Света маченичка Екатерина Александриска

Loading

(7 Декември)

Света великомаченичка Екатерина Александриска, Света великомаченичка Екатерина од Александрија била ќерка на царот на александриски Египет, Конста, за време на владеењето на императорот Максенциј (305-313г.) и пострадала за Бога во 305г. Нејзиниот спомен се празнува на 24 ноември кај словенските народи, а Грчката Православна црква го празнува на 25 ноември.

Живеејќи во главниот град, кој воедно бил и центарот на еленизмот, света Екатерина била обдарена со голема убавина и познавање на грчката философија, медицината, реториката и логиката. Сите млади мажи од околината, како и од потесното царско семејство ја посакувале нејзината рака, но таа ниту еден од нив не го избрала. Таа им ветила на нејзините родители дека е согласна да се омажи само со оној маж, кој би бил пославен, побогат, поубав и помудар од неа.

Нејзината мајка, потајна христијанка, ја испратила да се советува со нејзиниот духовен отец – свет молитвен старец, којшто живеел во пештерите недалеку од градот. Откако ја ислушал, старецот ѝ објаснил дека тој познава некое Момче Кое во сè било подобро од неа, така што „Неговата убавина е посјајна од сончевите зраци, Неговата мудрост владее со сè што е создадено, Неговите богатства се распостелени насекаде по земјата – и сето тоа не се намалува, туку на некој начин како повеќе да придонесува за Неговиот престиж над сите“. Тогаш Екатерина го прашала, дали може да го види Тоа Момче? Старецот ѝ рекол дека ќе го види Момчето доколку ги исполни неговите заповеди. Овие зборови ја отвориле душата на младата девица и таа посакала да Го види Оној Кој во сè е поголем од неа. Вистината, по која таа многу копнеела, старецот ја кажал пред неа. На заминување, добила икона со Пресвета Богородица и Христос. „Тука е изобразена Мајката на Тоа Момче, за Кого што ти зборував. Нејзиното име е Дева Марија. Помоли ја со вера, и јас се надевам дека ќе ја исполни твојата желба, и ти ќе го видиш лицето на нејзиниот Син“.

Света Екатерина се молела цела вечер, и нејзините прозби биле услишани, и ѝ се јавила Пресвета Богородица, како Го испраќала Сина си да погледне на коленичењето на оваа млада девојка пред Него. Но Детето ја свртело главата да не ја гледа Екатерина, велејќи дека таа не е убава, дека нејзините предци се недостојни, дека изгледа како луд просјак – неизмиена со водата на Светото Крштение и незапечатена со печатот на Светиот Дух. Натажена, светата великомаченичка се вратила кај старецот. Тој ја примил со голема љубов, ја поучил на правата вера и ја предупредил да ја чува својата чистота и да се моли постојано. Потоа ја покрстил. И уште еднаш света Екатерина имала визија со Пресвета Богородица и Христос. Но овој пат Господ нежно погледнал на неа, давајќи ѝ прстен – чудесен подарок за небесен брак. Во тој момент таа совршено се изменила. Повеќе не мислела за ништо земно и нејзината душа била исполнета со Божествената љубов, односно, таа мислела само на нејзиниот небесен Вереник. Тој прстен и денес стои на нејзината рака.

Во тоа време и самиот цар Максенциј бил во Александрија, за прославата на некој пагански празник. Поради тоа прославата била раскошна и многу луѓе биле дојдени. Плачот на жртвените животни, огромните огнови и големата толпа ја исполнила Александрија. Биле донесени и човечки жртви, и тоа христијани кои не се откажувале од Христовото име. Гледајќи ја оваа неправда, исполнета со љубов и вера, Екатерина отишла кај жрецот и царот. Се претставила, ја исповедала својата вера во единствениот Бог и ги разобличила заблудите на паганите. Нејзината убавина го пленила царот. Со цел да ја убеди дека греши, но и за да ја присвои за себе, царот повикал педесетмина мудри луѓе да се препираат со неа за верата и да ја посрамат. Но Екатерина ги надмудрила нив и ги посрамила. Разјарен, царот наредил сите педесетмина мудреци да се изгорат во оган. По молитвите на света Екатерина сите овие мудреци пред смртта го исповедале името Христово и се објавиле себеси за христијани. Максенциј, кога го видел ова, изгубил надеж дека ќе ја убеди да ја смени верата. Затоа почнал да ја убедува да ги прифати неговите ветувања за богатства и слава. Но, откако примил остро одбивање, ја фрлил во затворот. Кога оваа маченичка била во затворот, го привела кон верата војводата Порфириј со двеста војници, а ја обратила кон Христа и самата царица (Августа-Василиса), којашто била восхитена од благодатта која сјаела од нејзиното лице. Сите пострадале за Христа. При мачењето на света Екатерина ѝ се јавил ангел Божји, го запрел и го искршил тркалото на коешто била мачена, а потоа ѝ се јавил Самиот Господ Христос и ја утешил. По многу мачења ја убиле со меч во нејзината осумнаесетта година, на 24 ноември 305 година. Од нејзиното тело истекло млеко наместо крв. Пред својата смрт света Екатерина се молела со зборовите: „Господи Исусе Христе, Ти благодарам, што си ги поставил моите нозе врз каменот на трпението и си ми го покажал вистинскиот пат! Рашири ги Твоите пречисти раце, ранети на крстот и прими ја мојата душа, којашто Ти ја принесувам како жртва на мојата љубов! Спомни си, Господи, за човечката немоќ и прости ми ги моите гревови, извршени поради незнаење – нека ги измие мојата крв, којашто јас ја пролевам заради Твоето име! Господи, направи го моето тело, коешто ќе биде исечено со меч, да остане невидено од моите непријатели и гонители! Господи, погледни од Твојата височина и просвети ги луѓето коишто стојат тука со светлината на Твоето познавање! Покажи ја Твојата милост кон оние коишто ќе се преобратат преку мојата смрт, да ја воспеваат Твојата величина во вечни векови – Амин!“ Преданието вели дека свети ангели го зеле нејзиното тело и го однеле на Синајската планина.

Чудотворните мошти на света Екатерина почиваат на Синај, во манастирот изграден од светиот цар Јустинијан. По повеќе од два века од смртта на света Екатерина, браќата од Синајската обител ја нашле нејзината глава и едната рака и ги принеле во истата обител, каде што и денес се наоѓаат остатокот од нејзините свети мошти (манастирот „Св. Екатерина“ во Египет). По нејзините свети молитви, Господи Исусе Христе, помилуј нѐ и спаси нѐ. Амин.

 

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *