Во времето на египетскиот цар Птоломеј Филаделф овој Симеон беше избран како еден од прочуените Седумдесетмина на коишто им беше доверена работата на преведување на Библијата од еврејски на грчки јазик. Симеон ја работеше својата работа совесно, но кога го преведуваше Пророкот Исаија и дојде до пророштвото: „Ете девица ќе зачне и ќе роди син“, тој се збуни, зеде нож за да го избрише зборот „девица“ и да го замени со „млада жена“ и така да го преведе на грчки. Но во тој миг му се јави ангел Божји и го задржа од неговата намера, објаснувајќи му дека пророштвото е вистинито и дека запишаното е точно. А дека е вистинито и точно, му кажа Божјиот известител дека ќе се увери и самиот, зашто по Божја волја нема да умре дури не Го види Месијата роден од девојка. Праведниот Симеон му се израдува на ваквиот глас од небото, го остави пророштвото неизменето и Му заблагодари на Бога што го удостојува да доживее да Го види Ветениот. Кога Исус како Младенец наполни четириесет денови од раѓањето, беше донесен во ерусалимскиот храм од Дева Марија, а за ова Духот Божји му јави на старецот Симеон, кој тогаш беше престарен и бел како лебед. Симеон брзо отиде во храмот и таму Ја препозна Дева со Младенецот, според светлината што зрачеше од нив како ореол. Радосен старецот Го зеде Христа на своите раце и Го замоли Бога да го отпушти од овој живот: „Сега отпушташ го Твојот слуга, Владико, според зборовите Твои, зашто очите мои го видоа спасението Твое“. По овој настан тој се упокоил.

Овде се најде и пророчицата Ана, ќерка на Фануил, од племето на Асир, осмиот син на Јаков, којашто и самата Го позна Месијата и му Го објави на народот. Ана се беше омажила многу млада и по седум години останала вдовица. Оттогаш па до крајот на животот живееше сама, како монахиња, без да стапи повторно во брак. Нејзина утеха беа молитвите, постот, читањето на свештените книги, човекољубието и постојаното присуство во храмот на сите молитви. Поради овој начин на живот Светиот Дух ѝ даде на Ана пророчки дар. Се удостои да доживее осумдесет и четири години кога го виде исполнувањето на пророштвото за раѓањето на Спасителот Христос. Нејзиното срце се прерадува кога го виде новородениот Спасител па оваа радост им ја соопшти на сите луѓе од градот, кои го очекуваа Спасителот.
Моштите на свети Симеон
Гробот на свети Симеон се наоѓа во Ерусалим, а моштите веројатно биле во Сирија, па околу 565 година мошите на свети Симеон од Сирија биле пренесени во Константинопол, каде што останале сѐ до 1203, кога биле однесени во Венеција. Според локалните преданија, додека мермерниот кивот со моштите бил носен кон Венеција, во близина на Задар бродот бил зафатен од страшна бура, па морал да се укотви кај Задар, бидејќи бил и оштетен. Богатиот сопственик успеал да го скрие ковчегот на гробиштата каде тајно го закопал. Но, во тие денови тој тешко се разболел и бил лекуван од монасите во манастирот. Вечерта монасите имале видение во кое им било откриено каде е закопан кивотот, па отишле и го откопале, и моштите биле положени во богородичната црква во Задар (Велика Господа). Во 1632 биле пренесени во новоосветената црква на Свети Стефан Првомаченик, која станала позната како светилиште на Свети Симеон Праведниот. Оттогаш свети Симеон е закрилник на градот Задар.

Во 2007 година Архиепископот на Задар и Ерусалимскиот Патријарх се договориле дел од моштите да бидат пренесени во Ерусалим, каде што се наоѓа и гробот на свети Симеон, бидејќи таму одат многу поклоници, па да имаат и тие прилика да се поклонат на неговите свети мошти. На 7 октомври 2010 беше однесен мал кивот со дел од неговите свети мошти и беше положен во манастирот Катамон во Ерусалим, кој е изграден на местото каде што бил домот и гробот на свети Симеон.
Превод од англиски јазик: Свештеник Јани Мулев