Најголемиот и најпознат романски богослов и догматичар на XX век, отец Думитру Станилоае, е роден на 17 ноември 1903 година, во едно од планинските села на Трансилванија, во близина на Брашов. Неговите родители Јеремија и Ревека биле православни христијани со голема вера и побожност. Неговата мајка во сон видела како шие свештенички одежди за нејзиниот најмал син Думитру, и сфатила дека тоа е еден вид знак и пророштво дека нејзиниот син ќе стане свештеник, како што и се случило подоцна.

Во тоа време животот на сите луѓе бил тесно поврзан со Црквата, со локалниот храм. Невозможно било да живееш некаков живот далеку од Црквата, надвор од Литургијата. Црквата била стожер на народниот живот, сиот народ се чувствувал како дел од Црквата. Со овие спомени од животот во неговото село, од црквата и сите случувања околу неа, отец Думитру цел живот си спомнувал со голема носталгија.
Кога дошло ред да размислува за студирање, сакал да студира Философија, но неговата мајка и нејзиниот чичко-свештеник го убедиле да се запише на Теологија, па така се запишал на Богословскиот факултет во Черновци, каде што се запознал со Трансилванскиот митрополит Николае Балан, кој му предложил стипендија и извршил големо влијание врз духовното градење на отец Думитру.
Но, отец Думитру на факултетот се соочил со огромен јаз помеѓу богословското образование и животот во црквата што тој од дете го знаел, и сфатил дека тоа е академско, рационалистичко богословие, туѓо на православниот етос. Решил да се префрли на Филологија во Букурешт, но средбата со владиката Николае Балан го предомислила, па го завршил факулетот во 1927, и од таму научил единствено длабоко да истражува во Теологијата.
Следната година митрополитот го испратил во Атина да го изучува грчкиот јазик, за да може изворно да ги истражува светите отци, а таму го спремил и докторатот. Потоа заминал во Германија, каде што се посветил на изучување на историјата на Византија. Таму го запознал делото и учењето на свети Григориј Палама што му дало нов правец во животот.
Во 1929 бил поставен за доцент на катедрата по догматика на Богословската академија во Сибиу, каде што останал да предава 17 години догматика, апологетика, пастирско богословие и грчки јазик. Во 1935 станал професор, а во 1936 станал ректор во Сибиу, каде што останал сѐ до 1946, кога околностите го принудиле да замине во Букурешт.
Во 1930 година тој се оженил за Марија, која му станала презвитера и животна сопатничка цели 63 години (во март 1993 година таа се упокоила). За неа велел дека таа многу повеќе се моли од него.
Започнал голема преведувачка дејност, најпрво превел три трактати од свети Григориј Палама, а потоа се зафатил со романски превод на Добротољубието, кое излегло етапно во 12 томови. Во тој период започнува духовна обнова на Романија предводена од здрави и свети духовници, а еден од нив, преподобниот Арсениј Бока од Прислоп, во тој период се зближил со отец Думитру и почнала голема соработка меѓу нив.
Додека живеел во Букурешт се вклучил во православното исихастичко движење „Капина која гори“, во кое членувале многу значајни духовници и богослови, како и голем дел од романската интелигенција која била воодушевена од обновата на духовниот живот во Романија. Но, ова движење станало сомнително и опасно за власта, па затоа започнале со прогони и апсења на припадниците, па така отец Думитру завршил во затвор на 4 септември 1958 година. Во затворот се утврдил во верата уште повеќе бидејќи видел силни сведоштва од затворените свештеници, монаси и верници. Се смета дека биле затворени 500 свештеници. После 5 години бил ослободен на 15 јануари 1963 година.
Во 1965 бил вратен на Факултетот во Букурешт, како професор и ментор на докторандите. Во 1973 отишол во пензија, но од тој период започнува нова ептапа во неговото богословско служење. Во тој период ги подготвил и издал останатите томови на Добротољубието. Но, најзначајно негово дело се трите тома од Догматиката, кои се дело не на неговото рационално знаење, туку од опитот од заедницата со Бога, производ на неговата соработка со Божјата благодат.

Во наредните години ги објавил неговите дела: „Бесмртниот лик на Бога“, „Евангелскиот лик на Исуса Христа“, „Исус Христос, светлина на светот, Кој го обожува човекот“, „Исус Христос во Посланијата на апостолите и кај оние кои ѝ пристапуваат на верата“ и уште многу други.
Веќе во длабока старост отец Думитру добил рак во стомакот, па со многу болки го повикал неговиот духовник, отец Софијан Богиу (кој беше канонизиран во 2025 година), за да го исповеда, и по некое време замина кај Неговиот возљубен Христос. Пред смртта се удостоил да биде посетен од Пресвета Богородица заедно со повеќе светители. Се упокои на 5 октомври 1993 година на возраст од 90 години и беше погребан во манастирот Черника. На 5 ноември 2025 е канонизиран и приброен меѓу хоровите на светителите. Неговиот свет спомен ќе се слави на 5 ноември.
По неговите свети молитви, Господи Исусе Христе, испрати ни добри пастири и здрави духовни водачи. Амин.
Тропар глас 5: Со тројниот венец си украсен, отче, на свештенството, исповедништвото и на богословието, блескаш како сонцето, учејќи нѐ да ја почитуваме едносуштната Троица, пред Неа, свети Думитру, секогаш спомнувај нѐ.
Подготвил и превел: Свештеник Јани Мулев
One thought on “Светиот и праведен отец Думитру (Димитриј) Станилоае”