Свети Спиридон Тримитунтски Чудотворец

Loading

Oвој голем Божји човек бил еден од големите светители во IV век. Роден е во источниот дел на Средоземното море, на југот од Мала Азија, на островот Кипар. Потекнувал од многу сиромашно земјоделско семејство, надарено од Бога со многу деца. Се оженил доста млад и Господ му дал дечиња, но по смртта на неговата жена, свети Спиридон решил да живее исклучиво богоугоден живот и целосно се посветил на Бога.

Бил смирен по срце и благ по карактер. Целиот свој имот што го имал им го раздал на сиромасите, кои ги сакал искрено, како што заповеда Господ: хранел бедни и сиромашни, примал странци во својата куќа. Господ му помагал во неговите добри дела, каде му дарувал сила на чудесен начин да исцелува болни. Поради неговиот благочестив живот бил избран за епископ во градот Тримитунт. Научен на скромност тој и понатаму живеел како беден човек и никогаш не обрнувал внимание на неговиот надворешен изглед, без разлика на титулата –  епископ.

Свети Спиридон и понатаму си ја обработувал земјата и живеел од плодовите што ги собирал од земјоделието и тие не ги користел само за себе, туку ги делел со сиромасите. За целата оваа негова скромност, Господ го наградил со голем дар. Му дал моќ да лекува разни болести и да прави за луѓето невозможни чуда. Еднаш на островот Кипар настанало бездождие и голема суша и мноштво луѓе умирале од глад. Небото се затворило и било потребно да се јави втор Илија та со молитва да го отвори небото. Таков се покажал свети Спиридон, топло се помолил на Бога и небото веднаш се покрило со облаци и паднал голем дожд и земјата дала изобилен плод, нивите биле покриени со плодови, а овошјата на дрвјата натежнале од род. И благодарение на свети Спиридон, поради неговите молитви кон Бога, земјата се исполнила со богатство и изобилие.

По неколку години, поради гревовите на луѓето, повторно настанал глад на островот Кипар. Во тоа време во градот живеел еден житопроизводител кој го продавал житото по многу висока цена. Кај овој богаташ дошол еден сиромав човек и поклонувајќи му се го замолил да му подари малку жито, за да не умрат од глад жената и децата. Но немилосрдниот и среброљубив богаташ не сакал да се смилува над бедниот. Тој, умирајќи од глад, дошол кај свети Спиридон и низ плач му ја искажал цела мака за него и за немилосрдниот богаташ. Свети Спиридон му рекол: „Не плачи, оди си дома, бидејќи Светиот Дух ми кажува дека утре твојот дом ќе биде полн со жито, а богаташот ќе те моли и ќе ти го даде житото бесплатно“. Утредента врнело силен дожд и надојдената вода разорила многу од житниците на немилосрдниот богаташ и сето негово жито се разлеало по градските улици. Сиромашните го собирале и ги наполниле со жито своите домови. Гледајќи ја врз себе Божјата казна, бидејќи имал како резерва уште две житници, дошол кај сиромавиот и го молел за прошка и да може да собере за себе колку што сака жито без пари.

Во тоа време дошол некој земјоделец кај истиот скржавец, молејќи го да му даде на заем жито, ветувајќи му дека за време на жетвата ќе му го врати со голема камата. Иако многу житници му биле урнати од поплавата, сепак останале уште во сопственост на богатиот. За жал, тој не сакал да му даде ниту зрно жито без пари. Земјоделецот заплакал и заминал кај свети Спиридон и му ја кажал својата мака. Светителот го утешил и го упатил да си оди дома. Утредента пак дошол кај него и му дал едно големо парче злато, за да му го даде како залог за житото.

Кога завршила жетвата, а родот бил голем, отишол земјоделецот кај богатиот и го вратил житото со голема камата и го зел назад златото. Свети Спиридон го зел назад златото и заедно со земјоделецот заминал во градината, велејќи му: „Ајде, брате, со мене, заедно да Му го вратиме ова на Оној, Кој милосрдно ни го подари“. И почнувајќи да се молат, златото одеднаш почнало да придобива животна сила и почнало да се движи, претворајќи се во змија. Така, според молитвата на светителот, оваа змија била претворена во злато, та послужувајќи за извршување на добродетелта, повторно од злато се вратила во својот поранешен облик. 

Просветен од Светиот Дух, свети Спиридон ги познавал тајните помисли и прегрешенија на луѓето, гледајќи дури и во нивните срца. Ги советувал за нивните лоши замисли од што можеле да направат и лоши дела и преку совет ги одвраќал од лошото и ги приведувал кон Спасителот Христос. Уште многу големи чудеса извршил овој голем светител, воскреснал неколку мртви, а на царот Констанс, кој боледувал од неизлечива болест, му дал исцеление на болеста. Воскреснал дете, а потоа и неговата мајка, која, од радост за детето што го воскреснал свети Спиридон, умрела, но светителот се сожалил кон детето и ја воскреснал и неговата мајка.

Иако неук, но многу стар, свети Спиридон зел учество и на Првиот Вселенски собор во Никеја 325 година и со својот настап и слово ги убедил и еретиците и ги обратил во вистинската вера Христова. Бидејќи тој имал голема земна мудрост, во него дејствувал Светиот Дух. Затоа неговите прости зборови силно дејствувале врз еретиците и тие ја разбрале вистината и со тоа Ариевото лажно учење било разбиено.

Прославен со многу чудеса, кои биле знаци за преголемата љубов кон Божјата милост, свети Спиридон остарел и им кажал на верниците дека дошло време да замине кај Господа и им давал совети на своите сакани богоследбеници и ближни да Го сакаат Господа. И така го завршил својот земен живот во 348 година. Го погребале во градот Тримитунт. На неговиот гроб, кога доаѓале верниците, биле сведоци на многу чудеса кои се случувале пред нив. Во VII век неговите свети мошти се пренесени во Цариград, а по паѓањето на градот под турско ропство, моштите се пренесени во градот Керкира на островот Крф. Неговото тело и денес е сè уште цело и нераспадливо (со постојана температура од 36,5 степени, како кај жив човек), што е најголемо чудо над сите чуда, бидејќи знаеме дека се упокоил во IV век. И не само тоа, туку на неговиот гроб и денес се случуваат многубројни чудеса во слава на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин!

Неколку чуда на свети Спиридон

Едно од најголемите чуда на светителот е, кога ја воскреснал неговата умрена ќерка, за да каже каде се парите кои ѝ ги доверила некоја жена на чување, и таа станала, кажала каде се парите, и пак заспала во вечен сон. Исто така воскреснал некое мало дете, а мајката од шок умрела, па после и нејзе ја воскреснал.

Додека служел Литургија бил опкружен од ангели, и кога ќе кажел „мир на сите“, ангелите одговарале „и на твојот дух“.

Во 1630 година се појавила страшна чума на островот Крф, која била многу заразна и смртоносна. Продавниците не работеле, пазарот бил празен, масовните гробници биле преполни. Верниот народ немал друга надеж ни утеха, освен светиот Спиридон, па секој ден оделе во храмот и со солзи го молеле да ги избави од чумата. И чудото не задоцнило, и во март, на празникот Цветници веќе немало болни. Оттогаш секоја година се прави литија со неговите свети мошти, во спомен на ова чудо.

После 40 години, во 1673 пак се појавила смртоносна чума, и повторно по молитвите на свети Спиридон чумата престанала да се шири. Верниците на врвот од храмот ноќе го гледале светителот како се бори со мрачна сила.

Молитва кон светиот Спиридон Тримитунтски

О, велики и пречуден светителу Христов и чудотворче Спиридоне, Керкирска пофалбо, пресветол светилнику на сета вселена, срдечен молитвенику пред Бога и застапниче на сите оние, кои со вера притекнуваат кон тебе! Ти верата Православна на Никејскиот Собор меѓу отците преславно си ја објаснил, ти единството на Света Троица со чудесна сила си го покажал и еретиците до крај си ги посрамил. Послушај нѐ нас, грешните, светителу Христов, кои ти се молиме, и со твоето моќно застапништво пред Господа избави нѐ од секаква зла состојба: од глад, потоп, оган и смртоносни рани. Зашто ти, за време на својот земен живот од сите несреќи си ги избавувал  твоите луѓе: од нападите на неверниците и од глад твојата земја си ја сочувал, царот од неизлечива болест си го исцелил и многу грешници кон покајание си ги привел, а заради светоста на твојот живот ангелите невидливо во храмот ти сослужуваа и ти пееја. Затоа Седржителот Христос те прослави тебе, своето верно чедо, да можеш да ги разбираш сите тајни човечки дејства и да ги разобличуваш оние, кои живеат неправедно. На многумина, кои живееле во немоќ и сиромаштија, ти усрдно си им помогнал, бедните за време на гладот изобилно си ги нахранил и други безбројни чуда со силата на Божјиот Дух, Кој живеел во тебе, си направил. Не оставај нѐ сега и нас, светителу Христов, спомни нѐ нас, своите чеда, пред престолот на Седржителот и моли Го Господа да ни даде прошка за нашите безбројни гревови, да ни дарува сигурен и мирен живот, непосрамен и блажен крај на нашиот живот, а во идниот век да нѐ удостои постојано да Му вознесуваме слава и благодарност на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега, секогаш и во сите векови. Амин!

Подготвил и превел: Свештеник Јани Мулев

Не кради, сподели:

One thought on “Свети Спиридон Тримитунтски Чудотворец

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *