Протоереј Александар Шмеман
Во август Црквата го празнува крајот на земниот живот на Марија, Нејзината смрт, која ја нарекуваат Успение: збор, во кој се соединуваат сонот, блаженството, мирот, успокојувањето, радоста.

Црквата си спомнува за смртта на Онаа, чиј што Син ја победил смртта, воскреснал од мртвите и ни дал ветување за последното воскресение и триумф на животот несмртен. И ете суштината и смислата на таа смрт, можеби, најдобро се предадени на таа икона, која на празникот Успение се поставува во центарот на храмот и сочинува еден вид центар на сето празнување. На оваа икона е изобразена Божјата Мајка на смртниот одар, мртва. Околу Неа стојат апостолите Христови, а над неа – Самиот Христос, Кој во своите раце ја држи Својата Мајка жива и засекогаш соединета со Него. На тој начин, ја гледаме смртта и она што веќе се извршило во таа смрт: не разделба, туку соединување, не тага, туку радост, и на границите, на последната длабочина – не смрт, туку живот. „По раѓањето Дева, и по смртта – жива“ – пее Црквата, гледајќи на иконата, и додава: „Во раѓањето девственоста си ја сочувала, а во успението светот не си го оставила…“
И ете ми доаѓаат во умот зборовите на една од најдлабоките и прекрасни молитви, упатени кон Марија. Молитвата, во која Марија е наречена „зора на таинствениот ден“. „Радувај се, зоро на таинствениот ден!“ Буквално, токму таа светлина се излева од празникот Успение, буквално созерцувајќи ја таа смрт, стоејќи кај тој смртен одар – ние сфаќаме, дека нема повеќе смрт, дека самото умирање на човекот станало акт на животот, негово влегување во поголемиот живот, во живиот живот. Онаа, Која целата Себеси се предала на Христа, до крај Го засакала, Он ја пресретнува во овие светли врати на умирањето – и ете, смртта станува радосна средба, и ете, животот победува, над сите се зацарува радост и љубов. Таа – Марија, Дева, Мајка – една од нас.
Со векови Црквата се загледувала, се думала, се соживувала со смртта на Онаа, која била Мајка на Исуса, која Му дала живот на нашиот Спасител и Господ, сета Себеси – сѐ до стоењето кај Крстот – Му се предала Нему. И во тоа созерцување (размислување) Црквата видела, наоѓала, чувствувала не страв, не ужас, не крај, туку светлоносна, вистинска пасхална радост. „На Твоето бесмртно успение се собравме ние“ – пее Црквата во првото песнопение на овој празник, и веднаш, во тие први, почетни зборови се изразува самата суштина на таа радост. „Бесмртно успение“, „бесмртна смрт“.
Што значи таа противречна, на прв поглед, кованица? Во празникот на Успението – сета радосна тајна на таа смрт, нам ни се открива, станувајќи наша радост… Бидејќи, ако смртта – тој ужас и горчина од разделбата, слегување во страшна самотија и мрак – тогаш сето ова го нема во смртта на Дева Марија. Бидејќи смртта Нејзина, како и целиот живот – е само средба, само љубов, само приближување кон незгасливата, невечерна светлина на вечноста и влегување во неа. „Совршената љубов го победува стравот“ – вели апостолот на љубовта Јован Богослов. И затоа нема страв во бесмртното успение на Дева Марија. Смртта овде е победена однатре, ослободена од сето тоа, што ја исполнува со ужас и безнадежност. Може да се рече: самата смрт станува живот и триумф на животот. Смртта станува „зора на таинствениот ден“. И затоа во тој празник нема тага, нема надгробно ридање, нема горчина: само светлина, само радост. Буквално за секого од нас, кои се приближуваме кон тој неизбежен праг – веќе ни се отвора вратата, и од неа паѓаат, блескаат зраците на идната победа, на Царството Божјо што доаѓа.
Во овие августовски денови, кога природата ги достигнува границите на убавината и како самата да станува пофалба, надеж, знак на идниот свет, во таа посебна празнична светлина звучат зборовите на молитвата: „Во молитвите неуморната Богородица, смртта и умртвувањето не ја задржаа. Бидејќи кон животот премина Мајката на самиот живот…“ Смртта престанува да биде смрт. Смртта блеска со вечност и бесмртност. Смртта – не е разделба, туку соединување. Не е тага, туку радост. Не е пораз, туку победа. Ете што празнуваме во денот на Успението на Пречистата Мајка, претчувствувајќи, предвкусувајќи, утврдувајќи ја веќе настапувачката зора на таинствениот ден.
Превод од руски јазик: Свештеник Јани Мулев