Свети Сава Нови Калимноски (+1948)

Loading

Оваа новојавена ѕвезда на Црквата се роди во 1862 година во сиромашно семејство во Источна Тракија. Уште од детска возраст, читањето на Житијата на светите запали во неговото срце копнеж за монашки живот; но неговите родители имаат други планови: го обврзаа да го прекине школувањето на 12-годишна возраст и да го преземе раководењето со еден дуќан. И покрај молбите од неговата мајка, која му велеше: „Ако се замонашиш, ќе умрам!“, еден ден замина и „како срната што трча кон водните извори“ (Пс. 41, 1), стигна во скитот на Света Ана на Света Гора. Младиот искушеник покажа голема покорност и потполно послушание. Еден ден неговите браќа монаси му дадоа да јаде варена леблебија, но без благослов од неговиот старец. Тогаш виде еден демон како стои пред него, го исмева и му вели триумфално: „Те измамив!“ Дванаесет години подоцна (1887), отиде на поклонение на Светите Места, и откако се поклони на светите места, стапи во братството на манастирот на Свети Георгиј Хозевит, во близина на реката Јордан, каде што стана монах во 1890 година. По вториот престој во скитот на Света Ана, со цел да се усоврши во иконописот, беше ракоположен за свештеник во служеше една година во Патријаршиската школа во Ерусалим. Во 1907 година можеше да се повлече во пештерата на скитот на манастирот Хозева, за да се предаде на исихастички живот. Единствена негова занимација беше молитвата и иконописот; јадеше само една лажица варена пченица во денот и пиеше малку вода од соседната дождовна река. Поради закани од муслиманите, кои ги ограбуваа и пљачкосуваа местата каде што живееја христијани, мораше да се врати во Грција (1916) и, откако престојуваше на Патмос и на други места, се врати на Атос.

Еден ден, кога се наоѓаше во Атина за да обезбеди материјали за иконопис, го информираа дека го барал митрополитот Пентаполски Нектариј. Веднаш отиде на Егина и остана во служба на свети Нектариј сѐ до неговата блажена смрт. Општењето со овој блескав светител од нашето време придонесе во дополнувањето на духовното обучување на подвижникот Сава, којшто беше поучен од трпението на светителот во искушенијата, неговото смиреноумие, отечки совети како и од неговиот преподобен крај, кој беше проследен од чудеса.

После неговото чесно успение, остана извесен период на Егина, во една ќелија во близина на манастирот, како свештенослужител на сестринството, исто така поучувајќи ги монахињите на иконопис и византиско пеење. Еднаш, откако излезе од ќелијата после четириесет денови доброволна изолација, ја покажа првата икона на свети Нектариј и со храброст ѝ заповедаше на игуманијата на манастирот, и покрај нејзините човечки колебања, да ја стави во храмот за поклонение. Толку совршено беше известен од Бога за несомнената светост на неговиот светител.

Реката од посетители на манастирот Света Троица за него беше пречка за тихувањето, кое го сметаше за непроценливо богатство, па смирениот Сава замина повторно и се повлече во манастирот на Сите Светии на Калимнос (1926).

Таму изгради мала колиба, малку повисоко од манастирот, точно на местото каде што предвидел ктиторот на манастирот пред да се упокои неколку години претходно. Дваесет и две години, преподобниот Сава редовно ги извршуваше богослуженијата, ги исповедаше монахињите и го просветуваше народот, грижејќи се особено за вдовиците, сиромашните и сираците. Се хранеше од мали парчиња нафора натопени во вода или чај од рузмарин. Кога се стемнуваше, откако цел ден сликаше икони или исповедаше, често пати го земаше токмакот и кршеше камења, како што велеше, за да не јаде без да работи нешто. Најмногу два часа се предаваше на сонот во неговата ќелија, седнат на столче без потпирач. Останатото време го посветуваше на Господ и на неговите браќа во Христа.

Во текот на Втората светска војна, се молеше исправен по цели ноќи, посредувајќи за народот, и, кога непријателските авиони летаа над островот, кон нивната заканувачка насока го правеше знакот на крстот.

Иако над сѐ ја сакаше неговата пријателка – тихувањето, иташе секогаш кога го повикуваа да утеши страдалници и за да ги направи учесници во неговата огнена љубов кон Христа.

Исповедаше со часови, плачејќи поради беззаконијата на неговите духовни чеда и водејќи ги во радоста на спасението. Кога се молеше, во храмот или во неговата ќелија, местото се исполнуваше со неописливо благоухание кое се простираше насекаде. Истото благоухание уште излегува од гробот на светителот.

Сосема туѓ на економските грижи, имаше како начало никогаш да не остава парите да преноќат под неговиот покрив и веднаш раздаваше сѐ што му даваа за иконите кои ги изработуваше или за некое молитвословие кое го извршуваше. На работниците кои работеа во неговата колиба, секогаш им велеше самите да си земат плата од фиоката каде што хаотично ги фрлаше сите пари кои ги добиваше, но не ги заштедуваше.

При крајот на неговиот земски престој, преподобниот Сава навлезе во состојба на силно созерцание и умиление и се повлече три часа без да види апсолутно никого. Потоа ги даде последните совети за неговата љубов кон Христа и за послушанието кон Неговите заповеди и, добивајќи одеднаш сила, тропна со рацете повторувајќи како едно незлобиво дете на Царството Божјо: „Господ! Господ! Господ! Господ!“ Тогаш една монахиња ја виде душата на светителот како заминува кон небесата на златен облак, придружуван од небесни химни (7 април 1948 година).

Кога беше отворен неговиот гроб во 1957 година, во цела околина се рашири благоухание сѐ до краиштата на градот. Овој божествен настан беше поздравен со биењето на камбаните од манастирот како и од сите храмови во Калимнос. Многубројни чудеса се извршија тогаш, се разбира и уште се случуваат кај неговиот блажен гроб, поради жителите на островот, и на благочестивите поклоници кои доаѓаат од далеку за да добијат со вера благослов и благодат од светителот. Неговата чест беше официјално признаена во 1992 година од страна на Вселенската Патријаршија. Едноставен, смирен и скришно живеејќи, подвижник и човек на молитвата според мерата на древните отци, преподобниот наш отец Сава, сочинува совршена икона за вистински монах и возвишен служител на Господа, непроменлив во вековите. Во едно малкуте негови текстови вели: „Монах е оној којшто тагува и плаче за своите гревови и не се труди да размислува за туѓите гревови, ниту некого осудува, ниту се гневи на некого, но со благодарност ја поднесува секоја штета и презир кон него, за да има утеха од Бога, небесниот Судија и Отец на сите“.

(Од житијата на о. Макариј Симонопетритски, месец април.)

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев       

Православна светлина бр. 71

Не кради, сподели:

2 thoughts on “Свети Сава Нови Калимноски (+1948)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *