Себеизобличување и исповед

преподобен Ефрем Сириски

Loading

Преподобен Ефрем Сириски

 

Според својата срдечна болка, браќа, бидете сострадателни кон мене. Не попусто се вели во Светото Писмо: „Кога брат, братот свој го помага, тоа е силен град, а тој е како силна тврдина“ (Изрек. 18, 19). И уште вели: „Исповедајте си ги гревовите еден на друг и молете се еден за друг, за да се исцелите“ (Јак. 5, 16). И така, избраници Божји, слушнете го повикот на човекот, кој ветил да Му угодува на Бога и Го излагал неговиот Создател; слушнете ме, та заради вашите молитви да се избавам од многуте гревови кои владеат со мене и, откако ќе оздравам, да станам од одарот на погубниот грев, затоа што уште од детството станав непотребен и нечесен сад. И сега, кога слушам за судот, – не обрнувам на тоа внимание, небаре стојам над паѓањето и обвиненијата. Другите ги убедувам да се воздржуваат од штетното, а самиот јас во двојна мера го вршам истото.

Тешко мене, под каква осуда паднав јас! Тешко мене, во каков срам сум јас! Тешко мене! Мојата внатрешност не онаква, каква што изгледа. Според тоа, ако набрзо не заблескаат за мене Божјите милости, тогаш за мене нема никаква надеж да се спасам со делата. Зашто зборувам за чистота, а мислам на непристојни нешта; зборувам за бестрастие, а деноноќно имам  помисли за бесчесни страсти. Какво оправдание ќе имам? Тешко мене, какво мачење ме очекува! Навистина, имам само изглед на побожност, а не и нејзината сила. Со какво лице ќе пристапам кај Господ Бог, Кој ги знае тајните на моето срце? Бидејќи сносам одговорност за толку лоши дела, дури и кога стојам на молитва, се плашам, да не слезе оган од небото и да не ме изгори. Бидејќи, кога во пустината оние, кои принесуваа туѓ оган, ги изгоре излезениот оган од Господа (3. Мој. 10, 1-2), тогаш што да очекувам јас за себе, на кого лежи толкав товар на прегрешенија?

И, што да правам? Да очајувам ли за своето спасение? Никако. Бидејќи токму тоа и го посакува противникот. Колку поскоро ќе доведе тој некого до очајание, во тој миг го соборува. А јас не очајувам во себе, туку цврсто се полагам на Божјите милости и на вашите молитви. Затоа не престанувајте да го молите човекољубецот Бог, та моето срце да се ослободи од робување на бесчесните страсти.

Ожесточело моето срце, се изменило моето расудување, се помрачил мојот ум. Како пес, се враќам на својата блувотина (2. Петр. 2, 22). Нема во мене чисто покајание; нема во мене солзи за време на молитва, иако и воздивнувам, го смуртувам моето мрачно лице, се удирам в гради, каде што живеат страстите.

Слава Ти, Снисходителу! Слава Ти, Долготрпелив! Слава Ти, Незлобив! Слава Ти, Благи! Слава Ти, Единствен Премудар! Слава Ти, Благодетелу на душите и телата! Слава Ти на Тебе, Кој како сонце светиш над лошите и добрите и им даваш дожд на праведните и на неправедните (Мат. 5, 45). Слава Ти на Тебе, Кој ги храниш сите народи и сиот род човечки, како еден човек! Слава Ти на Тебе, Кој ги храниш птиците небесни и ѕверовите, и животните, кои живеат во вода, како и малку вредното врапче! Сите од Тебе чекаат да им дадеш храна на време (Псал. 103, 27).

Голема е Твојата власт, и Твоите милосрдија се на сите Твоите дела, Господи! (Псал. 144, 9). Затоа Те молам, Господи, не отфрлај ме со оние, кои само Ти велат: Господи, Господ, и не ја извршуваат Твојата волја (Мат. 7, 21). Те молам заради молитвите на сите кои Ти угодиле пред Тебе, зашто Тебе Ти е позната страста што се крие во мене, Ти ги знаеш раните на мојата душа. „Исцели ме, Господи, и исцелен ќе бидам“ (Јерем. 17, 14).

Потрудете се со мене, браќа, во молитвите. Молете изобилие од Неговата добрина. Насладете ја душата, која гревовите ја направиле горчлива. Како ластари на вистинската винова Лоза, од Изворот на животот напојте го жедниот вие, кои се удостоивте да станете Нејзини служители. Просветете го моето срце вие, кои станавте синови на светлината. На патот на животот упатете ме, мене заблудениот, вие кои отсекогаш пребивате на овој пат. Воведете ме во Царските порти; како што владетелот го воведува својот личен слуга, воведете ме и вие, кои станавте наследници на Царството, затоа што натаму копнее моето срце. По вашите молења да ме претекнат Божјите милосрдија, додека не сум повлечен заедно со оние кои вршат беззаконија. Таму ќе се открие сè што е направено во темнина и јавно. Каков срам ќе ме фати, кога оние кои сега велат дека јас сум беспрекорен, ќе ме видат осуден! Оставајќи го духовното дело, им се покорив на страстите. Не сакам да ме учат, но со радост другите ги поучувам. Не сакам да се потчинувам, а сакам да ми се потчинуваат. Не сакам да се трудам, а сакам да ги терам другите на труд. Не сакам да ми ги гледаат делата, а јас сакам да ги набљудувам туѓите дела. Не сакам да укажувам чест, а сакам да ми укажуваат чест. Не сакам да ме прекоруваат (да ме навредуваат со зборови), а сакам да прекорувам. Не сакам да ме понижуваат, а сакам да понижувам. Не сакам да се гордеат другите, а сакам јас да се гордеам. Не сакам да ме разобличуваат, а сакам да разобличувам. Не сакам да помилувам, а сакам да бидам помилуван. Не сакам да слушам забелеки, а сакам да гиправам. Не сакам ме навредуваат, а сакам да навредувам. Не сакам да ми наштетуваат, а јас се трудам да наштетувам. Не сакам да ме озборуваат, а јас сакам да озборувам. Не сакам да слушам, а јас настојувам да ме слушаат. Не сакам некој да има власт над мене, а сакам да имам власт над другите. Мудар сум да давам совети, а не самиот да ги исполнувам. Кажувам што треба да се прави, а го правам она што не треба да се прави.

 

Кој не би заплакал за мене? Плачете, свети и праведни, плачете за мене, зачнатиот во беззаконија. Плачете, вие кои ја засакавте светлината и ја замразивте темнината, плачете за мене, кој ги засакав делата на темнината, а не на светлината. Плачете, вие опитни во доброто, плачете за мене, недостојниот. Плачете, милостиви и чувствителни, плачете за мене, помилуваниот и пренатажениот. Плачете вие, кои застанавте над секој прекор, плачете за мене, потонатиот во беззаконија. Плачете вие, кои го засакавте доброто и го замразивте лукавото, плачете за мене, кој го засакав лукавото и го замразив доброто. Плачете вие, кои стекнавте добродетелен живот, плачете за мене, кој само по надворешност го оставив светот. Плачете вие, кои стекнавте совршена љубов, плачете за мене, кој на зборови љубам, а на дело го мразам ближниот. Плачете вие, кои се грижите за себеси, плачете за мене, кој се занимава со туѓи дела. Плачете вие, кои стекнавте трпение и Му донесувате плодови на Бога, плачете за мене, нетрпеливиот и бесплодниот. Плачете вие, кои го засакавте вразумувањето и учењето, плачете за мене, неукиот и човек бесполезен. Плачете вие, кои непосрамено доаѓате кај Бога, плачете за мене, кој сум недостоен да ги подигнам очите и да ја видам небесната височина. Плачете вие, кои стекнавте кротост Мојсеева, плачете за мене, кој дбороволно ја изгуби. Плачете вие, кои стекнавте целомудрие Јосифово, плачете за мене, предавникот на целомудрието. Плачете вие, кои го засакавте воздржанието Даниилово, плачете за мене, кој се лишив од него доброволно. Плачете вие, кои стекнавте трпение Јововско, плачете за мене, кој станав туѓ за трпението. Плачете вие, кои стекнавте апостолска некористољубивост (неимотност), плачете за мене, кој сум далеку од неа. Плачете верни и постојани во своето срце пред Господа, плачете за мене, дволичниот, плашливиот и за ништо негодниот. Плачете вие, кои го засакавте плачот и го замразивте смеењето, плачете за мене, кој го засакав смеењето и го замразив плачот. Плачете вие, кои го сочувавте Божјиот храм неосквернет, плачете за мене, кој го осквернив и го направив нечист. Плачете вие, кои си спомнувате за разделувањето и за неизбежниот пат, плачете за мене, заборавениот и неподготвениот за тој пат. Плачете вие, кои не ги напуштате мислите за Судот по смртта, плачете за мене, кој тврди дека си спомнува за тоа, а го врши спротивното. Плачете наследници на Небесното Царство, плачете за мене, достојниот за огнената геена.

преподобен Ефрем Сириски

Горко мене! Затоа што гревот не оставил во мене ни еден орган здрав, ни чувство, кое не сум го расипал. Крајот е пред врата, браќа, и тоа не ме загрижува. Ете ви ги открив раните на својата душа. И така, не го запоставувајте тоа со мене, збунетиот, туку молете Го Лекарот за болниот, Пастирот – за овцата, Царот – за заробеникот, Животот – за мртовецот, молете се, та од Христос Исус, нашиот Господ, да добијам спасение од гревовите што владеат со мене, и Он да ми ја испрати Својата благодат, и да ја укрепи мојата нестабилна душа. Зашто се подготвувам за борба со страстите, но пред да стапам во борба со нив, злобната итрина на змијата ја ослабнува цврстината на мојата душа со сластољубивост и јас станувам роб на страстите. Уште додека се трудам да го извлечам од пламенот оној, кој гори во него, и миризбата на огнот ме влече, заради мојата младост, кон огинот. Уште додека се трудам да го спасам оној што тоне и поради мојата неопитност заедно со него потонувам и јас. Сакајќи да станам лекар на страстите, самиот останувам во нивна власт, и наместо лечење му нанесувам рани на страдалникот. Самиот сум слеп, а се обидувам да ги водам слепците. Затоа имам потреба од многу молитви за себе, за да ја дознаам мојата мерка, и за благодатта Божја да ме осени и да го просетли моето помрачено срце, и наместо неснаењето да го всели во мене божественото знаење: „Зашто нема да остане во Бога ниеден збор без сила“ (Лука 1, 37).

Он непроодното море за Својот народ го направил проодно. Он ги одожди со манна и птици пернати од морето, како со песок морски (Псал. 77, 13, 24, 27). Он од карпата им дарувал вода на жедните. Он единствен, по Својата благост, го спасил паднатиот во рацете на разбојниците. Да биде милосрдна Неговата благост кон мене, паднатиот во гревови и сврзан со безумието, како со синџири. Нема во мене смелост пред Оној, Кој ги испитува срцата и утробите. Никој не може да ја излечи мојата болест, освен Него Самиот, Кој ги знае срдечните длабочини.

Колку пати си ставав граници во себе, и градев ѕидови меѓу мене и беззакониот грев и оние противници, кои излегуваа во борба со мене! Мојата мисла ги престапуваше границите и ги рушеше ѕидовите, затоа што границите не беа осигурани со стравот од Сесовршениот, и ѕидовите не беа основани на искрено покајание.

Затоа и сега чукам на вратата, за да ми се отвори; не престанувам да молам, за да го добијам моленото; како бесрамен, настојувам да бидам помилуван, Господи. Ти ми даруваш добрини, Спасителу, а јас Ти возвраќам за нив со лукавство. Биди долготрпелив кон мене, развратниот. Не за извинување на празните зборови ја молам Твојата добрина, тука барам од неа простување за нечестивите дела. Додека не ме стигне крајот, ослободи ме, Господи, од секое лукаво дело, за да најдам благодат пред Тебе во часот на смртта: „во пеколот кој ќе Те слави Тебе“ (Псал. 6, 5). Спаси ја мојата душа, Господи, од идниот страв, и по Твоите милосрдија и благост избели ја мојата осквернета облека, та и јас, недостојниот, откако ќе се облечам во светла облека, да се удостојам со Небесното Царство и, доживувајќи ја неочекуваната радост, да речам: „Слава на Оној, Кој ја избави скрушената душа од лавовската уста и Кој ја постави во рајот на сладоста!“ Затоа што Тебе, Сесветиот Бог, Ти прилега слава во веки веков! Амин.

 

Превод од руски јазик:

Ѓакон Јани Мулев

Наслов на изворникот:

Святой Ефремъ Сиринъ

Творения. Томъ 1,

„ПОСАД“, Москва, 1993.

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *