови. Ја одвеле кај старецот, а тој ја испратил да ѝ читаат егзорцизми. Класична приказна – почитуваниот свештеник видел демонизираност во случај на психијатриска патологија.
9. Појава на гласови во главата или однадвор со навредлив, коментирачки или наредувачки карактер.
Болеста има хроничен карактер, кога човекот постојано станува носител на гласови. Кога тие гласови нешто му наредуваат, тоа е многу сериозно. И нема значење кому му припаѓаат тие гласови – на играчката или на сатаната – дијагнозата од тоа не се менува. Убиството на свештеникот Павел Аделгејм и убиствата во Оптинската пустина биле извршени од болни луѓе, кои слушале гласови од демони како манифестација на психичка болест.
10. Чувство на нереалност и наместено опкружување, чувствување на себеси во центарот на борбата на силите на доброто и злото, идеа за демоноопседнатост, силни и повторувачки состојби на „озареност“, „откровенија“, виденија.
Сите ние треба да водиме духовна борба, но ако човек реагира премногу остро, смета, дека целиот свет се врти околу борбата, што тој ја води – тоа е патологија.
Се разбира, демоноопседнатоста како појава во духовниот живот постои, но многу често демоноопседнатоста – тоа е манифестација на лудило кај болните. Така еден пациент, кој имаше деветнаесет години, дека сето пространство околу него е исполнето од демони. Тој дојде на консултација, затоа што гласовите му дозволиле. Му дадовме терапија и сите симптоми исчезнаа.
Појавата на демонизираност во многу случаи е манифестација на болна демонизираност. Во парохискиот живот се сретнува почесто, отколку реалната демонизираност.
11. Состојбата на силен замор, „сон најаве“, при кој човекот не реагира на луѓето околу него и на нивните обиди да му го привлечат вниманието, долгото останување во иста положба, одбивање на храна и вода, занеменост.
Сон најаве – истовремено со реалноста болниот гледа дека се наоѓа некаде во други светови.
Пример: Еден наш пациент, син на московски свештеник, ја искрши вратата, а после циклусот на лечење ми раскажа, дека цело време се наоѓал те во рајот, те во адот и искршената врата била вратата на пеколот.
12. Појава на опсесивни идеи за заразување, миење на раце, долги проверки, опсесивни ритуални постапки, опсесивни идеи со хулна содржина.
13. Нагло опаѓање на способноста за работа, умор, прогресивно опаѓање на концентрацијата и интелектуалните способности, губењето на навиките за себеопслужување (во длабока и старечка возраст).
На крај би сакал да ги спомнам зборовите на светиот Игнатиј Брјанчанинов:
„И на слепиот, и инвалидот, и на оној со нарушено расудување, и на доенчето, и на престапникот, и на незнабожецот ќе му оддадам почит, како на образ Божји. Што ти е тебе гајле за нивните слабости и недостатоци! Внимавај на себе, та ти да немаш недостаток во љубовта“.
(Од говорот на професорот по практично богословие, заменик директорот на директорот на Научниот центар за психичко здравје, докторот на медицински науки Василиј Глебович Каледа, на
XXV Божикни читања.)
Православна светлина бр. 55
Превод од руски јазик: Свештеник Јани Мулев