Свети Стефан Велики (Штефан чел Маре), владетел Молдавски

Loading

Свети Стефан бил син на молдавскиот господар Богдан II (1449-1451) и внук на Александар Добри (1400-1432). Се искачил на тронот во 1457 година, во тешките денови за земјата, кога таа постојано била напаѓана од страна на Унгарците, Турците и Татарите. Во првите години до владеењето тој извршил победоносни походи во Трансилванија, го одбил обидот за навлегување на унгарскиот крал (1467) и го истерал од Валахија војводата Раду, кој стапил во сојуз со Турците (1471).

По три години Стефан одржал славна победа над турската војска која броела 140000 луѓе, на кои се спротивставиле само 40000 христијански војници. Отоманска Турција почнала да подготвува нов поход, а Стефан, кого почнале да го нарекуваат „воин Христов“, се обидел да формира сојуз на сите христијански кнезови. Меѓутоа тие не го поддржале, и тогаш Молдавците биле принудени да се спротивстават самите на турската војска од 150000 војници, со самиот султан на чело. Претрпувајќи пораз, Стефан отишол во шумата и се борел, додека имал сила, после што се скрил во Полска, а во тоа време Турците дошле и ги ограбиле кнежевствата. Грабачите наскоро заминале, и тогаш тој можел да си поврати голем дел од земјата, борејќи се не само со туѓинците, туку и со лажните пријатели.

Во последните години од царувањето извојувал победи над Турците, Полјаците и Унгарците, пазејќи ја целовитоста на православното Молдавско кнежество.

Како човек на верата и голема храброст, светиот владетел полагал надеж не на своите сили, туку на Господа, по молитвите на својот духовен отец, светиот Даниил Исихаст (на 18/31 дек. се слави). Четириесет и седум години при безбројни искушенија тој мудро управувал со народот, призивајќи го кон единство и духовна стабилност, та достојно да се спротивстават на непријателите на верата. Давајќи ветување дека ќе изгради храм или манастир во случај на секоја извојувана победа, свети Стефан славел со силата на Крстот и така изградил 44 манастири не само во Молдавија, но и во другите романски кнежества, а исто така и на Света Гора Атонска. Тоа биле неспоредливи според велелепноста со било кои други зданија, кои го потврдиле постоењето на „Византија после Византија“. Го обновил манастирот Зограф, изградил камбанарија во Ватопед, изградил конаци и аквадукт во Свети Павле. Во зограф како голема светиња се чувало знамето кое го изработила неговата ќерка Елена. На знамето бил извезен свети Георги Победоносец, покровителот на молдавските владетели.

Пред сѐ господарот бил заштитник на Православието и во своето послание до сите христијански владетели ги повикал кон обединување пред лицето на муслиманската закана, изјавувајќи дека самиот е подготвен да го положи својот живот за верата. Стефан постел и се молел за спасението на својот народ, раздавал милостина, особено тогаш, кога на земјата ѝ се заканувала опасност. Во него до тој степен биле развиени чувствата за справедливост и христијанско милосрдие, така што тој му напишал на еден од виновниците за убиството на својот татко, болјарот отпадник Миха: „Јас ти простив и го изгонив сиот гнев и сета омраза од своето срце…“

Свети Стефан постојано си спомнувал на смртта, не придавајќи значење на земната слава и сиот бил потопен во стремежот кон Царството небесно. Господарот се упокоил на 2 јули 1504 година, повикувајќи ги кнезовите да го сочуваат единството за заштита на земјата и во името на доброто на народот. Погребението било извршено во присуство на огромен број луѓе, кои пристигнале да го оплакуваат својот владетел. Свети Стефан бил погребан во манастирот Путна – најголемиот од сите манастири кои тој ги изградил. Оттогаш на неговиот гроб непрестајно гори кандило. Во 1992 година е канонизиран, т.е. прославен меѓу светителите од страна на Романската православна црква.

По неговите свети молитви, Господи Исусе Христе, помилуј нѐ и спаси нѐ. Амин.  

Превод од руски јазик: Свештеник Јани Мулев

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *