XIX Недела по Педесетница
(15.10.2017 година)
- Па, како што сакате да постапуваат луѓето со вас, така постапувајте и вие со нив!
32. И ако ги сакате оние, што вас ве љубат, каква ви е наградата? Зашто и грешниците ги милуваат оние, што ги сакаат нив.
33. И ако им правите добро на оние, што вам ви прават добро, каква ви е наградата? Оти и грешниците го прават тоа.
34. И ако им давате заем на оние, од кои се надевате дека ќе ви го вратат, каква ви е наградата? Зашто и грешниците им даваат заем на грешници, за да им се врати истото.
35. Туку вие љубете ги непријателите ваши и чинете добро, и на заем давајте, не очекувајќи ништо. Така, ќе биде голема наградата ваша и ќе бидете синови на Севишниот; зашто и Он е добар кон неблагодарните и кон лошите.
36. И така, бидете милостиви како што е милостив вашиот Отец.
*
Главна тема во денешното евангелие е највозвишениот вид на љубов – љубовта кон непријателите. Но, поради она што секојдневно го гледам во нашите цркви, сметам дека оваа тема сѐ уште е во областа „научна фантастика“, барем за нас овде и сега. Ова го велам затоа што во храмовите има верници кои, на пример, си имаат „свое“ место во храмот, и се лутат ако некој им го земе; имаме верници кои буквално бегаат после Литургијата, за да не се поздрават со никој од другите верници; имаме верници кои со години стојат едни до други, а никогаш нема да си кажат едно „здраво“ на улица, никогаш нема да се поздрават, никогаш нема да се поканат на гости едни кај други итн. И во таков амбиент би било смешно да се зборува за љубов кон непријателите.
Прво и основно во духовниот живот е смирението. Без него не можеме ништо да успееме. Бог се противи на гордите, а на смирените им дава благодат. Ѓаволот може да ни помогне во многу работи, да ни помогне во постот, во градењето на храм, во давањето милостина, но никогаш нема да ни дозволи да стекнеме смирение и да се молиме со исусовата молитва, никогаш нема да нѐ доведе до исповед кај духовник. За сѐ друго може да ни помогне. Но, ако стекнеме смирение, под будното око на духовникот, тогаш ќе ги раскинеме мрежите на лукавиот и ќе Му угодиме на Бога.
Во духовниот живот сѐ е насочено кон спасението на човекот, сѐ е устроено така, за да нѐ води кон смирение. Добивањето благослов од Бога, преку целивање на раката на свештеникот, за некого можеби е безначајна ситница, но тој гест многу работи открива. Сум видел прекрасни млади луѓе, кои со голема ревност стапија во духовниот живот, но не научија да си ја смируваат гордоста, не научија да земаат благослов од свештеник, и по една-две години отпаднаа. Тоа се случува со луѓето кои нема да го постават смирението како основа и почеток на духовниот живот. Најчесто отпаѓаат од Црквата – Телото Христово, а неретко стануваат и богохулници. Бидејќи без здрав темел – смирението, со години се полнеле со помисли и осудување против сите свештеници, архиереи, останатите верници, и најпосле ги прогласуваат сите други за виновни, а самите тие си вообразуваат дека само тие се верници и отпаѓаат од Црквата. Во било кој манастир да отидете, и старите свештеномонаси, игумени, кога ќе видат дека дошол свештеник, па дури и да е многу млад, тие од почит кон свештениот чин, му целиваат рака и му покажуваат и нему и на сите дека пред сѐ треба да имаме смирение. Ако ова ни е тешко, тогаш што ќе правиме во потешките ситуации? Лекарите вршат операции не со голи раце, туку со разни инструменти, исто така и Бог дава благослов преку своите свештеници.
Ангелите им се пример на монасите, а монасите, пак, им се пример на сите кои живеат во светот. Од нив се учиме на духовен живот. За да биде еден човек ракоположен за свештеник, не е доволно само да има некаква богословска диплома или титула, туку пред сѐ црковна вера, подвизи, и најбитното – смирение. Свештеник кој не успеал да си ја смири гордоста, кој не ја ни препознава како болест која треба да се лечи, неизбежно ќе застрани во неговата служба, претворајќи се во суров фарисеј, двојна личност (доктор Џекил и мистер Хајд), или верски рамнодушен сладострасник, и неизбежно ќе претрпи бродолом во духовниот живот и тој, и оние кои ги раководи.
На Света Гора раскажуваат една анекдота од животот на неодамна упокоениот старец Спиридон, кој духовно роди и порасна неколку архиереи, кои до крај го почитуваа како свој духовник. Па така, во една прилика, додека во неговиот скит имало многу гости, тој му рекол на еден архиереј – негово духовно чедо, да ги измие садовите, и тој веднаш го послушал и станал и почнал да мие. Присутните се шокирале и му рекле на старецот: „Па добро, старче, нели е срамота еден владика да мие садови?“ А старецот им одговорил: „Е добро де, тоа се само садови. Не му реков да им ги мие нозете на сите, како што направи Самиот Христос!“ Оној кој научил да мие садови, односно да им служи на другите со смирение, може да биде свештенослужител, а без смирението, само нездрава душевност и религиозност – нешто што му е туѓо на православниот духовен живот.
Не е доволно само да „наликуваме“, туку треба „да бидеме“ вистински верници. Во оваа измама лесно запаѓаме кога се приврзуваме за некакви надворешни работи, кои од споредни ги ставаме да бидат главни. Ако облеката, шамиите, долгите фустани, брадата, бројаницата, или црната облека ни станат центар на сѐ, ако повеќе внимаваме на својот изглед отколку на нашата пожртвуваност и на нашиот однос кон Бог и кон ближните, тогаш само наликуваме, но не сме христијани. Се претвораме во христијани без христијански идентитет.
Името „православен христијанин“ е многу злоупотребено, и кај нас секој Македонец се смета себеси за „православен христијанин“ без да има било каква врска со Црквата. Бог преку Светите Отци на Црквата ни оставил повеќе критериуми, кои како филтри ја прочистуваат верата кај сите нас, ни градат православен христијански идентитет, и според нив треба да се раководиме и да растеме.
- Најпрво, православен христијанин е секој оној кој е крстен во Православната црква и кој верува православно. Тоа првиот филтер.
- Вториот филтер е Божествената Литургија, односно, само оние кои доаѓаат на Литургија и учествуваат во неа, може да се наречат православни христијани. Надвор од Литургијата нема Црква, нема Православие.
- Трет филтер е подвижничкиот живот, т.е. постот, молитвите, исповедта кај духовник, причестувањето. Тоа се основни елементи на духовниот живот, преку нив се подготвуваме за единство со Бога и со ближните, кое го остваруваме причестувајќи се со Телото и Крвта Христови, на Светата Литургија.
- Четврт филтер е откажувањето од грешниот живот. „Секој кој е во Бога, не греши“ (1. Јован 3,6). Чистиот и праведен живот е идентитет на христијаните. Не сме безгрешни, не сме ни стерилни моралисти, туку внимаваме да не отпаѓаме од заедницата со Бога и со ближните.
- Петтиот филтер е стекнувањето на добродетели: Ако сме биле скржави, да се трудиме во милосрдието. Ако сме биле горделиви и суетни, да се трудиме да си ја газиме гордоста, да се смируваме себеси. Ако сме блудствувале, сега се воздржуваме, ако сме мразеле, сега да простуваме и да љубиме, итн. А врв на сите добродетели е љубовта, особено љубовта кон непријателите. Светиот Јован Богослов ни вели дека „по љубовта ќе нѐ познаат дека сме Христови ученици“. Не е доволно само да не грешиме, туку да се исполниме и со добродетели, особено со најголемата од нив.
Кога ќе поминеме низ овие филтри, и ќе се трудиме да живееме според Божјите заповеди, според Евангелието, според житијата и поуките на светителите, тогаш и ние ќе станеме Православни христијани, верни ученици Христови. Тогаш може да придонесеме со својот живот во растот и напредокот на Црквата. Секој обид да реагираме во Црквата, да се трудиме да поправиме нешто во Црквата, без самите ние да сме активни членови во црковниот живот, завршува со неуспех. Таквиот обид ќе направи од нас навивачи, но не и играчи на теренот. А Бог нѐ повикува да бидеме „играчи“ на теренот, „борци“ во подвижничката арена, а не навивачи и сериџии кои освен личниот ќеиф и сеир, ништо друго не ги интересира.
Подвижничко-литургискиот живот на Црквата е огромен благослов од Бога за нас, огромна грижа за секој човек, бидејќи на овој начин се лечиме од секоја духовна и телесна болест, ни се дава можност да бидеме здрави и нормални во овој крајно первертиран и нездрав век. Ама насила Бог ништо не дава. Ако самите ние не се потрудиме да направиме еден чекор кон Бога и кон Светата Православна Црква, тогаш ќе си останеме обични религиозни навивачи, кои цел живот ќе плукаат по оние кои одговорно се зафатиле да бидат активни играчи, и цел живот некој друг ќе им биде виновен за нивните неуспеси.
Да ни даде Бог благодат, да нѐ укрепи за подвижнички живот, да ја засакаме Црквата, да ги засакаме своите свештеници и архиереи, да ги засакаме луѓето кои секојдневно ги гледаме околу нас, а потоа дури и непријателите. Амин!
Свештеник Јани Мулев
„Споделувај. Не кради“