Владета Јеротиќ,
професор по Пастирска психологија
на Теолошкиот факултет во Белград
„Сега сите знаеме, сакаме слобода и да сме свои во родната куќа… Слобода, во ред, но тоа не се зрели плодови што паѓаат во шеширот на било кого“.
– Вељко Петровиќ
Да, ние веќе тоа добро го знаеме, а за тоа не придонесе само современата психологија, туку и нашето практично искуство, индивидуално и колективно, дека нема слобода без зрелост. Ако некое дете во училиште и по училиште се однесува како и во семејството пред да тргне во училиште, или, исто така, ако и на шест години мокри во кревет навечер, премногу се плаши и цица прст – во таквите случаи се соочуваме со невротично, т.е. незрело дете.
Ако едно момче или девојка на дваесет или повеќе години сè уште покажува таков вид на бунт или сексуално однесување, кои се типични за возраста на пубертетот – повторно станува збор за незрели млади луѓе кои сè уште се наоѓаат во состојба на т. н. продолжена пубертетска криза.
Конечно, кога возрасен човек често ги менува своите партнери во бракот или надвор од бракот, што значи дека не може да се врзе за еден партнер и нему да му остане приврзан и верен, или кога тој „пораснат“ човек покажува исклучително агресивно однесување кон својата околина или кон себе, без разлика дали е на своето работно место, додека го вози автомобилот или кон своето семејство – јасно е дека ние повторно се соочуваме со незрели луѓе кои го попречуваат согласениот семеен и општествен живот. Колку е поголем бројот на овие невротичари во едно општество, секако и помали се можностите тоа општество да ги оствари своите цели и да овозможи природен развој на многу потенцијални можности, односно способности кои несомнено се наоѓаат во секој човек.
Денешните психолози и психијатри, и кога застапуваат различни ставови, согласни се за некои важни и за сите луѓе типични критериуми кои можат приближно точно да одговорат на тоа тешко прашање: што всушност човекот го прави зрела и целовита личност?

Најпрво, мораме да тргнеме од признатиот факт дека нема потполно зрела личност, или, како што се вели стручно, личност која би била целосно интегрирана. Постојат само степени на зрелост кои, повеќе или помалку, се приближуваат до оваа замислена, идеална целина на личноста. Добро е во оваа прилика да го спомнам ставот дека практично нема граници на човековото созревање во текот на целиот негов живот. Иако е несомнено дека најважни услови во кои личноста созрева, се оние кои се создаваат во родителскиот дом во раната возраст на детето, сепак, и подоцнежните животни околности, како и ендогените, веројатно со конституцијата и наследувањето примената способност на личноста за доживувањата и трансформација, – имаат значаен удел и свој придонес како во понатамошното созревање на личноста така и во можност за плодно менување и сè посамостоен развој на оваа личност. Биографиите на големите луѓе (но не само нивните) доволно убедливо ја докажуваат оваа претпоставка.
Накусо ќе ги дадеме оние најважни критериуми во психологијата кои ја одредуваат силата на човековото ЈАС, односно го покажуваат степенот на неговата зрелост, при што редоследот на овие критериуми не мора да го означува и нивното значење. Ни се чини, дури, дека секој од нив има речиси приближно еднаква вредност и подеднакво значење.
1. Способноста да љубиш некој друг, а не само себеси
Нарцисоидните личности, кога се општо во состојба да сакаат некого, тоа го прават така што во партнерот се сакаат самите себеси, и тоа, или себеси од сегашноста, или себеси од минатото, или себеси какви што самите би сакале да се видат во иднината. Јасно е дека таквата љубов на партнерот не е во состојба да се откаже од било што, што значи да поднесува жртви, принцип на кој се основа самиот живот и без кој не може да се замисли, не само едно хармонично семејство, туку ни хармонично општество.
2. Способноста за контрола на сопствените нагони и импулси
Управувањето со своите агресивни и сексуални енергии кои ни се биолошки дадени, во вид на вродени нагони, започнува многу рано, и колку правилно ги контролираат тие нагони првин родителите, а подоцна и општеството, во голема мера зависи идниот развој на личноста. Импулсивното препуштање на нагли експлозивни празнења на овие енергии, со последици кои од секојдневното искуство на сите ни се добро познати, не е само „фатум“ на нашето индивидуално минато и на националниот темперамент, туку и слабост, невроза и незрелост на секој поединец кој не прави ништо за да ја воспита волјата и моралната хигиена на своите животински побарувања.
3. Способност за поднесување непријатности, болка и страдање
Принципот на апсолутно задоволство кон кој, според Фројд, тежнее малото дете, и којшто Фројд со право го спротивстави на принципот на реалноста, постојано го демне секого од нас и затоа мора постојано да биде под наша свесна контрола за да не дозволиме други наместо нас да поднесуваат болка и страдање (како синоними на животот). Избегнувањето на секоја болка, и физичка и душевна (оттука и прекумерна употреба на лекови и злоупотребување на комфорот), е карактеристика на нашето време, кое и тука ги покажува сите одлики на инфантилното реградирање.
4. Поседувањето на зрела, а не инфантилна совест
Зрела совест се покажува како во толеранцијата но и контролата на своите нагонски желби, така и во толеранцијата но и во будноста кон барањата на своето морално битие. Незрелата совест, напротив, заснована на заканите од страв и чувство на вина, се однесува сама кон себеси или кон околината садистички или мазохистички. Таквото човечко суперего, кое е изградено во детството под влијание на премногу строги родители, или пак недоволно изградено поради родителската занемареност, или затоа што тие и самите во себе не ја изградиле својата совест – создава од луѓето мачители на другите или невротични маченици, кои поради прекумерното чувство на страв од вина ги бараат свои угнетувачи. Наспроти т.н. развојна идентификација, која е единствено нормална и кај која личноста внесува во себе како пример луѓе кои ги сака и цени, во патолошките случаи на т.н. одбранбена идентификација не постои во основата на личноста емоционална приврзаност, туку потреба за чувство на безбедност. Во таквите случаи личноста се чувствува загрозена, па не можејќи да се ослободи од стравот на друг начин, почнува да се идентификува со личноста која е извор на стравот. Од таквото идентификување се развиваат претерани машки или женски особини на личноста, кои потоа дејствуваат во насока на садистичка или мазохистичка ориентација во животот.
5. Умерена агресивност без реакција на бес или омраза, но и без прекумерна плашливост
Ако нам ни се дадени сексуалноста и агресивноста како суровини што чекаат облагородување, тогаш природно е да мораме да сметаме на нив и детински да ги затвораме очите пред овие моќни сили. Потиснатата агресивност која не нашла вентил во моментот кога тоа било неопходно и во мерата што одговара на ситуацијата и на нашите обврски како етички битија, останува неискористена, дивата сила која кога – тогаш мора да се испразни, а тоа најчесто е во некоја соодветна ситуација и со зголемен интензитет.
6. Способноста да бидеме независни
Ваква способност поседува само онаа личност која веќе успешно ги развила сите други, претходно споменати способности. Таа е цел и круна на индивидуализацијата и единствениот вистински залог, но и услов на слободата. Нема вистинска слободна личност независна и самостојна, а која со тоа не само што не е изолирана и осамена, туку и на претеран, невротичен начин ангажирана во општеството. Само независната, самостојна личност знае за тајната на зрелото однесување во кое се дава „на Бога Божјото, на царот царевото“.
Накусо, изложивме некои од најважните критериуми според кои современата психологија и психијатрија ја проценуваат зрелоста на некоја личност. Секој од нас треба да се процени колку вредат тие и колку одговараат на објективниот суд на нашата сопствена личност. Секој од нас мора најпрво да си одговори на прашањето, колку самиот на себе постигнал и што направил досега со своите вродени и стекнати таленти.
Дури тогаш можеме да се свртиме кон општеството и со право од него да очекуваме мотиви за работа.
Нема зрело општество без зрели поединци. А тие не ги создава самото општество, туку и себевоспитувањето. Имено, нема друга одговорност, како што рече еден наш философ, освен самоодговорноста.