Сѐ што не ме убива, ме прави посилен?
Ана Кирјанова
Сѐ што не ме убива, ме прави посилен! Тоа го рекол Ниче, тогаш полудел, а потоа и умрел. Затоа што ова се убави зборови, но тоа не е вистина.
Сѐ што не нѐ убива во тој миг, нѐ убива постепено, незабележливо. Ја убива нашата добрина и доверба. Нежноста и искреноста, отвореноста, дарежливоста, ведриот поглед и меко срце… Измама, предавство, ниски постапки, неблагодарност, немилосрдност, неправда – можат да нѐ убијат не веднаш, туку полека, капка по капка. Ќе истрпиме, ќе издржиме, раната ќе зарасне, но ќе остане лузната – кожата ќе огруби. И така таа кожа ќе зарасне, без да приметиш како се случило тоа?
И можеме да се тешиме – станав посилен! Да, но во твојата душа се скинала уште една струна, уште едно кристално ѕвонче замолкнало. Нешто или некој таму умрел во твојата душа – твојата добра вила или малиот ангел кои биле дел од нас.

И повеќе не знаеш точно како треба да одговориш на ударот. Како на немилосрден збор. Како да возвратиш, ако е потребно. И точно знаеш дека можат да удрат – просто онака, без причина или наместо благодарност. И ни најмалку не се чудиш на тоа. Си се навикнал. И си научил да трпиш или да се браниш.
Но нешто неповратно губиш со секој удар, предавство, разочарување. Нешто што засекогаш заминува и умира. И стануваш посилен, да – но за сметка на други важни особини.
Сѐ што не ме убива, ме убива, но постепено. А ме прави посилен или побесчувствителен? – кој знае.
Би било добро да има помалку такви работи што нѐ убиваат. И оние кои убиваат исто – затоа што тие се секако убијци, убијци на нежните души и добрите намери.
Превод од руски јазик: Свештеник Јани Мулев