Светиот Јован Монемвасиски и Богородичниот пост

Loading

(+21 октомври 1773)

Светиот Јован потекнува од Монемвасија. Неговиот татко – свештеник потекнувал од селото Гераки, но бил поставен за парохиски свештеник во соседното село Гувес, од каде што потекнувала неговата попадија, и Јован таму се родил во 1758. Уште од мал го следел примерот на неговиот татко – свештеник, и му помагал во богослужбите. И со однесувањето никогаш не го срамел својот татко.

Во 1770 бандите на албанскиот Хаџи Осман, стигнале во нивното село, го убиле таткото на Јован, и ги одвеле во ропство младиот Јован и неговата мајка попадија во Лариса. Биле продадени кај некој Турчин од Солун кој немал деца. Бидејќи Јован бил убав и многу паметен, со многу таленти, Турчинот посакал да го посини, но откако ќе се потурчи. Најпрво со ласкања, со ветувања, но откако тој не попуштал, велејќи дека е син на свештеник, и дека поскоро сака да умре како христијанин, отколку да го посрамоти својот татко и да ја смени верата, тогаш Тучинот почнал да го измачува. Кога видел дека Јован пости, бидејќи тоа било за време на Богородичните пости, Турчинот го затворил во една штала и го измачувал со глад. Му нудел да јаде месо, за да го наруши постот, а младиот Јован никако не сакал да вкуси, поскоро би гладувал, отколку да го наруши светиот пост. Најпосле Турчинот ја натерал и неговата мајка – попадија да оди и да го моли да го наруши постот. Но, Јован и нејзе ја изобличил за таквото понижување на својата вера, и никако не сакал да попушти, иако бил премногу истоштен. Кога не помогнале убедувањата, Турчинот испратил луѓе да го тепаат и да го измачуваат, за да го предомислат. Но Јован останал цврст како дијамант. Ова траело речиси два месеци. Најпосле Турчинот, здивен од гнев, го прободел младиот Јован во срцето и тој ја предал својата праведна и чиста душа во рацете Божји на 21 октомври 1773 година, кога имал само 15 години! При неговата смрт жителите на Лариса гледале светлина од небото како се спушта врз маченикот. Турчинот го фрлил телото во некоја нива за да го јадат кучињата, но тие не го јаделе, туку го чувале. Телото останало на земја како блескав бисер. Митрополитот на Лариса откако дознал за маченичката смрт, побарал од Турчинот да го земе телото на маченикот и да го погребе на христијански начин. По три години биле извадени неговите мошти од гробот, и според неговата последна желба, ги зела неговата мајка и ги однела во родното место. Таму ги оставила во куќата на нејзиниот брат, а таму веднаш почнале да благоухаат и да творат чуда. Па така ги ставиле во храмот, а парчиња од неговите мошти биле испратени и во други градови и епархии, каде што биле изградени храмови во негова чест. Животот и страдањето на светиот Јован Монемвасиски нека им бидат за поука на сите кои од мрзливост не сакаат да го постат Богородичниот пост, како и сите други пости.

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *