Свештеник Јани Мулев
Во Стариот завет читаме многу интересни настани и личности, кои освен историска, имаат и духовна смисла. Па така, во Втората книга Мојсеева (2.Мојс. 17, 9-16) читаме дека Мојсеј се искачил „на врвот“ од гората, заедно со неговиот роден брат Арон и Ор, и оттаму ја гледал борбата помеѓу Израилот и Амалиќаните. Тој стоел исправен, ги кренал рацете на молитва, и во вид на крст стоел и се молел за својот народ, и додека тој стоел со кренати раце, Израилците победувале. Штом ќе ги спуштел рацете, Израилот трпел пораз. Кога се изморил од стоење, ставиле еден камен и тој седнал на каменот, а рацете му ги придржувале Ор и Арон од двете страни. И така стоел до зајдисонце. Поради застапништвото на Мојсеј, Исус Навин извојувал победа над непријателите Амалиќани.
Отците подвижници на Црквата, во ликот на Мојсеј го гледаат Самиот Спасител Христос, Кој го извел избраниот народ од ропството на Фараонот и го спасил, но исто така го гледаат и духовникот, кој го ослободува народот (секој верник) од ропството на фараонот (страстите и гревовите), го поведува низ Црвеното Море (крштението и покајничките солзи), во чиишто води ќе се удават војските на фараонот.
Во раскажувањето погоре читаме дека Мојсеј (духовникот) се искачил на врвот од високата гора, односно, духовникот треба да е на највисокото скалило од духовната лествица, како оној кој зборува со Бога лице в лице, како што човек зборува со својот пријател, како оној кој Го гледа Бога, како оној кој не само знае да говори за Бога, туку и Го знае Бога лично. Од таа најголема висина духовникот ги гледа своите духовни чеда како се борат, и се моли за нив, ги укрепува со своите молитви, и сѐ додека тој се бори, се подвизува, се моли за своите, и неговите чеда ќе ги победуваат страстите и гревовите – војските на фараонот. Но, иако духовникот може да е како Мојсеј, на највиско духовно скалило, сепак, во еден момент може и неговите раце да се уморат и да клапнат, (а што да речеме, пак, ние, кои уште во поножјето на планината се губиме и заскитуваме, плашејќи се од густата шума на искушенијата?). И тогаш што треба да направиме? По примерот на Арон и Ор, и ние духовниците треба да се поддржуваме еден со друг, да бидеме поткрепа еден на друг во тешкотиите, а и сите останати верни чеда да ги придржуваат рацете на духовникот кренати на молитва, т.е. да го поткрепуваме и ние со нашите молитви, да ја почувствуваме тежината и заморот на неговите раце, и ако не можеме да му помогнеме со молитва, со добар збор, тогаш барем да не му одмагаме со непотребни работи, да не му ставаме товар на рамењата на оној кој веќе доволно е натоварен.

Но, и да знаеме, како што вели светиот Лествичник, дека Мојсеј (духовникот) кој беше боговидец, иако беше испратен од Самиот Бог за да ги спаси оние од неговиот род, се соочи со многу опасности, кога се врати од пустината во Египет, т.е. се соочи со многу помрачувања, кога се врати во светот. И Мојсеј не можеше да поверува дека Бог од сува карпа може да направи извор на питка вода, па два пати удри со стапот, и потече вода, но поради неговото сомневање, Бог не го удостои да влезе во ветената земја.
Да си ги сакаме своите свештеници и духовници, да се молиме за нив, да се грижиме за нив и да не ги товараме со непотребни грижи, за да можат тие без умор да стојат на молитва за нас, и да се радуваат гледајќи ја нашата подвижничка борба и победи над духовниот Амалик.
Православна светлина бр. 61