Великиот и најпознат руски свет свештеник, отецот Јован Сергиев (Кронштадски), роден е на 19 октомври 1829, од татко Илија Михајлович и Феодора Власиевна Сергиеви. Потекнува од свештеничко семејство, кое повеќе од 350 години давало свештеници, а токму неговиот татко ја прекинал таа традиција, но сепак, пеел во црква. Од таква свештена лоза и осветено семејство се родил малиот Јован. Во детството бил слаб, со кревко здравје, особено го измачувало тоа што не можел со леснотија да учи на училиште. Затоа, искрено, како што знаел, Му се обратил на Бога и Го молел да му помогне во учењето. И молитвата му била услишана, па така, од најслаб ученик, станал најдобар во основно образование, па потоа и во Духовната семинарија и на Петербуршката Духовна академија. По завршувањето на богословското образование, размислува да стане монах, но во него горела желбата за пастирско беспоштедно служење, па затоа стапува во брак со младата Елисавета, која била ќерка на свештеник. Нивниот брак бил повеќе фиктивен, отколку реален, затоа што тој веднаш ѝ кажал дека сака да живее во брак како монах, како брат и сестра – редок и тежок подвиг, кој успеал да го одржи до крајот на својот живот. Во една прилика попадијата се пожалила кај нивниот владика дека тој не сака да живее брачен живот, и владиката го повикал, и заканувачки го терал да води брачен живот, затоа што во тоа нема ништо спорно. Отецот Јован си останал на својот подвиг, а владиката ослепел, и кога сфатил зошто му се случило тоа, го повикал отецот, побарал прошка и го замолил да се помоли за него, па дури потоа видот му се вратил.

Бил ракоположен за свештеник и поставен во градот Кронштад, според кој и го добил своето препознатливо презиме – Кронштадски. Како млад свештеник во овој град, веднаш забележал дека луѓето се многу сиромашни, дека живеат во бедни услови, и згора на тоа, страдаат од пијанство. Тој, без да се штеди, секој ден одел во разни куќи, ги утешувал, ги советувал, им помагал, им давал сѐ што имал, па често се случувало да си дојде дома буквално без своите чевли. И токму тие сиромашни жители на Кронштад први ја забележале неговата светост.
Уште тогаш, како млад свештеник, Бог го дарувал со дар на чудотворство, па по неговите молитви многумина се исцелувале. Тогаш започнува нова фаза во неговиот живот, многумина од сите краишта на Русија доаѓаат кај него за благослов, за молитва, многумина му даваат огромни суми на пари на рака, а тој веднаш ги давал на други луѓе, кои имале многу повеќе потреба од тие пари, без да знае за колкава сума станува збор.
Неговиот ден започнувал во 3 часот после полноќ, најпрво се подготвувал за служење на Литургија, па потоа во 4 часот излегувал од дома и одел во храмот, на утрена, која самиот ја служел, па потоа ја почнувал Божествената Литургија. Храмот во кој служел наскоро се наполнил со луѓе од сите страни на Русија, кои со покајание и ревност за молитва, доаѓале да учествуваат во Литургијата што ја служел овој свет отец. Се случувало во храмот да дојдат и по 5000 луѓе, и додека да се причестат сите, службата завршувала дури во 12 часот на пладне.
Животот го поминал со многу борби, многу искушенија, многу подвизи, но и покрај сето тоа наоѓал време да пишува, да одговара на писма, да проповеда, да ги запишува сите мисли кои му доаѓале во умот после неговите долги молитви. Со неговиот пастирски благослов многумина заминале во манастир, многумина се угледале на него и го продолжиле неговото пастирско дело, многумина се посветиле на Бога и во тајност живееле преподобен живот.

На 9 декември 1908 година ја отслужил последната Божествена Литургија, а утрото на 20 декември тивко ја предал својата праведна душа во рацете на Господ. Бил погребан во од него основаниот женски Јовановски манастир на реката Карповка во Петербург. Бил прославен во хоровите на светителите за првпат на 1 ноември 1964 година од страна на Руската задгранична црква, а потоа на 8 јуни 1990 од страна на Руската православна црква. Неговиот свет спомен се слави на 20 дек./02 јануари. Во Македонија имаме две книги за овој духовен великан. Првата е од Алла Селаври, „Свети Јован Кронштадски, духовен отец на Русија“ (истрошено издание на Повардарската епархија“), и во поново време „Господи, името Ти е Љубов“, исто така издание на Повардарската епархија.
По неговите свети молитви, Господи Исусе Христе, помилуј нѐ и спаси нѐ.
Тропар, глас 1: Поборнику на православната вера, трудбенику на руската земја, правило на пастирите и пример на верните, проповедник на покајанието и животот во Христа, побожен служителу на Божествените таинства и храбар молитвеник за луѓето, отче праведен Јоване, исцелителу и чудесен чудотворче, на градот Кронштат слава и украс на нашата Црква, моли Го седобриот Бог, да го смири светот и да ги спаси нашите души.
Свештеник Јани Мулев