
Светиот Николај е роден при крајот на третиот век, во градот Патара, во областа Ликија, од побожни родители Теофан и Нона, од кои уште како дете се учел на побожност и чист живот. По смртта на неговите родители го раздал својот голем имот на сиромаси и станал монах, следејќи го примерот на неговиот чичко Николај, кој бил епископ Патарски. Потоа бил избран и за епископ на градот Мира во Ликија. Чувајќи се во анонимност правел многу милосрдни дела, им давал пари на бедните, преку неговите молитви се исцелувале болни од тешки болести, неправедно осудените ги ослободувал од затвор, а како учесник на Првиот вселенски собор ја посрамотил ереста на Ариј, удирајќи му шамар по устата, за да престане со ширење на лажни учења. Поради овој скандал отците од Соборот му го одзеле чинот, но по чудесното видение, како Самиот Господ и Пресвета Богородица му го враќаат владичкиот омофор, отците сфатиле дека свети Николај од голема ревност за чистотата на верата така постапил, а не од омраза или гнев, и затоа пак бил вратен помеѓу архиереите. Се упокоил во 343 година. Иако се упокоил уште пред 1677 години, тој е сѐ уште жив пред Бога, и му помага на верниот народ кој со вера и побожност му се обраќа и го слави неговиот празник. Гледате на фреските колку светители се насликани и ниту еден светител не е со рацете во џеб, или позади, или со скрстени раце или нозе, туку сите се претставени во некаква активна положба, како да се подготвени да дејствуваат. Такви се нашите светители, неуморно се молат за нас, неуморно помагаат, а наша должност и благодарност кон нив е да го следиме нивниот пример, да живееме православен духовен живот.
Во денешното четиво од Посланието на светиот апостол Павле до Евреите, слушнавме за тоа, какви треба да бидат пастирите на Црквата Божја и каков однос треба да имаме и ние кон нив. „Покорувајте им се на наставниците ваши и бидете послушни, оти тие, бидејќи се задолжени да одговараат, бдеат за вашите души“. Добрите пастири се повикани да бдеат за своите духовни чеда кои Бог им ги доверил, да ги хранат духовно, да ги воспитуваат, да се молат за нив, да ги запазуваат од гревови, а особено од еретички влијанија, од секташки собиралишта. Таков пастир бил и светиот Николај, којшто ноќе, додека сите спиеле, тој станувал и им носел милостина на оние кои имале потреба.
Во продолжението на апостолското четиво светиот апостол им вели на верниците: „Молете се за пастирите, та со радост да го вршат тоа дело, а не со воздишки“. Во ова модерно време на луда демократија, секој станува критичар на секого, оние кои никогаш работа не фатиле ги критикуваат грешките на оние кои навистина посветено работат, необразованите ги критикуваат образованите, ставајќи се над нив, па и за свештениците на секој празник има многу медиумски критики, и тоа најмногу од оние кои немаат никакви допирни точки со верата и Светата Црква, па поради ова самите свештеници ја губат ревноста за проповед и радоста во богослужењето. Ние кои се сметаме христијани, барем ние да не правиме така. И најдобриот фудбалер, ако цела публика свири и урла против него, ќе ја изгуби силата и волјата и ќе промаши. Ако едно дете постојано е подложено на укори и критики, никогаш ништо нема да постигне во животот. Истото се случува и со свештениците. Наместо критика, нам ни требаат повеќе молитви, ваша поддршка, ваша соработка. Ако се молите со цело срце за вашите свештеници, јас ве уверувам дека Бог така ќе устрои, та за неколку години ќе се покажат плодовите од вашите молитви. И ние ќе се поправиме, а и вашите деца и внуци, кога ќе видат колку љубов и почит имате кон свештениците, и тие ќе станат свештеници, и тоа не било какви, туку посветени и свети свештеници, токму какви што ѝ се потребни на Црквата.
Оние кои, сепак, ќе одлучат да ги критикуваат и понижуваат свештенослужителите на Светата Црква, нека имаат предвид дека и светиот Николај беше ист таков свештенослужител, и кога тој би служел денес тука, и за него истото би го мислеле и зборувале.
По молитвите на најголемиот и најпочитуван светител во целиот свет, неуморниот молитвеник и чудотворец светиот Николај, Бог да ни даде покајание и ревност за неизвалкана вера и православен духовен живот. Амин.
Свештеник Јани Мулев