Свети Николај Охридски и Жички
Кој е Tој што будно ме гледа низ сите ѕвезди и сите созданија на земјата?
Затворете ги своите очи, ѕвезди и созданија; не гледајте ја мојата голотија. Доволно срам ме пече низ моите очи.
Што ќе видите? Дрвото на животот, кое се смалило во трн на патот, па се боде себеси, а и другите.
Што друго – освен небесен пламен потопен во кал, па ниту свети, ниту се гаси?
Орачи, не е главно вашето орање, туку Господ Кој гледа.

Пејачи, не е главна вашата песна, туку Господ Кој слуша.
Спанковци, не е главно вашето спиење, туку Господ Кој бдее.
Не е главна водата во процепите околу езерото, туку езерото е главно.
Што е сето време човечко, освен еден бран, што го натопил врелиот песок на брегот, па се покајал што го оставил езерото, бидејќи бил исушен?
О, ѕвезди и созданија, не гледајте во мене со очите, туку во Господа. Он единствен гледа. Во Него гледајте и ќе се видите себеси во својата татковина.
Што ќе ви е да гледате во мене: во сликата на вашето изгонување? Во огледалото на својата брза минливост?
Господи, убрусу мој убав, украсен со златни серафими, спушти се врз мене како вдовички вел, и собери ги моите солзи, во кои врие тагата на сите Твои созданија.
Господи, убавино моја, дојди ми на гости. За да не се срамам од својата голотија. За да не си одат дома многу жедни погледи, кои паѓаат на мене.
Извадок од книгата „Молитви крај езерото“, издание на Повардарската епархија.
Превод: Ѓакон Јани Мулев