Совршени, непогрешливи и свети

Loading

Митрополит Атанасиј Лимасолски

Ние ја поистоветуваме совршеноста со непогрешливоста. Затоа и лесно се соблазнуваме. Се соблазнуваме дури и од нашите духовни отци, од нашите епископи, од свештенослужителите кога ќе ги видиме дека грешат. А тоа што се соблазнуваме, знаете, е показател на нашата незрелост.

Зошто се соблазнуваш? Бидејќи еден свештеник, еден владика, еден патријарх направил грешка? Што мислиш ти, дека владиката е непогрешлив, или свештеникот е непогрешлив, или дури и големите светители се непогрешливи, дека се безгрешни? Не! Грешиш ако така мислиш и затоа се соблазнуваш, бидејќи имаш погрешни основи! Велиш: „Го направи тоа и тоа“, па се разбира дека ќе го направи! И полоши дела може да направи! Зошто, значи, мислиш дека совршениот човек во Христа е непогрешлив и безгрешен? Не е така.

Совршениот човек во Христа не е безгрешен. Безгрешен човек никогаш не постоел. Никој не е безгрешен, и никој не е непогрешлив. Сите правиме грешки и сите имаме гревови и сите сме напаѓани од исти страсти.

Какви што сте вие, таков сум и јас, и старец Пајсиј, и свети Ѓорѓи, и свети Димитриј. Сите сме исти, сите сме луѓе. Кој е елементот на светоста? Кој е светител? Непогрешливиот и безгрешниот кој никогаш не постоел? Се разбира, не!

Светител е смирениот (понизниот)!

Оној којшто, да, прави грешки, има гревови, но се кае, си ја смирува гордоста. Тоа е смирениот човек. Додека горделивиот може да биде совршен, но тој е мерзост (гнасотија) за Бога!

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *