Димитриј Панагопулос, проповедник
Верата која не нѐ тера да ги пресечеме нашите слабости и да станеме добри, не е спасителна вера.
Верата која не ни помага да ја исчистиме нашата внатрешност од „лошото сокровиште“ (Мат. 12,35), не е вера спасителна. Тоа е лажна вера, а не автентична вера и во таквата вера да не се задржуваме ниту една секунда.
Од една таква вера човек не може да очекува ништо друго, освен бродолом. Бродолом во сегашниов живот, бродолом во другиот, идниот, и пред сѐ во идниот живот.
Земете го лекот на покајанието и исповедта во ваши раце и употребете го, и само тоа, бидејќи според светиот Златоуст: „Не постои друг таков лек за бришење на гревовите како исповедта, постојаното сеќавање и непрестајното нивно осудување“.

Христијани мои, можеби сте се измамиле? Постот не се ограничува од нашиот казан. Бидејќи, можеби, постите со храна, но штом не постите од гревови, вашиот пост нема да ви користи. Затоа испитајте се себеси и кон вашиот пост додадете сега и покајание и исповед. Одлучете се повеќе да не го правите тоа и да се исповедате. И да бидете сигурни дека секој период или ден за постење ќе биде нова станица и почеток на нов живот. Една преродба, едно второ вистинско крштение.
Ако имаме вера, прифаќаме дека Христос сѐ уште прави чудеса, дека може да го промени нашето битие, да посакаме да се облечеме во оружјето… Со други зборови, да се покаеме, да се исповедаме, да го промениме темелно својот живот. Бидејќи само тогаш Христос ќе нѐ препознае како свои и ќе ни ја даде Неговата благодат и благослов. Ако поинаку се научиме, поинаку размислуваме, стануваме туѓинци пред Христос. Не ни користат аплаузите, празниците, пофалбите.
Верата значи смирение (понизност). Да немаме доверба во нашата проценка. Секоја мисла која ја имаме, сите наши соништа и други предрасуди да ги исповедаме кај искусен духовник и да бараме совет од него.
Со смирение да го прифаќаме советот на искусниот духовник. Да исповедаме пред него сѐ што ни се случува.
Така ќе се сочуваме од измамничките и опасни замки на лажната вера, која ѓаволот се труди да ни ја прикаже како вистинска за да нѐ одведе кон уништување и пропаѓање на душата и телото.
Со искрена вера и чиста исповед нашиот Христос ќе ти прости и ќе ти ја исполни душата со светлина од радоста и со надежта на воскресението.
Верата која не нѐ поттикнува да го замразиме светот и она што е од светот и да се сообразиме со волјата Божја, не е вера спасителна.
Верата која не води кон покајание и кон светата исповед пред духовник-свештеник, не е вера спасителна.
Едно ни е потребно, да веруваме потполно дека Господ е секаде присутен и треба со едноставност да се предаваме во Неговите раце, како бебето кон својата мајка. Само тогаш правилно се исполнува Неговото дело врз нас, кое е нашето спасение.
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев
Православна светлина бр. 71