Митрополит Николај Хаџиниколау
Станавме христијани кои се обидуваат да стекнат нешто со сопствени сили и на кои им е тешко да се доверат на Божјата милост. Ние сме христијани кои се обидуваат сами да ги откријат Божјите тајни, наместо да чекаме Он Самиот да ни ја открие Својата слава. Ние сме христијани кои бараат оздравување и спокој, но не знаеме за искуството на внатрешниот мир. Христијани кои, кога велиме „љубов“, мислат на некој вид егоистична наклонетост или патолошка поврзаност, бидејќи одбиваме во неа да препознаеме потреба за трпение, толеранција кон другите или цена на жртва, паѓајќи во лажното себично уживање.
Целиот овој начин на согледување на работите веќе е преминат и во црковното богослужење. Во нашите манастири постојат работилници за везење кои изгледаат како да се изработени рачно, но не се. Одеждите и светите садови имаат украсни камења кои светкаат и личат на драгоцени камења, но немаат никаква сличност со нив по својата вредност. Нашите икони потсетуваат на минатото, но се печатени на хартија, не се сликани, намаат вредност, во нив нема вложено ников труд, љубов, инвентивност или време. Ги фотографираме и детално ги прикажуваме службите на нашите свештеници, но имаме потешкотии во препознавање на Божјото присуство во светотаинските обреди. Нашите прошетки ги нарекуваме „Поклонички патувања“, но нашата душа не е во состојба да се пробие низ Божјата пустина за таму да Го сретне Бог. Посетуваме Свети места, но посета на Светиот Дух нема во нашиот живот. Задоволни сме со „споредни работи“ и не ги активираме нашите „внатрешни движења“. Полни сме со бескорисно и застарено теолошко знаење, но многу сме сиромашни со драгоцено духовно искуство. Затоа нашето исповедање на верата, кое има неискажлив ритуален сјај, повеќе наликува на фестивал, отколку на Света Тајна. Повеќе личи на спектакл отколку на молитва.

Плод на автентичноста на светителите е нивното авторство на длабоките текстови, од кои многу излегле на виделина откако светителите го напуштиле овој живот. Потврда за наша сопствена таканаречена автентичност е да ги читаме нивните сведочења или да разговараме за нив во удобноста на нашата дневна соба, без никаков апетит за аскеза, личен подвиг или жртва. Наместо да ги читаме светите текстови за да стекнеме смирение, ние ги користиме да ги судиме нашите браќа и сестри, или бесрамно да ја мешаме нашата фантазија со стварноста.
Светителите својот страдален живот го поткрепувале со Света Причест, а ние парадираме со својата световна духовност и самооправдување, имитирајќи ги во учеството во причестувањето, но не и во автентичноста на покајанието и верата. Интелектуалното знаење кое се покажува низ напрегање во многусловие, го замени опитното откровение кое се потврдува во тишина, внатрешно смирение и солзи. Се враќаме на старото, за да ги оправдаме своите ставови и мислење, а имаме потешкотии со појавата на ново знаење кое нѐ смирува, но ги прегрнува браќата и сестрите.
Понатаму, современото духовништво често се појавува со лажна фасада. Во суштина тоа не е ништо друго, туку само рационализирана религиозност и имитативна традиционалност сокриена позади сентименталната болна поврзаност за обликот, правилото, споредните обрасци, навики или особини и се појавува како накитена конзервативност. Сето тоа води до псевдо – големина која нѐ лаже, угодувајќи му на ѓаволот, а го ранува Бог. Во нас тоа раѓа страсти и неопростливи слабости, ја негува крутоста и лицемерието, а себе се нарекува автентична вера и искуство. Меѓутоа, тоа нема никаква врска со Божјиот дух и традицијата на нашата Црква. Сето тоа се сведува на создавање на христијани со лажна автентичност, бидејќи верата ја претвора во заблуда и исмевање, а искуството го претвора во дезорентираност и илузија.
Превод: Протоереј Игор Пармачки
Православна светлина бр. 70