Свети Јован Кукузел

Loading

(Роден околу 1280 година, а упокоен помеѓу 1360-1375 год. Се слави на 1/14 октомври)

            Не се знае со сигурност кога точно живеел свети Јован Кукузел. Некои сметаат дека живеел во XI, XII, па дури и во XIV век. Во неговото житие читаме дека бил роден во денешен Драч (Албанија), но исто така и дека имал словенско потекло. Имал прекрасен глас и бил примен во музичкото училиште во Цариград. Неговото презиме Кукузел укажува на неговото македонско потекло. Кога учениците во Цариград на грчки го прашувале што јадел, тој не знаејќи го добро грчкиот јазик, им одговорил дека јаде: „куку – зелје“ (куку на грчки е грав, а зелје е македонски збор). Така неговите другари во шега го завикале Кукузел и тој прекар му останал.

            Набрзо се прочул по својот убав глас и станал миленик на царот. Бил поставен за началник на дворските пејачи. Царот посакал да го ожени со некоја своја роднина, но свети Јован го одбил овој предлог и му кажал дека повеќе го привлекува подвизувањето во името на Христа во осаменост. Во тоа време, во Цариград пристигнал игуменот на некој манастир од Света Гора. Свети Јован Кукузел се спријателил со него и му ја кажал својата желба за осаменичко подвизување. Игуменот го поддржал и го благословил. Наскоро по ова, без да му каже на царот, свети Јован Кукузел отишол на Света Гора, во лаврата на Свети Атанасиј Атонски. На тамошните монаси не им кажал дека побегнал од Цариград, туку им рекол дека е овчар, којшто сака да се замонаши. Бидејќи на монасите во лаврата им бил потребен овчар, го примиле кај себе, по што и самиот се замонашил. Таму работел на разни должности, но најчесто го пасел манастирското стадо во длабочините на Света Гора, постојано молејќи се и размислувајќи на најразлични теми и настани од Евангелието – од животот на Господ Исус Христос.

            Во меѓувреме царот разбрал за бегството на свети Јован и наредил да го бараат низ целото царство. Но, без успех. Бог го сокрил преподобниот светител. Еден ден додека ги пасел овците, свети Јован Кукузел запеал со својот ангелски глас, мислејќи дека никој не го слуша. Но, во негова близина се наоѓал некој пустиник, кој кога го слушнал божественото пеење на свети Јован, буквално се стаписал. Пустиникот веднаш отишол во лаврата и им кажал на тамошните монаси за гласот на свети Јован. Кога тој се вратил, монасите побарале од него да ја каже вистината за себе, по што тој признал дека бил главен псалт во Цариград и миленик на царот (заради неговото пеење). Ги замолил да не го враќаат таму, туку да го остават да продолжи да им го пасе стадото. Но игуменот, плашејќи се од царот, самиот отпатувал во Цариград и лично му кажал на царот дека свети Јован се наоѓа во неговата лавра, кажувајќи му ја истовремено и желбата на свети Јован за да остане таму. Царот со голема тага се согласил со желбата на свети Јован, и дозволил да остане во лаврата. Тогаш игуменот се вратил во Света Гора и му ја соопштил радосната вест на свети Јован. Така, тој бил слободен да се подвизува според својата волја. Во близината на манастирот си изградил ќелија, каде што се подвизувал шест дена во неделата, а во неделните и празничните дни пеел во Соборната црква. Таму еднаш имал и видение, во коешто Пресвета Богородица го охрабрила да продолжи и понатаму да пее во слава на Бога и му дала златник. Во оваа лавра свети Јован Кукузел се подвизувал сè до крајот на својот живот.

Неговата света глава со останатиот дел од светите мошти се чуваат во Великата лавра на Света Гора. Честичка од моштите има и во манастирот „Свети вмч. Георгиј“ – во Рајчица.

Тропар: Слаткогласната и богодвижна лира, славејот божествен и слаткопоен, сезвучното пеење на Седржителот, кое со химни на Атон ги огласува најдобрите тајноводства, со песни да го воспееме богопријатниот Јован.

Тропар, глас 2:

Многу таланти од Владиката и Господ примајќи, и умножувајќи ги преславно во твојот живот, како слуга добар и верен во Небесните обители си се преселил, затоа и сега со хоровите ангелски пеење принесувајќи, пред Престолот на Седржителот и Творец на сѐ, преподобен Јоване слаткогласен, моли се да се просветат и да бидат спасени нашите души.

Кондак, глас 4:

Да го пофалиме избраникот Господов, и горешто да ги почитуваме неговите добродетели, зашто живееше подвижнички живот, пазејќи ги сите Господови заповеди, копнеејќи по совршена добродетел, кон него да повикаме: радувај се, божествен учителу.

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *