Митрополит Антониј Паканич
Ништо не го уништува човекот толку многу како себесожалувањето. Сите сме го искусиле ова чувство, на еден или на друг начин. Тоа остава мачен белег, го кочи развојот, го затвора човекот во себе, го блокира Небото…
Последиците од таквото лажно себесожалување се: незадоволство кон другите, непростување, злопаметење, мрзоволност, мрзеливост… Себесожалувањето е вкоренето во гордоста и вообразеноста.

Себесожалувањето е знак на малодушност, слабост, тоа е зло во својата најчиста форма. Личноста со јак дух намерно го искоренува таквото злонамерно сожалување од своето срце. Силните луѓе секогаш му служат на доброто и никогаш не го подражаваат злото.
Еден пример за силна личност во секој поглед може да биде нашиот современик, познат тешкоатлетичар, публицист, светски познат олимпиец Јуриј Петрович Власов. Бил идол на неколку генерации, не само во Советскиот Сојуз, туку и во светот. На пример, холивудската ѕвезда Арнолд Шварценегер, од мали нозе сонувал да го запознае Власов.
Јуриј Власов го одликувала неверојатна чесност, искреност, совесност и пристојност. Не личел на просечен спортист, бил паметен, ерудит, зад себе оставил неколку десетици книги. Преку ден тој тренирал, а навечер пишувал книги. Предизвикувал воодушевување кај другите, што и да правел.

Јуриј Власов, со сиот свој херојски изглед, бил исклучително деликатен и срамежлив, се плашел да не случајно навреди некого, кон секого се однесувал како кон кристална вазна. Во шеесеттите години е сметан за најсилен човек на планетата.
Повеќекратниот светски шампион рекол дека силата треба да ја потврди големината на духот и убавината на победата, а во тоа се наоѓа всушност нејзината голема правда.
Власов проаѓал преку многубројни искушенија: предавство, завист од колегите, неправда, напуштање на спортот, сериозни повреди, тешки операции, заборав, губиток на саканите… Сето ова успеал да го надмине, успеал да помине преку неподнослива болка, неподвижност, и на крајот да излезе на светлина. Спортистот не успеал во ова веднаш, потребни му биле неколку години да разбере, што е тоа што не го пушта, што го држи на ланци. Неговото тело практично се распаѓало пред негови очи. Чувството на себесожалување, нагризувајќи му ја душата и телото, земајќи му ја сета сила, била неговата сопствена дијагноза.
Забележувајќи го својот главен непријател, Власов му објавил војна, и победил. Животот почнал да се подобрува. Набрзо, повторно ја нашол одличната форма, сила, и се вратил во спортот како тренер. Јуриј бил еден од оние луѓе кои во секојдневниот живот не го изгубиле вечното – напротив, го стекнале. Во текот на тренинзите, непроспиените ноќи, размислувањето и читањето непрестајно ја анализирал врската помеѓу духот и телото, и на тој начин дошол до заклучок дека духот го контролира телото, а не обратно. Тој се остварил како првак, човек со голема буква, благодарение на силата на духот, живеењето по совеста и личната волја за доброто и праведноста. Не ја искористил својата слава за зло на својата душа.
Власов бил пример за сила и дух – упорен, непопустлив. Но, силата не му била потребна.
Се сеќаваше: ,,Сè ми се случуваше на различни начини во различни години. Невозможно е да се каже дека моето здравје секогаш беше брилијантно, претрпев три страшни операции: тумор на раката заради ударите од теговите и две операции на ‘рбетот, кога моето семејство беше предупредено дека најверојатно нема да преживеам. После операциите преживеав само благодарение на спортот, имав многу силен дух, спортот веќе ја имаше развиено мојата волја. Но, спортот никогаш не беше мојата единствена цел и значење. Секогаш претставуваше само помош која ме водеше кон решение на други, според мое мислење, многу поважни проблеми“.
А овие задачи беа: да не се издадеш себеси, да не правиш компромиси со духот на времето, да не делуваш против совеста, да ги штитиш слабите… Поучуваше да не се откажуваме заради потешкотиите, па колку и тие да изгледаат дека се големи.
Власов на милион луѓе им остана во сеќавање како витез на духот и силата.
Себесожалувањето е ѓаволски трик кој го спречува човекот да го манифестира потполниот потенцијал кој Бог го положил во него. Себесожалувањето создава страв во човекот. Власов со својот пример покажа какви неверојатни висини може човекот да достигне, од какви тешки услови може да се извлече, ако не се плаши и не се сожалува себеси.
Не можеме ни да замислиме каков потенцијал Господ ни доделил. Многумина не успеале ниту една десетина од својот потенцијал да го остварат. Стравовите и себесожалувањето нè држат во тесните граници на човечката логика, која не му дозволува на Божественото да продре во нашиот живот, иако исклучиво тоа му дава на човекот неопходен импулс за максимално откривање, развој и спасение.
Ако само допуштиме да мислиме дека сме потценети, навредени или заслужуваме подобро, тогаш веднаш ќе ја загубиме битката и повторно ќе се спуштиме во подножјето на планината, чиј подем е нашиот живот.
Превод: Магдалина Петрушевска, студент на Фармацевтски факлутет
Православна светлина бр. 70